Само двајца патници ја преживеаја авионската несреќа во Пакистан , 97 загинати (ВИДЕО)

Властите на Пакистан денеска соопштија дека 97 луѓе загинале во пакистанскиот авион што се срушил во близина на градот Карачи на југот на земјата, а пронајдени се само двајца преживеани.

„Сега е потврдено дека се загинати 97 луѓе од авионот“, рече Меран Јусуф, портпарол на провинциското Министерство за здравство, пренесува германската агенција „Депа“.

Деведесет и еден патници и осум членови на екипажот се наоѓале на авионот „Ербас А320“, кој вчера се урнал во тесната улица во населеното подрачје на Карачи непосредно пред да слета на меѓународниот аеродром Џина, потврди денеска портпаролката на пакистанската авиокомпанија.

Според портпаролката, телата на патниците и екипажот биле пренесени во две болници, а досега се идентификувани 19.

Припадниците на армијата и службите за итни случаи ја минале ноќта користејќи тешки машини и хеликоптери за расчистување на областа, отстранувајќи ги урнатините на куќите и деловите од остатоците.

Двајцата преживеани биле пронајдени уште на самиот почеток на спасувачката операција. Еден од преживеаните е претседателот на банката Пенџаб, една од најголемите пакистански банки, изјави директорот на авиокомпанијата. Производителот на авиони „Ербас“ соопшти дека му дава техничка помош на Пакистан во истрагата за несреќата.

Шефот на пакистанската меѓународна авиокомпанија (ПИА) Аршад Малик, за чија компанија летал авионот ПК 8303, вети дека ќе спроведе транспарентна истрага со „Ербас“ за тоа што може да биде причината за несреќата.

Авион „Ербас“ на летот ПК 8303 летал од градот Лахоре, на северо-исток од земјата, кон Карачи, на југ и се урнал во станбена зграда додека се приближувал до аеродромот.

Ројтерс претходно објави, повикувајќи се на службеник за воздушен сообраќај, дека авионот се чини дека не успеал да ги спушти тркалата за време на слетувањето, но сè уште е рано да се зборува за вистинската причина за несреќата.

Неколку светски лидери, вклучувајќи го и индискиот премиер Нарендра Моди и авганистанскиот претседател Ашраф Гани, изразија сочувство по веста за несреќата.

На 15 мај, Пакистан ги продолжи летовите на домашните линии по карантинот поради коронавирусот. Меѓународните линии се затворени до крајот на мај.

притисни ентер