СДСМ: Избори ќе закаже кога ќе снема пари - Ние нема да му бидеме алиби, но граѓаните ќе му бидат сведоци - Канал 5

СДСМ: Избори ќе закаже кога ќе снема пари - Ние нема да му бидеме алиби, но граѓаните ќе му бидат сведоци

Христијан Мицкоски повторно ги стави изборите во оптек.

СДСМ: Избори ќе закаже кога ќе снема пари - Ние нема да му бидеме алиби, но граѓаните ќе му бидат сведоци

Прво рече дека граѓаните не сакаат предвремени избори. Потоа рече дека ако опозицијата побара, нема да седи како кукавица, ќе прифати и ќе победи.

Тоа не е став. Тоа е монтажа. Самиот си ја пишува понудата. Самиот си ја чека нарачката.

Вучиќ најави избори. Веднаш и Мицкоски.

Тоа не е случајност. Веќе работи по налог. Затоа веќе знае кога се изборите. Само уште нас не нѐ известил.

Влече тешка медиумска артилерија од Србија за да ги зајакне орбановите 40 проценти.

Целта е целосен медиумски мрак. Граѓаните да не знаат кога водата е отруена. Да не знаат дека нема пари. Пет недели да не знаат резултати од анализи. Да знаат само што ќе им кажат Латас и увезените емисии. А опозицијата да ја викаат - "убијци".

Има апсолутна власт. Има двотретинско мнозинство. Има претседателка, влада, Собрание и мнозинство во најголем број општини. Избори закажува тој, кога сака. Не му треба ни наша согласност, ни туѓа храброст. Му треба алиби.

Да не каже дека касата се празни. Да не каже дека за коруптивни тендери веќе нема простор за ново задолжување. Да каже: нѐ предизвикаа. Ние само одговоривме.

СДСМ нема да му го даде тоа алиби. Не бараме ние негови избори за да му го покриеме банкротот. Избори ќе закаже кога ќе снема пари. Тоа е неговиот календар, не нашиот.

Веќе се јавија и тие што секогаш се јавуваат кога треба да се одигра претставата.

Истиот ден по неговата реченица, дојде повик да се распушти Собранието и да се утврди датум. Практично. Брзо. Како по нарачка.

Граѓаните знаат кој во оваа драма секогаш ја зема споредната улога за главната да остане чиста. Тоа не е опозициски притисок. Тоа е услуга.

Мицкоски нека не се крие зад кукавици, зад туѓи соопштенија и зад братот од Белград.

Ако сака избори, нека ги закаже. Самиот. Со свој потпис. И нека излезе пред граѓаните со празниот буџет, со водата во Гостивар, со починатите во Скопје, со 5.000 отруени, со пиперката од 40 денари и со фрижидерот и паричникот што се празни.

Па нека објасни како сме трета економија во Европа, како платите се поголеми за 70 проценти, пензиите повисоки за 325 проценти, што ќе биде со вториот пензиски столб, со цената на нафтата, со ѓубривото, со првото место по туризам, со лидерството во авио-сообраќајот.

Единствено што мора да пронајде е нова мета за националистичка кампања.

Предавници и патриоти, само сега во нов облик. Бидејќи резултат нема, ќе измисли проблем. На пример - меѓуетнички.

Тоа му треба на Мицкоски. Тоа му треба и на Вучиќ.

Ние нема да му бидеме алиби. Граѓаните ќе бидат сведоци.

Сведоци на водата што се крие, на мракот што се увезува, на кампањата што го нарекува убиец оној кој бара одговор, и на избори што се кројат кога ќе снема пари за криминални тендери. Не кога ќе има резултат.

Ние сме спремни со народ, со тим и со план, кога и да бидат. Не сме спремни да му бидеме изговор.

Власта ја доби за четири години. Нека каже самиот, а не да прави претстава.

Нека престане да ги рециклира изборите секогаш кога нема што да покаже.

Народот го гледа!

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сериозен проблем за „Ford“ во САД: Патниците се изложени на ризик од изгореници предизвикани од воздушните перничиња

Истрагата опфаќа 1,2 милиони возила на „Ford“ во САД.

