Приведен дилер во Куманово

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека вчера во Куманово е приведен дилер на дрога во чиј дом е пронајден хероин.

- На 21.06.2024 во 20:30 часот во Куманово, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Куманово го лишиле од слобода С.С. (47) од Куманово. При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, биле пронајдени и одземени хероин и дигитална вага, се наведува во денешното соопштение.

По целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

Радев нема да ја предводи бугарската делегација на Самитот на НАТО

Претседателот на Бугарија, Румен Радев не го прифати предлогот на Советот на министри да ја предводи бугарската делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон, што ќе се одржи од 9 до 11 јули.

Како што објави БТА, одлуката на Радев е поради тоа што тој „не прифаќа некои одредби од рамковните позиции усвоени од Советот на министри, кои се однесуваат на обврските што нашата земја ги презема во однос на војната во Украина“.

Министерскиот совет вчера ги одобри рамковните позиции на Бугарија за Самитот на НАТО. Со истата одлука се предлага претседателот Радев да ја предводи бугарската делегација и да ги презентира прифатените рамковни позиции. По одбивањето на Радев, бугарската делегација ќе ја предводи премиерот и министер за надворешни работи Димитар Главчев.

Радев е поранешен генерал и пилот на борбен авион. Тој уште првиот ден ја осуди руската агресија врз Украина, но постојано ја критикува воената поддршка на бугарската Влада за Киев. /МИА

Мартинез ја одби понудата од Саудиска Арабија

 Ѕвездата на Интер, Лаутаро Мартинез ја одби понудата за трансфер во Саудиска Арабија, објави Скај Спортс. Менаџерот на Аргентинецот со официјално соопштение ја потврди информацијата.

-Лаутаро постигна договор со раководството на Интер да потпише нов договор. Тој е еден од лидерите на тимот. Тој е и капитен. Разговаравме за ситуацијата и тој нема желба да ја напушти Европа, изјави неговиот агент Алехандро Камандо.

Лаутаро за Интер игра од 2018 година. За гигантите од Милано има 282 натпревари и 129 гола. Два пати ја освоил Серија А и Купот на Италија, 3 пати Суперкупот, а играл по едно финале во Лигата на шампионите и Лигата на Европа.

Напаѓачкиот играч е дел од репрезентацијата на Аргентина за Копа Америка, откако постигна по еден гол во победите над Канада (2:0) и Чиле (1:0) во групната фаза на натпреварувањето. /МИА

ЦУК: Падна карпа на булеварот „Никола Карев“ после влезот на касарната „Илинден“

 Падна карпа на булеварот „Никола Карев“ во Скопје после влезот на касарната „Илинден“, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). 

Привјавата за падната карпа, како што велат ја добиле на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК.

Од Регионалниот ЦУК Скопје посочуваат дека веднаш ги информирале надлежните од Град Скопје за итниот случај.

Се очекува мерки да преземе Градот Скопје преку своите служби.

притисни ентер