Пукотница во САД: Три лица загинаа во близина на студентски кампус (ВИДЕО)

Најмалку пет лица се застрелани денеска, од кои тројца загинаа, во близина на кампусот на Универзитетот во Синсинати, соопшти полицијата.

Две лица се приведени, од кои едно е рането во престрелката, пренесе АП.

На местото на настанот се пронајдени неколку огнени оружја, а приведени се две лица, од кои едното исто така е рането, изјави полицискиот претставник Марк Бурнс.

Тој рече дека засега нема други информации.

Претходно обезбедувањето на Универзитетот соопштило дека полицијата набрзо пристигнала по пријавата за пукањето, но дека еден час подоцна било констатирано дека повеќе нема никаква опасност.

Пинк морала да откаже концерт поради здравствени причини- испрати порака до фановите

Американската ѕвезда Пинк го откажа настапот во Швајцарија поради лоша здравствена состојба.

Во рамките на летната турнеја Пинк требаше да настапи на стадионот Ванкдорф во Берн, но тоа не се случи.

Таа на своите следбеници на социјалната мрежа Инстаграм им се обрати со следниве зборови:

- Многу ми е жал што морав да го откажам настапот. Правам сѐ за да настапувам за вас секоја вечер, но откако се консултирав со докторот и ги разгледав сите опции, ми рекоа дека не можам да го одржам овој концерт - изјавила Пинк, што ги растажило нејзините фанови.

-Ви испраќам на сите љубов и здравје и навистина се надевам дека наскоро повторно ќе се видиме - напишала Пинк, но не кажала што точно е здравствениот проблем.

Николоски- Клајн: Во Унгарија гледаме како долгогодишен партнер и пријател

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска оствари работна средба со Амбасадорот на  Унгарија,  Андраш Клајн.

На средбата министерот Николоски упати честитки за преземањето на претседателството со Советот на ЕУ од страна на Унгарија, со порака дека Владата останува силно фокусирана на европската агенда.

Исто така министерот Николоски ги потенцираше реформските процеси, истакнувајќи ги плановите на Владата за регионална интеграција и зајакнување на односите со земјите од Западен Балкан.

На средбата се разменија информации околу искуствата за модернизација на регионалната инфраструктура, со посебен фокус на патната и железничката инфраструктура.

Во Унгарија гледаме како долгогодишен партнер и пријател и огромна е поддршката што ја овозможува Унгарија за евроинтегративниот процес како врвен приоритет, потенцираше на средбата министерот Николоски.

И двајцата се согласија за натамошно зајакнување на билатералните односи и интензивирање на соработката во области од заеднички интерес за двете земји, соопштуваат од Министерството..

Црвен аларм поради невреме во Грција- силни ветришта и дождови на Халкидики и крајбрежјето

По продолжениот топлотен бран, Грција во следните два дена ќе се соочи со силно невреме кое ќе биде придружено со силен дожд, грмежи и град, соопшти Националната метеоролошка служба.

Националната метеоролошка служба издаде итно предупредување за промена на временските услови на северот на земјата и во Тракија.

Исто така, е посочено дека најинтензивно невреме се очекува утре и дека невреме ќе има во претежно планинските предели во централниот и северниот регион.

Температурата само малку ќе опадне и ќе се движи околу 30 степени. Западно-северозападен ветер со исклучителен интензитет се очекува во Јонското и Китерското Море.

Утре невремето ќе стигне до северниот дел на Егејското Море и кон копното на Грција. Подрачјата кои ќе бидат зафатени се: Тракија, Халкидики, Тесалија, Споради, Стерија, Пелопонез и Евија.

На наведените места се очекува драстичен пад на температурите.

Предупредување за невреме е издадено и за Атика и Беотија.

Генералниот секретаријат за цивилна заштита им препорачува на граѓаните да бидат внимателни и да ги преземат сите заштитни мерки. Посебно предупредување се однесува на области каде што се очекуваат обилни врнежи, бури и силни ветрови.

Од петок се очекува разведрување и враќање на реалните летни температури што се очекуваат за викендот.

притисни ентер