САД загубија од Уругвај и не се пласираа во плејофот на Копа Америка

Репрезентацијата на САД ноќеска во Канзас Сити загуби од Уругвај со 1:0 во натпреварот од 3. коло во Ц-групата на Копа Америка 2024.

Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Матијас Оливера во 66. минута.

На другиот натпревар од оваа група, Панама ја победи Боливија со 3:1.

Едуардо Гереро, Цезар Јанис и Хозе Фахардо Нелсон погодија за Панамците. Стрелец на голот на Боливија беше Бруно Миранда.

Уругвај со максимални девет бода заврши на првото место во својата група. Второто место и пласман во плејофот избори Панама со шест бода.

Домаќините на турнирот, САД завршија третопласирани со три, а Боливијците се последни без освоен бод.

Трипуновски на средба со Масимилиано Паолучи, директорот на Светска банка во Македонија

Двете страни изразија спремност за понатамошна успешна соработка со цел реализација на планираните, но и започнување на нови заеднички проектни активности.  

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска одржа работна средба со Масимилиано Паолучи, директорот на Светска банка во Македонија и д-р д-р Теклу Тесфаје виш економист за земјоделие во канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Разговаравме за проектот „Модернизација на земјоделството“ кој е финансиран од Светска банка, ме известија за статусот на имплементацијата и текот на активностите како и за застојот со кој што се соочиле при реализацијата на проектот. - изјави Трипуновски.

Двете страни изразија спремност за понатамошна успешна соработка со цел реализација на планираните, но и започнување на нови заеднички проектни активности.

Јас ќе сторам се за да помогнам во имплементацијата на проектот „Модернизација на земјоделството“ и истиот да биде финализиран што поскоро бидејќи македонските земјоделци заслужуваат модерни и квалитетни услови за работа. - заврши Трипуновски.

Сиљановска Давкова во посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана

На тет-а-тет средбата меѓу министерот Мисајловски и претседателката Сиљановска Давкова, беше потврдена посветеноста за унапредување на безбедноста, мирот и стабилноста во земјава, регионот, Европа и пошироко. 

Претседателката на државата и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, денеска ја оствари својата прва официјална посета на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, при што остварила средби со министерот за одбрана Владо Мисајловски, со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, како и со генералите во Армијата и раководни лица во Министерството.

По пречекот со воени почести, началникот на Генералштабот и министерот за одбрана, во присуство на генералите во Армијата и високи раководни лица во Министерството за одбрана и Генералштабот презентирале за актуелната состојба, процесите на трансформација и модернизација и опремување, обуката и активностите кои се од значење за извршување на мисијата на Армијата, како и учеството во операциите со кои придонесуваме во колективната безбедност.

Од МО соопштија дека претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека во Армијата како институција со најголема доверба во државата и докажан сојузник во Алијансата е неопходно понатамошно вложување за подобрување на условите за живот и работа во сите сместувачки капацитети, како и во армискиот полигон „Криволак“.

Таа изразила очекување Армијата, како и досега, да продолжи со истата посветеност да ја исполнува својата уставна должност да го штити територијалниот интегритет и независност, а армиските припадници да продолжат да бидат пример за професионализам, дисциплина и посветеност, како што доликува на земја членка на НАТО.

- На тет-а-тет средбата меѓу министерот Мисајловски и претседателката Сиљановска Давкова, беше потврдена посветеноста за унапредување на безбедноста, мирот и стабилноста во земјава, регионот, Европа и пошироко. Беше констатирана заложбата дека Македонија потребно е да има брз економски напредок, сигурна и стабилна иднина, се наведува во соопштението од Генералштабот на Армијата.

Претседателката Сиљановска Давкова и министерот Мисајловски потенцирале дека припадниците на Армијата имаат најголема почит и доверба кај македонските граѓани и дека ќе преземат максимални напори за континуиран развој и напредок на одбраната. Во тој контекст, тие истакнале дека македонската Армија, заслужува да има современа опрема, а нејзините припадници можност за развој и напредок во кариерата.

Се разговарало и за идните вложувања во одбранбениот сектор и модернизација, јакнење на меѓународната одбранбена соработка со сојузниците и партнерите, како и унапредување на стандардите и условите за работа на припадниците на Армијата.

Во контекст на колективната безбедност, се додава во соопштението, Мисајловски истакнал дека активно ќе партиципираме во операциите за заштита на регионот и источното крило на Алијансата.

На средбата со генералот Ѓурчиновски биле посочени и очекувањата во остварување на планираните процеси и евентуалните предизвици со кои може да се соочиме во областите од значење за функционирање на Армијата.

Претседателката и врховен командант на Армијата, согласно законските одредби е надлежна за најголем дел од суштествените прашања во одбраната, меѓу кои и за донесувањето на стратегијата и планот на одбраната, организацијата и формацијата на Армијата, прописите од борбената готовност и поставувањето на главните раководни позиции во Армијата со генералски чинови.

Преку донации обезбеден комплетно нов инвентар за реновираниот дел во болницата во Отешево

 Комплетен болнички инвентар, мебел, медицинска опрема и лекови се само дел од донациите на хуманитарната организација  LetzCare a.s.b.l. од Луксембург и фондацијата „Воздух за Преспа" од Холандија за болницата во Отешево.

Комплетен болнички инвентар, мебел, медицинска опрема и лекови се само дел од донациите на хуманитарната организација LetzCare a.s.b.l. од Луксембург и фондацијата „Воздух за Преспа" од Холандија за Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација - Отешево.

Директорката на установата Билјана Гошаревска за МИА информира дека преку донациите обезбеден е комплетно нов инвентар за реновираниот болнички објект.

- После 42 години од основањето, Болницата е реновирана прв пат и доби нов, современ лик и пристојни услови за лекување на пациентите. Благодарение на наште долгогодишни пријатели од Луксембург и Холандија преку донации целосно ја опремивме со нови кревети, плакари, шкафчиња и апарати за потребите во работењето, изјави Гошаревска.

Покрај донацијата од хуманитарната организација LetzCare a.s.b.l., Болницата примила и дел од 33-тата донација од лекови и медицинска опрема од фондацијата „Воздух за Преспа“ од Холандија.

- Стигна и првиот дел од 33-тата донација од нашите верни пријатели Јохана и Кеес Барс од Холандија, кои повеќе од 30 години донираат лекови и медицински апарати за потребите на Болницата. Последната донација покрај лекови, содржи и медицински апарати, дигитална центрифуга за потребите на биохемиската лабораторија и спирометар, појасни Гошаревска.

Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација - Отешево, е единствена од ваков вид во државата, а здравствените услуги ги користат пациентите од регионот и пошироко. По повеќе од четири децении беше целосно реновиран еден болнички објект преку проект на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, финансиран од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој.

притисни ентер