"Не сум го видел тој филм, немав време. Ништо од она што е прикажано во филмот, како мое, не ми припаѓа мене, ниту мене ниту на моите најблиски", рече Путин во телевизиско интервју со студенти, разговарајќи за новиот филм на Фондацијата за борба против корупција на Алексеј Навални, објавен на YouTube.
Тој документарец одекна многу во Русија и ширум светот и за само два дена видеото било прегледано повеќе од 86 милиони пати, од кои 40 милиони пати во Русија.
Двочасовниот филм е наречен Палатата на Путин, кој, според Навални, пред се е приказна за корупцијата, детално го прикажува величествениот имот на брегот на Црното Море со површина од скоро 18.000 квадратни метри.
Авторите на филмот тврдат дека околината е скоро 40 пати поголема од Кнежевството Монако и дека зградата наводно чинела 100 милијарди рубљи (околу 1,12 милијарди евра).
Според Фондацијата, палатата била финансирана од руските државни компании „Роснефт“ и „Транснефт“, а со двете управуваат блиски пријатели на Владимир Путин: Игор Сечин и Николај Токариев.
Негирањето на претседателот Путин следува два дена по одржувањето на протестите во повеќе од 100 градови низ целата земја за поддршка на Навални.
Во Москва, повеќе од 20.000 луѓе побарале негово ослободување.
Одговорот на протестите се зголемил по прикажувањето на споменатиот документарец.
По петмесечен престој во Германија, каде што се лекуваше и се опоравуваше од последиците од наводното труење со хемискиот отров новичок, Навални се врати во Русија на 17 јануари и веднаш беше уапсен за кршење на условната слобода.
Навални, 44-годишен адвокат, се наоѓа во московски затвор и чека исход за четири правни случаи, за кои тврди дека се измислени. Тој го обвинува Владимир Путин дека го наредил неговиот атентат. Путин го негира тоа, тврдејќи дека Навални е дел од валкана кампања организирана од САД за да го дискредитираат.
Нови протести за поддршка на Навални се најавени за следната недела, бидејќи е најблиску до датумот 2 февруари, кога Навални треба да се појави пред московскиот суд.
Судот треба да одлучи дали ќе ја смени 3,5 години условната казна затвор во казна затвор.
Моќта на Путин засега изгледа недопирлива, бидејќи 68-годишниот претседател редовно бележи поддршка од над 60 проценти, многу повеќе отколку Навални, објави Би-Би-Си.