Рокас: Тешките времиња се можност да ги подобриме работите на долг рок - Канал 5

Рокас: Тешките времиња се можност да ги подобриме работите на долг рок

Тешките времиња може да бидат можност за да извлечеме вистински лекции, да се посветиме на дела и да ги подобриме работите на долг рок. 

Рокас: Тешките времиња се можност да ги подобриме работите на долг рок

Токму ова го направија основачите на ЕУ пред 75 години. Токму ова го бараат граѓаните на ЕУ. Токму ова го бараат и граѓаните на Македонија, особено младите. Во првите девет месеци од мојот престој во земјата, се среќавав многу често со млади, каде и да патував. Тие беа едногласни, не гледаат друга иднина освен да станат граѓани на семејството на ЕУ, порача евроамбасадорот Михалис Рокас вчера на приемот по повод 9 Мај - Денот на Европа, кој се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје.

На приемот, на кој присустуваа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министри, градоначалници, пратеници, амбасадори на земји-членки, на други држави, претставници на медиумите, евроамбасадорот потенцира дека оваа година Денот на Европа се одржува помалку од два месеци по невидената трагедија во Кочани, во услови на континуирани геополитички превирања, но и во време на заедничка посветеност и видливи чекори за подобрување на работите - за земјата и за Европа како целина.

-Оваа година одбележуваме 75 години од Шумановата декларација. Визија родена по најкрвавата војна во историјата на човештвото, која ги зближи поранешните противници кои ги оставија зад себе споровите од минатото. Идеја што навести нова ера на мир, интеграција и демократска соработка во Европа. Денес, оваа визија е фундаментално оспорена од бруталната агресивна војна на Русија против Украина. Русија го врати на европско тло теророт и уништувањето од воен конфликт, обидувајќи се да ја лиши Украина од делови од нејзината територија и од сувереното право да ја избере својата иднина. Руските напади неселективно убиваат мажи, жени и деца, што е очигледно кршење на меѓународното право. Соочени со агресијата, украинскиот народ покажа херојска храброст за да ја брани својата земја, а со тоа ја брани и слободата на цела Европа. Им оддаваме почит на сите оние кои ги жртвуваа своите животи и ги загубија најблиските во оваа борба. Слава Украини!, порача Рокас.

Тој истакна дека во сржта на Шумановата декларација е аспирацијата за заедничка работа, за постигнување на заемни вредности и солидарност, за доброто на граѓаните.

-Солидарноста е белег на местото каде се одржува овој прием. Меѓународната уметничка заедница собра импресивна колекција уметнички дела во знак на солидарност со Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тие подоцна најдоа дом во ова извонредно здание, изградено како дел од меѓународната акција за солидарност за обнова на градот. Солидарноста ги одбележа и првите часови по најтрагичниот настан во поновата историја на земјата - пожарот во Кочани. За неколку часа, 115 повредени со тешки изгореници беа пренесени на лекување во земји-членки на ЕУ и земји-партнери. Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и брзата билатерална акција во тие тешки моменти повторно се покажаа како моќни инструменти на европската солидарност. Издигнувајќи се над разликите од каков било вид. И помагајќи да се спасат животите на повеќето од повредените - единствената утеха што можеме да ја имаме по загубата на 62, претежно, млади луѓе, истакна Рокас.

Евроамбасадорот нагласи дека за да им озбебзедат дополнителна помош на семејствата во Кочани организирале посебна изложба на уметнички дела. Таа била овозможена благодарение на иницијативата на Здружението на уметници ДЛУМ, чии членови ги донирале своите неверојатни дела за оваа значајна кауза. Сите изложени уметнички дела се на продажба, а секој собран денар ќе оди директно за поддршка на погодените кочански семејства, преку Црвениот крст.

Тој информира и дека заедно со мрежата на Јуроп Хаус на 25 мај организираат солидарни трки и планинарења за Кочани во различни градови низ земјата. Сите учесници ќе имаат можност да уплатат симболична сума за регистрација, при што сите приходи ќе бидат донирани директно на посебна сметка на Црвениот крст.

-Мора да извлечеме лекции од трагедијата. Да се осигуриме дека ништо слично нема да се случи во иднина. И дека преживеаните и сите млади луѓе во земјата ќе живеат во услови кон кои се стремат и кои ги заслужуваат. А не во услови на кои нивните пријатели во Кочани станаа жртви, рече Рокас.

