Граѓани и партиски симпатизери вечерва излегоа на протестниот марш во организација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ против, како што велат од партијата, неправдата која владее во земјава изминатите неколку години.
Протестот започна со емитување на аудио снимките на кои се слуша гласот на поранешниот премиер Зоран Заев, а кои беа објавени од пратеникот Антонијо Милошоски.
Маршот потоа продолжи со говор на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој порача дека правдата во Македонија била нападната од неправдата, но и дека судската и обвинителската власт биле брутално згазени.
Мицкоски достави и три барања: покренување на истрага за злоупотреба на службена должност на поранешниот премиер Зоран Заев, ревизија на работата на врховните судии и реформа на Советот за реформи во праводуството.
– Зоран Заев е виновен затоа што во исто време е премиер, обвинител и судија, обвини Мицкоски. Заев, како што рече, е и трговец со виталните органи на нашата Македонија и правдоубиец.
Според него, главни советници и верни заштитници на криминалот на Заев се Вилма Рускоска и Љубомир Јовески, уште неколку врховни судии и како, што рече, и неколку медиумски слуги кои не се новинари, а така се претставуваат.
На протестот, кој беше масовен, присутните граѓани извикуваа „Сакаме правда", „Македонија", пееја патриотски песни, вееја македонски знамиња, а главниот транспарент беше „Заев е виновен".