Притвор од 30 дена за екс директорот на УБК Атанасовски

„Здружување заради непријателска дејност” е кривичното дело кое му се става на товар на поранешниот шеф на тајната полиција Владимир Атанасовски, кој синоќа беше уапсен и однесен на сослушување кај судија на претходна постапка.

На Атанасовски му е определена мерка притвор во траење од 30 дена, а му се заканува казна затвор од најмалку четири години.

Неговото апсење доаѓа еден ден по сведочењата на обвинетите во судскиот процес за 27ми април, Стефан и Михаил Младеновски и Захарие Симовски, кои го посочија како главен организатор на упадот во Собранието и нарачател на насилства и кривични дела врз членови и симпатизери на тогашната опозиција. По нивните искази Обвинителството отвори истрага.

Обвинителката Вилма Рускоска по синоќешниот распит рече дека обвинителството побарало притвор за Атанасовски заради опасност од бегство, влијание на сведоци или уништување на трагите од кривичното дело и можно повторување на кривичното дело.

“Тој навистина не е повеќе директор во УБК, но како поранешен директор тој сепак има големо влијание како од вработените, но и меѓу луѓето. Знаеме дкеа секојдневно се организираат мирни пратести пред Собранието , мирни како на “За заедничка Македонија “, но сепак кои протести ескалираа во едно крваво насилство, тоа се причините поради кои обвинителсвото побара определување мерка привор по основ на сите три точки од ЗКП, ” вели Вилма Рускоска – Обвинител

Рускоска истакна дека обвинителството има намера да ја прошири истрагата, но не прецизираше во која насока и кон кои лица со оглед на тоа дека има законски рок од шест месеци да се поднесе обвинителен акт. Таа изјави дека новите детали прв пат ги чула на самото рочиште.

“Никола Бошковски беше споменат од сите обвинети вчера што даваа исказ и тие имале директни контакти со него. Синиша Алексовски вчера и сами сте свесни дека беше споменат како некој разговарал со некого па ја пренел информацијата. Така да не можеме да ги ставиме на исто рамниште едниот и другите. Сега за сега нема други докази,”истакна Вилма Рускоска – Обвинител.

Адвокатот на Алексовски, Јордан Апостолски изјави дека беспредметно е барањето за притвор на обвинителството.

“Господинот Влатко Атанасовски , веќе година дена не е директор на ДБК и доколку презел некои дејствија во овие година ипол дена , тој би ги презел, би се дал во бегство, би влијаел на сведоци, а тоа не го направил, така да беспредметно е барањето на обвинителството. Сметаме дека обвинителството прави огромна грешка приклонувајќи им верба на луѓе кои се соочуваат со доживотен затвор и би кажале се за да го избегнат тоа,” Јордан Апостолски – Адвокат на Владимир Атанасовски.

Владимир Атанасовски беше поставен за директор на УБК во септември 2016 година по оставка на тогашниот директор Сашо Мијалков и ја извршуваше таа функција до јуни 2017 година кога и почна истрагата за „крвавиот четврток“ која сепак не го опфати.

Рочиштето за 27ми април продолжува во четврток, кога своја одбраната треба да даде обвинетиот Александар Василевски – Нинџа. Покрај неговиот исказ ќе се сослушаат тројца сведоци кои ги предложи неговата одбрана. Меѓу нив е и братот на Нинџа , Благоја Василевски кој беше телохранител на екс премиерот Никола Груевски и на 27ми април беше со него во Виена.

„Полските Малдиви“ и езерата со тиркизна вода

Љубителите на туризмот кои ја посетиле Полска сѐ почесто ги препорачуваат „Полските Малдиви“...

Се работи за природниот парк „Гродек“ на југот од земјата, со две езера полни со вода во тиркизна боја, и дрвен мост - поради сѐ тоа, местото изгледа како тропски рај.

Паркот се наоѓа близу градот Јавожно и во близина на Катовице, недалеку од јужната граница со Чешка и Словачка. Тука некогаш се наоѓал каменолом, а токму на тоа и двете тиркизни езера ја должат својата, според многумина - неодолива боја. Каменоломот работел повеќе од сто години, а бил затворен во 1990-тите. И покрај неговото постиндустриско потекло, паркот е богат со различни животински видови, ливади, мочуришта, шуми, а пејзажот можe да се следи од неколку патеки-шеталишта. Тиркизните езера коишто некогаш биле резервоари за вода за потребите на каменоломот, се нарекуваат Видра и Орка. Тие се главен хит меѓу посетителите.

Езерото Видра, со своето „дрвено“ шеталиште е веројатно најфотографираниот дел од паркот... Барем во потоплите делови од годината, кога Сонцето ја истакнува неговата тиркизна боја. Како што се истакнува, ова езеро не е „толку егзотично“ зиме и кога времето е облачно.

Орка, пак, е длабоко 18,5 метри и до него нема пристапи освен во костим за нуркање. Како езеро за каменолом, тука на дното сè уште има потонат брод и - два багери.

Меѓу недотатоците што посетителите ги наведуваат на интернет, е тоа што нема „понуди за освежување“, освен можеби само сладоледот што може да се купи на паркингот во екот на сезоната. До паркот „Гродек“ можете да се стигне со воз или автомобил.

Фото: Фејсбук

Новак Ѓоковиќ бил на преглед во Ургентниот центар во Белград

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ претпладнето бил на лекарски прегледи во Белград.

Како што пренесува „Информер“, Ѓоковиќ денеска околу десет часот наутро бил во Ургентниот центар, каде му била извршено скенирање на главата.

Во таа прилика, според истиот извор, Новак тајно бил примен во споменатата болница, каде биле извршени прегледи на главата, но не се знае какви се резултатите од прегледот.

Истиот извор наведува дека Новак бил расположен, па излегол да ги пречека вработените кои сакале да ја овековечат средбата со него со сувенир фотографија.

За потсетување, Новак се здоби со повреда на главата по мечот против Корентано Муте во Рим, кога додека даваше автограми, од трибините падна метално шише и го удри во главата.

Со такси лани превезени 14 341 000 патници

Минатата година со такси превезени се 14 341 000 патници, од кои

12 749 000 во градскиот превоз, а во меѓуградскиот 1 592 000 патници, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

Со 1 556 патнички автомобили опфатени во истражувањето се изминати вкупно 55 793 000 километри, од кои 47 487 000 во градскиот превоз, додека во меѓуградскиот превоз се остварени 8 306 000 километри.

Податоците за такси-превозот се добиени од 227 извештајни единици.

ДЗС споделува податоци и за потрошувачката на гориво: 184 тони бензин, 2 752 тони дизел и на 2 239 тони автогас.

притисни ентер