Тројца екс-министри за економија, актуелен и поранешен директор на ДЗС кој сега е министер без ресор, се меѓу дваесетината новоосомничени во рамки на истрагата за трагичниот пожар во Кочани, кои денеска по налог на Обвинителството ги приведе полицијата. Неколкумина се обезбедени, а едно лице за сега е надвор од земјава.
Според неофицијални информации осомничени се екс-министрите за економија Беким Незири, кој во јануари 2024 беше еден од 8-те лица кои упаднаа во МНАВ и Ваљон Сарачини, инаку кадри на ДУИ, поранешниот директор на ДСЗ Шабан Салиу, кој е актуелен министер без ресор, како и актуелноиот директор на дирекцијата Џеват Селами, кадар на ВРЕДИ. Осомничен е и актуелниот македонски амбасадор во Норвешка Дритон Кучи, инаку поранешен министер за економија, кој се огласи на социјалните мрежи најавувајки дека се враќа во државата.
„Верувам во правдата за општото добро. Со првиот лет ќе бидам во Скопје – не за да се оправдам, туку за да потврдам дека транспарентноста и довербата се единствениот пат напред. Тука сум. Со мирна совест, чист пред себе, со непоколеблива волја – пред Бога и пред законите на државата – стои во објавата на Кучи.
Од МВР и Обвинителството за сега официјално е потврдено само дека се спроведува акцијата за приведување.
„По наредба на јавен обвинител во тек е акција за приведување на повеќе лица, а во насока на проширување на истрагата за пожарот во Кочани. Надлежните иституции ќе ја информираат јавноста координирано штом бидат завршени дејствијата кои се во тек - соопштија од Обвинителството.
Според овие информации, досега се уапсени сите министри за економија и директори на ДСЗ од 2012 година, односно од кога започнала со работа дискотеката ПУЛС, со исклучок на актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши.
Досега осомничени за пожарот во дискотеката Пулс беа вкупно 33 лица.. Во притвор се уште е градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов, а во домашен притвор се неговите претходници Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. Меѓу притворените се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, екс-директорот на ДПИ Горан Трајковски, сопственикот на објектот и лица од обезбедувањето во објектот како и неколку полициски службеници.