Сериозен проблем за „Ford“ во САД: Патниците се изложени на ризик од изгореници предизвикани од воздушните перничиња

Американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на автопатиштата (NHTSA) денеска започна прелиминарна истрага за повеќе од 1,2 милиони возила на „Ford“, по добиени извештаи за ненамерно активирање на страничните воздушни перничиња, што резултирало со сериозни изгореници кај патниците.

Како што пренесува Ројтерс, агенцијата соопшти дека примила осум поплаки и четири извештаи за инциденти поврзани со возила од моделот „Ford Explorer“, произведени во периодот од 2021 до 2026 година.

Според податоците на „NHTSA“, возачите, патниците на предните седишта, како и некои полициски службеници – кои го користеле моделот „Explorer Police Interceptor“ – се здобиле со изгореници од втор и трет степен откако се активирале страничните воздушни перничиња вградени во седиштата.

Покренувањето на прелиминарна истрага претставува прва фаза од регулаторниот процес, во текот на која „NHTSA“ го проценува обемот на проблемот и утврдува дали е потребно дополнително испитување или евентуално повлекување на возилата.

Од „NHTSA“ наведуваат дека прелиминарната проценка обично трае до осум месеци. Доколку се појават дополнителни докази, агенцијата може да ја прошири истрагата и, на крајот, да наложи повлекување на возилата.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Експлозија во Турција, расте бројот на жртви: Спасувачките операции продолжуваат

Бројот на загинати во експлозија во челичарница во Измир се искачи на најмалку 16, а пријавени се и 13 повредени, додека спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по работници заробени под урнатините.

Експлозија во Турција, расте бројот на жртви: Спасувачките операции продолжуваат

Во изјава по состанокот на кабинетот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека 16 лица ги загубиле животите, а 13 се повредени – од кои двајца потешко – во експлозија во фабрика за железо и челик во Измир, пренесува агенцијата Анадолија.

Тој изјави дека одговорните за каква било небрежност во Измир ќе сносат одговорност.

Претходно, тој добил извештај за несреќата од министерот за внатрешни работи Мустафа Чифтчи и министерот за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар, кои отпатуваа во Измир.

Според „ТРТ Хабер“, во Измир пристигнал и министерот за труд и социјална сигурност, Ведат Ишикхан. Тој најави дека Институцијата за социјална сигурност назначила главен инспектор за истражување на околностите под кои се случила несреќата.

Министерот за правда, Акин Ѓурлек, изјави дека е започната истрага и дека на случајот се ангажирани четворица обвинители од Јавното обвинителство во Менемен.

Турските власти изразија сочувство до семејствата на жртвите и посакаа брзо закрепнување на повредените, напоменувајќи дека спасувачките операции се во тек, а околностите околу несреќата се истражуваат. Експлозијата се случила за време на леење на стопен челик.

Експлозијата се случила денеска околу пладне во погон на компанијата „Хабаш“ во областа Бозкој, предизвикувајќи пожар и густ чад над фабриката.

Противпожарните екипи го изгаснаа пожарот, додека на местото на настанот беа испратени полиција, медицински персонал и спасувачки тимови.

Според првичните информации, до експлозијата дошло за време на леење на стопен челик, кога кран се откачил и паднал во електрична печка.

Во соопштение од регионалните власти се наведува дека осум работници останале заробени под урнатините, поради што спасувачките екипи започнале интензивна операција за нивно пронаоѓање.

Повредените се пренесени во блиските болници, а едно лице со хеликоптер е префрлено во болница во Измир. Компанијата Хабаш соопшти дека несреќата се случила за време на планирани работи за одржување на една од печките со електричен лак, додавајќи дека повредените добиле итна помош и биле пренесени во болници.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пожар зафати куќи кај Бит – пазар, има материјална штета

Пожарот што попладнево избувна во куќи во близина на Бит-пазар во Скопје е ставен под контрола, но причинета е материјална штета, соопштија од скопската противпожарна единица. 

Пожар зафати куќи кај Бит – пазар, има материјална штета

Командатот на единицата Звонко Томески, кажа дека со пожарот зафатени биле индивидуални куќи. Избувнал на кров на двокатна куќа, а потоа поради близината на околните објекти, зафатил делови од уште две други куќи. Интервенирале со девет возила и со 22 пожарникари, кои го ставиле пожарот под целосна контрола. Повреднеи нема, а висината на материјалната штета допрва ќе се утврдува.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер