Седницата на Судскиот совет презакажана за 13 часот

Седницата на Судскиот совет треба да се одржи во 13 часот. Првично таа беше закажана за 11:00 часот, а пред зградата на Судскиот совет се собрани голем број новинарски екипи и претставници на невладини организации.

Судскиот совет денеска треба да одржи седница за избор на нов претседател, откако вчера заменикот Селим Адеми во присуство на претседателката Весна Дамева, по неколку часа тензии и караници го презеде раководењето со седницата и предложи да се гласа за нејзино разрешување со кревање рака.

За разрешувањето на Дамева гласаа седум членови - Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска, по што заменик-претседателот констатира дека актуелната претседателка е разрешена и веќе не може да раководи со седницата и ја закажа денешната за избор на нов претседател.

Разрешувањето на Дамева предизвика реакции во јавноста и кај експертите во правосудството дека всушност станува збор за непочитување на процедурата.

Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка, по што нејзиниот заменик Адеми иницираше гласање за нејзина смена, а причината наводно била дека го криела писмото на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, испратено на 11 април, во кое таа изразува загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили.

Дамева по седницата оцени дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката за нејзиното разрешување ја оцени како противзаконска и дека таа е донесена за да се задоволат „одредени поединци од политиката“.

Со ставот на Дамева се согласи и невладината организација Коалиција „Сите за правично судење“ која смета дека Судскиот совет не можел да донесе одлука за нејзино разрешување од функцијата претседател, без да ја разреши од член на Советот. Коалицијата смета дека не била испочитувана процедурата, во која може да се одлучи за каква било дисциплинска одговорност на член, вклучително и на претседателот на Судски совет, како и дека одлуката била донесена со несоодветно мнозинство, односно наместо со 8, за неа гласале 7 члена, од кои еден бил и гласот на членот кој ја покренал иницијативата за разрешување.

Дарко Аврамовски од Коалицијата сите за правично судење вели дека писмото на Агелер е насочено кон повеќе чинители во правосудниот сектор, а некои очигледно и успеале да се пронајдат во тоа писмо.

- Јас се надевам дека ќе преземат нешто во врска со тоа. Што се однесува до разрешувањето на Дамева, беше изненадување и покажува дека критиките од САД имаат поголемо влијание од домашните. Како и да е, самото разрешување беше изведено на таков начин што претставува преседан, вели Аврамовски.

Според него факт е дека има нетранспарентно постапување на Судскиот совет во континуитет.

- Оттука произлегува впечатокот дека станува збор за внатрешни пресметки или надворешни влијанија во Судскиот совет со начинот на кој беше разрешена претседателката на Судскиот совет. Ниту законот, ниту подзаконските акти не дозволуваат разрешување од местото претседател на Советот без да биде разрешена и како член на Советот, вели Аврамовски.

Тој додава дека е прекршен е Деловникот на Судскиот совет.

Реагираше и Блупринт групата за реформи во правосудството, која изрази загриженост околу ескалирањето на состојбата при утврдувањето на дневниот ред на вчерашната седница на Судскиот совет.

- Ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби што ги уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судскиот совет, што значи дека не постои правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Уште повеќе, според Деловникот, тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот, укажуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството во врска со вчерашната седница на Судскиот совет на која беше разрешена претседателката Дамева.

Тие апелираат членовите на Судскиот совет на денешната седница да го преиспитаат своето постапување во конкретната ситуација и притоа да ја покажат и докажат својата непристрасност, независност во работењето и дејствувањето како членови на Судскиот совет, со што ќе ја исполнат својата уставна надлежност како гарант на самостојноста и независноста на судската власт во земјата.

Со реакција излезе и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која преку соопштение нагласи дека очекува вклученост и реакција од сите релевантни државни субјекти за случајот со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

- Имајќи ја предвид позиционираноста на Судскиот совет како највисок орган на судската власт, кој треба да се залага за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и за обезбедување на независноста на судската власт како трет столб на власта, Државната комисија изразува сериозна загриженост за случувањата на седницата на Судскиот совет, од кои во медиумите беа презентирани и видео записи, се наведува во денешното соопштението на ДКСК.

Комисијата ги потсетува лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Стопанска Триоги триатлон утре во Скопје, посебен режим на сообраќајот

Вкупно 300 учесници од шест земји се пријавени за 4. Стопанска Триоги триатлон што ќе се одржува утре во Скопје.

Триатлонот ќе почне во 8.15 часот на базенот „Борис Трајковски“. Сениори, мастерси, јуниори и рекреативци први ќе испливаат 750 метри, ќе возат 20 километри велосипед, по што ќе следува трчањето на пет километри.

Пливачкиот сегмент ќе се одржи на Базенот „Борис Трајковски", за велосипедскиот сегмент ќе се користи дел од булеварот „Илинден“, а трчањето ќе биде околу спортскиот центар.

За непречено одржување на триатлонот, од 8.15 до 12.30 часот ќе има посебен сообраќаен режим на булеварот „Илинден“, од крстосницата со булеварот „8-ми Септември“ до крстосницата со улицата „Никола Парапунов“. Ќе биде затворена и улицата околу СЦ „Борис Трајковски“. Сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

Како што информираат организаторите од клубот „Триоги рејсинг“ - Скопје, ќе се натпреваруваат триатлонци во следните категории: Сениори (2004 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Јуниори (2005-2008): 750 метри пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Кадети (2009-20011): 375м пливање, 10км велосипед, 2,5км трчање. - Деца 2 (2012-2014): 175 метри пливање, 4 километри велосипед, 1 километар трчање, Деца 1 (2015 и помлади - рекреативна категорија): 75 метри пливање, 2 километра велосипед и 500 метра трчање; - Мастерс 1 (1994-1985): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; Мастерс 2 (1984-1975): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Мастерс 3 (1974 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Тимски триатлон: Tимoвите треба да се состојат од 3 члена (барем еден учесник од машки и еден од женски пол). Секој учесник штафетно одработува по една од дисциплините на спринт дистанцата: 750м пливање, 20км велосипед или 5км трчање.

