Рот: Договорот уникатна шанса за отворање на вратите на ЕУ и НАТО

Македонија испишува историја, не само национална туку и европска. 

Со Договорот потпишан со Грција за надминување на разликите околу името имаме уникатна шанса за отворање на вратите на ЕУ и НАТО. Би сакал што посокоро македонските пријатели да ги видам во групата пријатели обединети во двете асоцијации, истакна денеска во Охрид државниот министер за Европа при германското МНР Михаел Рот кој се наоѓа во работна посета на Македонија.

- Би сакал да ги охрабрам луѓето во вашата прекрасна земја да ја прифатат оваа историска можност. Доколку го поддржите договорот, тоа ќе биде значаен знак дека Македонците се силно посветени на демократијата, владеењето на правото, независноста на судството, тие ќе станат круцијален дел на обединета Европа. Мора да ја продолжиме нашата соработка, нашето пријателство, заедничките обврски, така што сум голем оптимист во таа насока, истакна тој.

Државниот министер Рот на интерактивната дебата „Македонија на патот на ЕУ“ одржана на Античкиот театар во Охрид во присуство на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, уште изрази задоволство што голем број Македонци живеат и работат во Германија, посочувајќи ги како значајен сегмент што придонесува во збогатувањето на германското општество, но и економијата.

- Сакаме да го олесниме начинот на кој тие можат да дојдат и да работат во Германија, но сепак за тоа постои режим воспоставен во рамки на ЕУ и Шенгенската зона. Она што е наша интенција е сепак да се изнајдат начини за поедноставување на таа процедура, рече Рот, истовремено посочувајќи ја заинтересираноста на германските компании за инвестирање во Македонија, како начин за отварање нови работни места и севкупно подобрување на животниот стандард на македонските граѓани, особено за помладите генерации.

Шефот на македонската дипломатија Димитров од своја страна истакна дека посетите на канцеларката Ангела Меркел, денешната посета на Рот, како и веќе најавените посети на неговиот германски колега, како и министерката за одбрана, се потврда на силниот интерес на Германија за Македонија конечно да застане на нозе и да зачекори напред.

- На 30 септември имаме голема, историска крстосница. Мислам дека ќе успееме, влогот е голем, пораките се јасни, никој не знае дали оваа наша генерација ќе има следна шанса. Јасно е дека Договорот тешко поминува и во Грција тоа значи дека е одвај најден заеднички јазик. Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик, вчера премиерот во Стразбур првпат се обрати на македонски јазик, доби овации. И ако вчера Европарламентот стана на нозе за европска Македонија, ние ќе станеме на нозе за истата кауза и на 30 септември, рече Димитров.

Македонскиот МНР нагласи дека се работи за целосно напартиско прашање, што нема врска со Влада, со градоначалниици, не се локални ниту парламентарни избори туку, како што рече, за иднината на Македонија и сите нас како нејзини граѓани.

- Десет години да зборувате за референдум и на секое можно прашање да велите дека кога ќе најдеме заеднички јазик со Грција ќе ги прашаме граѓаните, а потоа повторно да немате јасен став тоа е бегање од одговорност и бегање од соочување со волјата на народот. Што не е добро за партија што често се дрзнува да зборува во име на народот. Народот зборува преку гласање, беше коментарот на Димитров по однос ставот на најголемата опозициска партија околу престојното референдумско изјаснување.

Во врска со македонските национални кодови, Димитров рече дека тие остануваат и „МК“ и „МКД“, а по однос трговските марки прашањето не е затворено со Договорот од Преспа.

- Договорот само кажува како тоа прашање ќе се третира, додека не се најде решение останува се по старо, без наша согласност и нивна не може ништо да се смени. Ние имаме повеќе трговски марки со предзнакот „Македонија“, „Македонско“, итн... Ќе се формира заедничко тело со меѓународни експерти, кое ќе најде начин како тоа ќе функционира. Оаа не е важно само за идентитетскиот дел, туку и за комерцијалниот интерес, рече Димитров.

Дел од обраќањата на трибината во Охрид беа посветени и на активностите посветени на заштита на животната средина, за кои зборуваше заменик-министерот Макрадули.

- Овде зборуваме зошто ЕУ, а поврзано со животната средина, конкретно како ќе го третираме опадот во Македонија. Тука сме во регион во која во овој миг има осум илегални депонии, во кои секојдневно се загадува почвата, водата, воздухот, Ние го следиме европскиот концепт, преку регионално менаџирање на отпадот и сметам дека тие европски вредности ќе доминираат и со секојденвната комуникација со граѓаните при донесувањето конечни одлуки, рече Макрадули, истакнувајќи дека ресорното Минситерство веќе спроведува активности за чистење на повеќе депонии низ целата земја, од кои едната на самиот влез во Охрид. /МИА.

Меси заработува повеќе од сите негови соиграчи заедно

Годишната плата на Лионел Меси во Интер Мајами е 20,4 милиони долари, убедливо највисока во фудбалската лига, според податоците објавени во четвртокот од Здружението на играчи на МЛС.

Всушност, само три од преостанатите 28 тима во американското првенство трошат повеќе пари вкупно за плати отколку што Интер троши за осумкратниот освојувач на Златната топка.

Целата сметка за плати на Интер Мајами е 41,7 милиони долари, што значи дека 36-годишниот Аргентинец заработува повеќе од сите негови соиграчи заедно. Поранешниот соиграч на Меси во Барселона, Серхио Бускетс е вториот најплатен соиграч со по 8,7 милиони долари, додека Жорди Алба и Луис Суарез заработуваат по 1,5 милиони долари по сезона.

Трите клуба кои имаат поголем буџет за плата од платата на Меси се Торонто, Чикаго Фајр и Нешвил. За надомест во Торонто одвојуваат 31,4 милиони долари, во Чикаго - 25,1 милиони и во Нешвил - 21,4 милиони.

Најмал буџет е тој на Сент Луис со 12 милиони долари, додека Солт Лејк и Сан Хозе трошат по 13,6 милиони долари на своите играчи.

Според податоците на Здружението на играчи на МЛС, јасно е дека втора најголема плата по Меси е играчот од средниот ред на Торонто, Лоренцо Инсиње, кој добива 15,4 милиони долари годишно. Трет е Бускетс, а веднаш по него Швајцарецот Џердан Шаќири. Во Чикаго добива 8,15 милиони долари.

Топ 5 го затвора бекот на Остин, Себастијан Дриуси со 6,72 милиони долари. /МИА

Мицотакис: Без почитување на Договорот од Преспа, патот кон Европа ќе остане затворен

 Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа.

Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа, порача денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи пред граѓаните во грчкиот град Верија во северниот дел на Грција, Мицотакис се осврна и на односите со нашата земја, повторувајќи го ставот на Нова демократија за Договорот од Преспа и уште еднаш посочувајќи дека усогласувањето е неопходен услов како за европската перспектива, така и за ратификација на меморандумите за соработка.

- Би сакал од овде, од срцето на Македонија да сум целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување. Апсолутно усогласување од новата Влада согласно она што го предвидува Договорот, рече Мицотакис, пренесе МИА.

Во Кавадарци работилница „Соработка на локалната самоуправа со народниот правобранител“

Во Кавадарци работилница „Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализација за граѓаните".

„Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализација за граѓаните" е темата на работилницата што денеска се реализира во просторите на Општина Кавадарци. Работилницата е во организација на канцеларијата на Народниот правобранител и е дел од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Народниот правобранител Насер Зибери, рече дека соработката на релација народен правобранител - локална власт е од суштинско значење и игра голема улога, пред се во остварувањето на ефикасна заштита на правата на граѓаните. Таа е, нагласи, од суштинско значење и затоа што токму голем број на ингеренции во сферата на урбанизмот, а кои значат создавање на претпоставки за хуман живот, уредување на просторот, живот во чиста животна средина, управување со отпадот, потоа процесот на образованието, како значајна алка во развојот на децата и низа други работи, се во ингеренции на локалните власти.

- Сосема сум свесен за потешкотиите со кои се соочуват најголемиот број на општини како немањето на доволно средства, но и кадар за справување со проблемите кои ги имаат граѓаните на локално ниво, затоа низ овие средби сакаме да поттикнеме дебата и да утврдиме кои се слабостите и како истите може да ce надминат, ce со цел децентрализацијата навистина да ги даде очекуваните резултати, а со тоа граѓаните да добијат администрација која ќе биде нивен вистински сервис. Како потврда на ова што го кажав се и дел од препораките на народниот правобранител дадени во извештајот за 2022 и 2023 година, истакна тој.

Притоа посочи дека вo делот урбанизам, народниот правобранител препорачува локалните власти благовремено да започнуваат постапка за вработување на градежни инспектори, затоа што практиката за склучување на меѓуопштински договор за соработка во оваа област, се покажала како нецелосно ефикасна и недоволна, за да овозможи професионален одговор на потребите на граѓаните од две општини.

Народниот правобранител, подвлече, исто така препорачува, локалните власти да ангажираат поголем број на човечки ресурси кои ќе работат на предметите за добивање на правен статус на бесправно изградени објекти, затоа што неприфатливо e се уште да има нерешени предмети од 2011 година, имајќи предвид дека законскиот рок за конечно завршување на овој процес изминува за три години.

Во делот животна средина, народниот правобранител препорачува локалните власти, најпрво и веднаш, да преземат ефикасни дејствија во насока на вработувања на доволен број овластени инспектори за животна средина, а стратегиите, акциските планови и програми, кои ги носат за зачувување на здрава животна средина на нивните територии, да започнат фактички и да ги реализираат.

- Што однесува до соработката на народниот правобранител и Општина Кавадарци, со задоволство можам да кажам дека е на високо професионално ниво, поради што оваа Општина е позитивен пример на соработка помеѓу институцијата и локалната власт. Во 2023 година од граѓаните на општина Кавадарци имаше 30 претставки од скоро сите области, од урбанизам, детски права, правосудство, работни односи, полициски овластувања, финансии и така натаму, а во првите четири месеци од оваа година има 17 претставки, доминираат тие од областа граѓански состојби, но се разбира има и од другите области, рече Зибери.

Во изјава за медиумите, тој ги пофали транспарентноста и отчетноста во Кавадарци и го истакна податокот што беше посочен на работилницата, дека од 15 илјади предмети во врска со постапување со бесправно изградени објекти во општината, 14.500 се веќе решени позитивно а останатите се во постапка. И тоа во постапка не поради непостапување на службите, туку поради проблеми во имотно - правните односи на подносители на барања. Тој ги пофали и податоците во областа детски права и образование, лица со попреченост.

Градоначалникот на Општината Кавадарци, Митко Јанчев ја поздрави соработката со канцеларијата на народниот правобранител и нагласи дека секогаш и редовно одговараат на евентуални претставки од граѓани, изнаоѓајќи решенија за евентуални проблеми.

Во дискусијата се вклучија и претставници од невлaдиниот сектор.

притисни ентер