САД и Романија потпишаа Меморандум за разбирање против манипулација со информации

САД и Романија имаат намера да ја прошират билатералната соработка и да ги усогласат владините политики со петте клучни области на дејствување утврдени во Рамковната платформа на Стејт департментот за борба против манипулација со информации.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и романската министерка за надворешни работи Луминица Одобеску потпишаа денеска меморандум за разбирање за зајакнување на соработката меѓу САД и Романија во борбата против манипулацијата со информациите на странските земји, соопшти Стејт департментот.

Во соопштението се истакнува дека манипулацијата со информации, која, како што се наведува, вклучува дезинформации и пропаганда, е транснационална безбедносна закана која може да создаде или искористи поделби во и меѓу земјите, да го загрози интегритетот на изборите и да ја поткопа довербата на јавноста во владата.

„Како знак на взаемно признавање на заканата со која се соочуваат, САД и Романија имаат намера да ја прошират билатералната соработка и да ги усогласат владините политики со петте клучни области на дејствување утврдени во Рамковната платформа на Стејт департментот за борба против манипулација со информации во странски земји“, се вели во соопштението. /МИА

Се зголемува бројот на гладни луѓе во Судан

Во најновиот извештај на Обединети нации се предупредува дека во следните месеци 755.000 луѓе ќе се соочат со глад во Судан.

Во извештајот се посочува оти по 14 месечните судири во Судан 8,5 милиони луѓе се соочуваат со екстремен недостиг на храна и дека гладот се проширил и во главниот град Картум и провинцијата Џазира.

Конфликтот во Судан почна во април 2023 година со борбите за превласт помеѓу армијата предводена од генералот Абдел-Фатах Бурхан и паравоените Сили за брза поддршка, под команда на генералот Мохамед Хамдан Дагало.

Според податоците на ОН во конфликтот се убиени повеќе од 14.000 луѓе, а 33.000 се повредени. Борбите ја предизвикаа најголемата светска криза, кој принуди над 11 милиони луѓе да ги напуштат своите домови.

Експертите за човекови права во ОН изјавија дека двете завојувани страни ја користат храната и гладот како оружје. /МИА

Столтенберг: Вашингтон ќе остане цврст сојузник на НАТО

Очекувам САД да останат цврст сојузник без оглед на исходот од американските избори, бидејќи во интерес на САД е да останат цврст сојузник што се однесува до нивната безбедност, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Што се однесува до критиките на Трамп за Алијансата, Столтенберг посочи дека тие не се насочени кон НАТО, туку кон оние сојузници на НАТО кои не плаќаат доволно за нивната одбрана.

- Ние сме во подобра позиција да покажеме дека САД не го носат сами товарот на одбраната, истакна Столтенберг

Можното враќање во Белата куќа на Трамп, кој беше многу критичен кон НАТО, дури и тврдеше дека е застарена организација, ги загрижува Брисел и поголемиот број европски метрополи.

- Нема гаранции во политиката, но очекувам САД да останат цврст сојузник, нагласи Столтенберг. /МИА

ЕКОВАС: Планот за воена безбедност во Западна Африка годишно ќе чини 2,6 милијарди долари

Планот, што ќе чини 2,6 милијарди долари годишно, им беше предложен на шефовите на држави на самитот во Абуџа, Нигерија.

Министрите за одбрана на западноафриканскиот блок на државите ЕКОВАС (ECOWAS) денеска предложија план за испраќање 5.000 војници за борба против влошената криза во регионот, но аналитичарите веќе велат дека тоа можеби нема да успее поради финансиски проблеми и поделби во овој регионален блок.

Планот, што ќе чини 2,6 милијарди долари годишно, им беше предложен на шефовите на држави на самитот во Абуџа, Нигерија.

-Целта на планот, меѓу другото, е и да се спречат државни удари по серијата воени удари што го дестабилизираа регионот, изјави нигерискиот министер за одбрана Мохамед Бадару.

На денешниот самит ЕКОВАС за првпат јавно соопшти дека го планира финансирањето на своите воени сили.

-Повеќе од кога било, ние сме во клучен момент во историјата на нашата заедница во решавањето на проблемот со несигурноста, изјави претседателот на Комисијата на ЕКОВАС, Омар Алие Туреј, повикувајќи ги земјите-членки да го поддржат планот.

Се очекува нивните предлози да бидат разгледани на претстојниот самит.

Ескалацијата од воени удари во Западна и Централна Африка го дестабилизираа регионот, а Мали, Буркина Фасо и Нигер особено беа најтешко погодени од смртоносното насилство што се прошири во соседните земји.

ЕКОВАС неуспешно се обиде да ја врати демократијата во трите земји, меѓутоа досега овие земји погодени од пучот се повлекоа од членството на групата и ги отворија вратите за руските платеници./МИА

притисни ентер