Стопанска Триоги триатлон се реализира со техничка соработка со македонската Триатлон федерација. /MИА

Светски ден на ретката болест порфирија

Свест што поттикнува акција за подобрена здравствена заштита, зголемено истражување и зголемена поддршка за лицата со порфирија, е целта на 18 Мај, Светскиот ден на ретката болест порфирија.

Порфиријата е група од најмалку осум различни болести (наследни или стекнати), чија заедничка карактеристика е акумулација на порфирините или нивните претходници (прекурсори) во организмот. Иако тие нормално се наоѓаат во организмот, не се акумулираат во здраво тело.

Развојот на болеста е предизвикан од недостаток на ензим кој учествува во биосинтезата на хемот, што резултира со акумулација на молекули на порфирин во организмот. Името е изведено од грчкиот збор „порфирус“ што значи виолетова (светло црвено-виолетова боја). Порфиријата е позната како вампирска болест од 1985 година кога биохемичарот Дејвид Долфин утврдил дека приказните за вампири се всушност приказни за луѓе кои страдаат од порфирија - пациентите се исклучително чувствителни на светлина зашто може да доведе до развој на осип (дури и умерена изложеност – честопати излегуваат само ноќе), кожата може да биде полна со лузни, кучешките заби можат да бидат впечатливи (непцата и забите можат да бидат многу напнати).

Според доц. д-р Николина Тановска од Клиниката за неврологија во Скопјe, причина за болеста се мутации на гените кои се одговорни за синтезата и функцијата на ензимите кои учествуваат во создавањето/синтезата на хемот.

Повеќето порфирии се наследни. Можно е да се наследи абнормален ген од едниот или од двајцата родители. Сепак, тоа не значи дека ќе се развие порфирија, туку дека станува збор за личност која го носи мутираниот ген. Оваа состојба е позната како латентна порфирија.

Постојат две групи порфирии врз основа на местото на производство на порфирин: еритропоетски, кои се карактеризираат со оштетување на кожата и минимална невролошка инволвираност, и хепатални, карактеризирани со невролошки и висцерални знаци и симптоми (или мултисистемско засегање, со тешки невролошки манифестации од централниот, периферниот и автономниот нервен систем).

-Прогнозата на пациенти со симптоми на порфирија е значително поповолна со подобрување на терапијата и самоконтролата. Сепак, голем број луѓе кои страдаат од порфирија, се повторуваат атаките/нападите на болеста продолжуваат да паѓаат во повторливи кризи, каде се јавува прогресивно оштетување со трајни последици, како што е откажување на бубрезите. Потребата за аналгетици кај порфиријата може да прерасне во зависност. Гликозата, која се внесува во телото на пациентот преку централен венски катетер, помага во олеснување и модификација на симптомите, наведува Тановска.

Третманот на порфирија зависи од формата на болеста. Потешките случаи имаат потреба од хоспитализација, а третманот на акутната порфирија наметнува потреба од престој во Единица за интензивно лекување.

Луѓето кои имаат генетска предиспозиција кон развој на порфирија, треба избегнуваат храна што содржи мононатриум глутамат, сулфурни соединенија (кромид, лук, брокула, зелка и друг зеленчук), салицилати (многу видови овошје), оксалати (многу видови овошје, зеленчук и растителна храна), сијалинска киселина, глутен, лецитин (добиен од јајца и соја), зелечнук (домати, компири, пиперки), масти и/или масла, како и храна која ослободува хистамин. /МИА

Излезе од печат поетската збирка „Литературни искри”

 Во пресрет на 11. Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри”, излезе од печат заедничката поетска збирка со авторите учесници на конкурсот. Во неа се содржани 56 автори со по едно дело.

Годинава, на единаесетотто издание на фестивалот во конкуренција влегоа 149 регуларни пријави во двете возрасни категории.

Од песните кои прочита и оцени жири-комисијата, се издвоија 12 највисоко оценети автори од кои на шест ќе им бидат доделени награди.

- Со благодарност и пожелание да ја слават, но и читаат поезијата, во оваа збирка ви отвораме срдечен простор за прочит на сите автори што ги споделија со нас нивните искрени интимни поетски, истакнува претседателката на жири комисијата Д-р Наташа Сарџоска во освртот за збирката.

Во оваа збирка има автори од Хрватска, Србија, Романија, Словенија, Албанија и Црна Гора, Босна и Херцеговина сите на нивниот мајчин јазик и во превод на македонски јазик. Организаторот и проектен координаторот на фестивалот, Слаѓана Брезовска, информираше дека подготовките за реализација на единаесеттото фестивалско издание се при крај. Таа упати отоворена покана до сите љубители на пишаниот збор на 24 мај Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар да присуствуваат на претставувањето на финалистите промоцијата на заедничката поетска збирка.

Традиционалната поетска литературна манифестација Меѓународен поетски фестивал „Литературни Искри”,Гостивар се организира по повод Државниот празник 24-ти Мај во чест на сесловенските просветители Кирил и Методиј по единаесетти пат. /МИА

притисни ентер