Рамафоса го информираше Си за африканското посредување во Русија и Украина

Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса го информирал својот кинески колега Си Џинпинг за претстојната посредничка мисија на шестмина африкански лидери во Русија и Украина, соопшти денеска јужноафриканското претседателство.

Во мај, Рамафоса рече дека претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, се согласиле да ја примат мировната мисија. Таа делегација е подготвена да ги посети двете земји во средината на јуни.

Како што соопштија од јужноафриканското претседателство, Си ја поздравил „иницијативата на африканскиот континент и го препознал влијанието што конфликтот во Украина го има врз човечките животи и безбедноста на храната во Африка“.

Африканските земји се тешко погодени од зголемувањето на цените на житото од почетокот на руската инвазија на Украина, главен извозник на пченица и други земјоделски производи. Африка е исто така погодена од поширокото влијание на војната врз светската трговија.

Во африканската делегација ќе бидат претседателите на Конго-Бразавил (Република Конго), Египет, Сенегал, Јужна Африка, Уганда и Замбија.

Медијаторската и мировната мисија доаѓа додека Јужна Африка се обидува да се одбрани од обвинувањата дека, и покрај декларираната неутралност во конфликтот со Украина, застанува на страната на Русија. /МИА

Писториус: Русија ќе остане закана за европската безбедност, и ако се постигне мир во Украина

„Би било наивно да се верува дека таа закана, дури и по каков било мировен договор, кога и да се материјализира, ќе ослабне“, рече Писториус пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска изјави дека Русија ќе остане закана за европската безбедност дури и ако се постигне мир во Украина, изразувајќи жалење што американската администрација веќе направила, како што наведе, отстапки за Русија пред почетокот на преговорите.

„Би било наивно да се верува дека таа закана, дури и по каков било мировен договор, кога и да се материјализира, ќе ослабне“, рече Писториус пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.

Писториус нагласи дека затоа е неопходно членките на НАТО повеќе и побрзо да инвестираат во својата одбрана и безбедност.

Хрватска ќе уништи пратка со сок од јаболко од Србија поради присуство на токсини

 Хрватските санитарни инспектори наредија итно уништување на пратка со сок од јаболко од Србија поради присуство на микотоксини.

Европскиот систем за безбедност на храна (РАСФФ) објави дека микотоксинот патулин, произведен од одредени видови мувла, е откриен во сок од јаболко од Србија.

Патулин е откриен во примерокот на сокот во концентрација од 93 микрограми на килограм јаболка, прописите не дозволуваат присуство на овој микотоксин воопшто.

Според упатствата на ЕУ, максималниот толерантен дневен внес на патулин во организмот е 0,4 микрограми по килограм храна.

Патулин најчесто се наоѓа во соковите добиени со пресување свежи јаболка. Бројни научни студии ја потврдија токсичноста на патулинот за телото. Симптомите на акутно труење вклучуваат возбуда, грчеви, отежнато дишење и пулмонална конгестија. Тие исто така може да предизвикаат дигестивни проблеми со улцерации, надуеност и крварење, а при високи дози, промени во функцијата на бубрезите.

Денеска почнува 75. Меѓународен филмски фестивал во Берлин

Во Берлин денеска почнува 75. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Берлинале“. За главната награда „Златна мечка“ за најдобар филм ќе се натпреваруваат 19 остварувања од целиот свет.

Инаку, десетдневната свеченост во германскиот главен град ќе биде отворена со домашниот воннатпреварувачки филм „Светлина“ (Das Licht), на германскиот режисер Том Твикер, којшто ќе биде претставен со специјална гала-вечер. Американскиот режисер Тод Хејнс ќе претседава со годинешното жири, додека за првпат фестивалската програма ќе ја води Триша Татл, која ќе ги претстави новите филмови во натпреварувачкиот дел. Фестивалот ќе трае до 23 февруари, се наведува на официјалната интернет-страница.

Лусил Хаџихалиловиќ ќе се претстави со драмата „Ледена кула“ (La Tour de glace), каде што главната улога ја толкува француската актерка Марион Котијар.

Во филмот „Сина Месечина“ (Blue Moon) на американскиот режисер Ричард Линклејтер глумат Итан Хоук и Ендрју Скот.

Романскиот режисер Раду Жуде се враќа на фестивалот со „Континентал '25“ - мрачна комедија за станбената криза и подемот на ксенофобијата и шовинизмот.

Инаку, исто така, во натпреварувачкиот дел, „Жешко млеко“ (Hot milk) е дебитантски филм на британската режисерка Ребека Ленкиjевич - како адаптација на романот на Дебора Леви којшто го истражува мајчинството. Во овој дел, годинава има само еден документарен филм - „Времеплов“ (Стрічка часу) на украинската режисерка Катерина Горностај. Овој засега последен нејзин филм е хроника за воспитувачите и наставниците во време на војна.

Јужнокорејскиот режисер Хонг Санг-су ќе го претстави својот осми филм - „Што ти вели таа природа“. Овој филмаџија веќе има освоено четири „Сребрени мечки“ последниве пет години.

Од 19 филмови во натпреварувањето, осум се режирани или со-режирани од жени, наспроти шесте лани. Берлинскиот фестивал се одликува со посветеноста на различностите и еднаквоста. Во 2019 година, организаторите ја потпишаа Повелбата за еднаквост и различност, обврзувајќи се на поголема транспарентност во изборот на филмови и на состав на нивните управни тела.

Во воннатпреварувачкиот дел ќе биде прикажана и научно-фантастичната црна комедија на Бонг Џун-хо „Мики 17“. Ова е негов прв филм на „Берлинале“ по „Паразит“ којшто му го донесе и престижниот „Оскар“.

Фестивалот ја доделува „Златната мечка“ за најдобар филм, „Големата награда“ на жирито, како и „Сребрени мечки“ за најдобар режисер, глумец, глумица, сценарио и филмска музика. Основан е во 1951 година и, од 1978., се одржува редовно секоја година во февруари. Секоја година, фестивалот е домаќин на околу 20.000 претставници на филмската индустрија од 120 земји и продава околу 330.000 влезници, што го прави најпосетениот ваков настан во светот.

„Златната мечка“ лани отиде кај филмот „Дахомеј“ на француско-сенегалскиот режисер Мати Диоп.

Од 1992 година, „Берлиналето“ ја доделува и наградата „Теди“ за филм којшто обработува теми за ЛГБТ-заедницата. Во 2020 година, организаторите ја повлекоа наградата „Алфред Бауер“ - именувана по поранешниот директор на Фестивалот, по откривањето дека тој имал врски со нацизмот.

притисни ентер