Во својот говор тој се осврна и на реформите кај нас, нагласувајќи дека Планот за раст му дава голем поттик на овој процес. Евроамбасадсорот потенцира дека земјата беше прва држава од Западен Балкан што ги потпишала потребните договори и ги добила средствата за предфинансирање од Планот за раст, благодарение на Реформската агенда, која, како што посочи беше составена со конструктивен ангажман на две различни влади и два различни состави на Парламентот.

-Истата посветеност е потребна и за претворање на Реформската агенда во реалност. Тоа ќе им овозможи на граѓаните и бизнисите да ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ пред пристапувањето, рече Рокас.

Нагласи дека тие придобивки се премостување на јазот во развојот, постепен пристап кон Единствениот пазар на ЕУ и видливи резултати во областа на основните вредности - владеењето на правото и борбата против корупција, вклучително и во функционирањето на институциите, во владеењето, во зелената транзиција и одржливиот развој. Ова се аспирации, додаде тој, што очигледно ги сакаат граѓаните и бизнисите, бидејќи тие со нетрпение сакаат да ја видат својата земја како членка на ЕУ.

-Оваа аспирација бара храброст, прагматизам и национално единство за да се постигне. Како што неодамна изјави комесарката Марта Кос, „ајде да размислуваме смело“ - бидејќи „нашата Унија отсекогаш ја граделе оние што се осмелиле да размислуваат надвор од ограничувањата на своето време“. Ова важи за сите - лидерите на ЕУ, политичките елити на земјите-кандидатки и за сите наши граѓани, порача евромбасадорот Михалис Рокас, на вчерашниот прием по повод Денот на Европа, кој оваа година беше организиран во тесна соработка со Европската инвестициска банка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Масакрот во Краков ќе се истражува како терористички напад, напаѓачот сѐ уште не е испитан

Полската државна обвинителска канцеларија објави дека ќе го истражи масакрот во Краков, во кој вчера беа убиени шест лица, како кривично дело од терористичка природа. 

Масакрот во Краков ќе се истражува како терористички напад, напаѓачот сѐ уште не е испитан

Тоа е важен нов развој во истрагата за нападот, кој, заедно со трите тела пронајдени во домот на напаѓачот, го доведе вкупниот број на мртви на девет.

Портпаролот на Окружното обвинителство во Краков, Томаш Вашчук, изјави за TVP Info дека денес обвинителството планира формално да отвори истрага и правно да го квалификува нападот како терористички прекршок.

Ова сè уште не значи дека терористичкиот мотив е потврден. Истражителите сè уште се обидуваат да утврдат што го навело 24-годишниот Михал О. да изврши крваво дивеење.

Напаѓачот сè уште не е испрашуван, го чува полицијата

Вашчук, исто така, откри дека поради сериозните повреди, напаѓачот сè уште не е испрашуван, ниту е извршено формално апсење против него во процедурална смисла.

Михал О. е во болница откако беше ранет од полицајци за време на интервенцијата. Тој беше подложен на операции и цело време беше чуван од полицајци.

„Доколку неговото здравје се подобри доволно за да можеме да преземеме процедурални чекори, ќе го сториме тоа“, рече Вашчук.

Тој додаде дека може да му се изрече доживотна казна затвор за кривичните дела за кои се товари.

Тие го истражуваат неговото минато и можните врски

Истражителите продолжуваат да испитуваат локации поврзани со нападот и собираат снимки од камерите за надзор за да ги реконструираат движењата на напаѓачот.

Поточно, ќе бидат истражени неговото минато, личните односи и околностите под кои го стекнал оружјето. Според досегашните информации, 24-годишникот имал дозвола за поседување оружје и претходно не бил казнет.

Полскиот министер за внатрешни работи Марчин Киервински претходно изјави дека напаѓачот имал многу радикални ставови. Беше спомената и можна врска со крајно десничарски идеологии, но досега не е потврдено дека тие биле мотивот за нападот.

Девет мртви поврзани со масакрот

Да ве потсетиме дека 24-годишникот вчера влегол со автомобил на главниот плоштад во Краков малку по 15 часот и почнал да пука кон минувачите. Тој убил шест лица и ранил уште 15, вклучувајќи двајца полицајци кои помогнале да го запрат.

По пукањето, полицијата пронашла уште три тела во неговиот дом во Островјец Свјетокржиски. Потврдено е дека станува збор за негови родители и сестра. Околностите на нивната смрт се исто така под истрага.

Полска прогласи дводневна национална жалост како одговор на трагедијата, а во Краков жалоста ќе трае до среда.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ужас во рингот: Прекинат е меч поради страшна деформација на главата на боксерот (ВИДЕО)

Англискиот боксер Зак Милер влезе во рингот со големи амбиции и желба да ја освои британската титула во перо категорија, но неговиот меч против Гали Паувар заврши на начин што ги шокираше љубителите на боксот. 

Ужас во рингот: Прекинат е меч поради страшна деформација на главата на боксерот (ВИДЕО)

По десет рунди и драматични сцени во рингот, тепачката беше прекината поради страшниот оток на главата, кој целосно го промени изгледот на неговото лице.

Борбата за слободниот шампионски појас се одржа на боксерски настан, чии главни актери беа Џошуа Буатси и Вили Хачинсон. Пуар беше поактивен во поголемиот дел од натпреварот, но пресвртот дојде по ненамерниот судир на глави.

Над окото на Милер почна да се создава огромен хематом кој од минута во минута стануваше се поголем. Веќе на крајот од седмата рунда последиците беа застрашувачки. На лицето му се појавил голем оток, додека дополнителна загриженост предизвика расекотина над другото око.

Ситуацијата набрзо дополнително се влошила. Уште еден огромен хематом се појавил на спротивната страна од главата, а двата отоци продолжиле да растат. Во деветтата рунда беше побарана лекарска проценка, но Милер доби дозвола да ја продолжи борбата.

Не се откажа и покрај страшните повреди

Во десеттиот круг сцените станаа уште подраматични. Отоците толку многу ја искривиле главата на боксерот што судијата повторно го повикал докторот на ринг. Овој пат немаше дилема - по краток преглед беше препорачано прекинување на тепачката и итна медицинска помош.

Бидејќи повредите настанаа како резултат на ненамерен судир на глави, победникот беше решен според картоните на судиите. Паувар славеше со едногласна техничка одлука. Така 24-годишникот стигна до титулата британски шампион во перо категорија, додека Зек Милер и покрај големата желба и упорност мораше да се задоволи со пораз.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЛДП: Македонија заслужува ЕУ сега- светските либерали изгласаа резолуција за итна европска интеграција!

Забрзана интеграција на Македонија во Европската Унија и итен пристап до европскиот пазар и фондовите на Унијата се бара во резолуцијата на Либералната интернационала усвоена изминатата недела на конгресот во Бангкок. 

ЛДП: Македонија заслужува ЕУ сега- светските либерали изгласаа резолуција за итна европска интеграција!

Резолуцијата истакнува дека 78% од македонската економија е поврзана со европската и дека претворањето на евроинтеграцијата во подвижна цел за Македонија и за земјите кандидатки води кон слабеење на европските позиции.

Предлозите од оваа резолуција носат директни решенија за секојдневните маки на македонските граѓани и бизниси – крај на повеќечасовните чекања за камионџиите на границите поради новиот ЕЕС-систем, ослободување од дополнителни такси за влез во ЕУ како новиот ЕТИАС-систем, слободно движење и работа ширум Европа, како и силна економска ињекција преку фондовите што ќе го подобрат стандардот на граѓаните.

ЛДП во континуитет истакнува дека е потребна редовна координација на меѓународните секретари и раководствата на партиите кои имаат членство во меѓународните и европските политички семејства за да се промовираат координирани национални позиции. Водењето надворешна политика водена исклучиво од интересите на една партија е погрешно и штетно.

На овој значаен настан, Емил Кирјас ја доби силната доверба и реизбор за потпретседател на светското либерално семејство, потврдувајќи го угледниот македонски глас на меѓународната сцена.

„Од либералите имаме постојана, директна и сесрдна поддршка. Тоа е последица на напорна работа, блиски контакти, искрени односи и непоколебливо држење до вредностите. Тоа државата мора да го искористи сега, а не утре,” изјави по усвојувањето на резолуцијата потпретседателот на ЛИ, Емил Кирјас.

“Како народ и како нација немаме луксуз да чекаме подобри времиња преку илузорни странски гаранции. Градењето функционална, правична, некорумпирана и здрава држава, со самозаштитни клаузули за европската иднина и економскиот просперитет, мора да биде заедничка обврска за сите. Мора да ја промениме реалноста во која доминираат манипулациите и празните говори, наместо конкретните резултати“, додаде Кирјас.

ЛДП останува отворена да ги поддржи вистинските државни интереси кои водат кон итно деблокирање на европските интеграции и конкретни придобивки за македонските граѓани и македонскиот бизнис.

Либерално-демократска партија

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер