Позната е причината за трагичната авионска несреќа на јужнокорејски патнички авион (ВИДЕО)

Инспекторите пронашле птичји пердуви и крв во двата мотори на авионот Боинг 737-800 кој се урна во Јужна Кореја кон крајот на декември, изјави денеска за Ројтерс лице запознаено со истрагата.

Министерството за транспорт на Јужна Кореја се уште не ги коментирало овие наводи, пренесе Ен-Би-Си Њуз.

Во авионската несреќа на патничкиот авион Боинг 737-800 управуван од јужнокорејската компанија Џеџу Ер на линија од Бангкок до Муан, со 181 патник, на 29 декември загинаа 179 лица, а две лица беа спасени, објавија властите во Сеул.

Сите 175 патници и четворица членови на екипажот загинале, а двајца членови на екипажот преживеале, кога авионот принудно слетал, удрил во бетонски ѕид, експлодирал и се запалил.

Медиумските извештаи сугерираат дека можните причини за несреќата може да вклучуваат удар на птица, проблеми со тркалата или ѕидот на крајот од пистата.

Јаневска: Од септември средношколците ќе добијат образовни асистенти, законот е во Собрание

Иако на средношколците им беше ветено дека на почетокот на второто полугодие, со измени на Законот за средно образование ќе добијат образовни асистенти, дел од родителите се пожалија дека тоа се уште не е случај.

Министерката за образование Весна Јаневска откако законот вчера помина на Влада и е во собраниска процедура, овојпат уверува дека со сигурност образовни асистенти низ средните училишта ќе има од септември , а во моментов ќе се обезбедат онаму каде би имало сериозна потреба.

- Претходниот Закон не предвидуваше образовни асистенти во средните училишта. Овој закон го предвидува тоа. Она што е сигурно дека тие од септември оваа година ќе имаат образовни асистенти, а во моментов доколку има сериозна потреба и непополнето место за образовен асистен ќе се потрудиме да обезбедиме и за овие ученици.

Јаневска на прес конферецнијата кажа дека околу 400 студенти што се финансирани од државата за да студираат на топ рангираните универзитети на Шангајската листа, од сега ќе имаат обврска да се пријават на новиот регистар на МОН преку кој ќе се следи текот на нивните студии и работниот статус.

Оние студенти кои во рок од три месеци по дипломирањето ќе се вработат во странска компанија ќе можат да останат во странство најмногу до три години, но по враќањето во државата имаат обврска да работат двојно повеќе од времето на студирање. Оние студенти пак кои ќе одлучат да не се вратат во државата, ќе мораат да ги вратат средствата од стипендијата, најдоцна две години од завршувањето на студиите.

- По враќањето стипендистите треба да се пријават во МОН и за прв пат, да се регистрираат на посебен дигитален регистар (e- registar.mon.gov.mk), што го воведуваме оваа година, а кој ќе биде споделен со државните органи, универзитетите и стопанските комори, во насока на полесно наоѓање соодветен работен ангажман. Ако на студентот не му биде понуден ангажман во рок од шест месеци, не му престанува обврската да работи во државата.

Истите услови ќе важат и за новите студенти, за кои во тек е и конкурсот за финансирање на додипломски,постдипломски и докторски студии за учебната 2025/26 година. Финансирањето на студентите чини и до 40.000 долари само за уписнината, објаснува Јаневска, па целта е инвестицијата во образованието на студентите да се врати во државата.

Какви реформи се потребни во правосудството?

Дали со извесното разрешување на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски ќе се поправи угледот и довербата во обвинителството?

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев смета дека покрај првиот човек, треба да има промени и на други раководни позиции за да има реални резултати. Со заминувањето на Коцевски од позицијата, кое вчера Владата го усвои и на седница, Калајџиев оценува дека се отвора пат за реформа во врвот на правосудниот систем.

„ Треба на некој начин да се тргнат барем од раководни позиции сите инволвирани освен државниот обвинител. Он во тој конфликт и да не е директно одговорен, ние никогаш нема да дознаеме кој нависина бил причина за конфликтот или колку придонел, меѓутоа он е тој шефот и не смеел да дозволи да настане таква ситуација. “-Гордан Калајџиев – универзитетски професор.

Кој ќе го наследи Коцевски, според професорот најмногу зависи од политичката поддршка. Во Македонија има пракса кандидатите прво да бараат партиска помош пред да се пријават на огласите, вели Калајџиев.

„ Властите кај нас е општопознато дека имаат желба да си донесат по можност свој обвинител и тоа не би било добро. Би било добро навистина да дојде еден ден човек со интегритет. Во крајна линија тоа нема да зависи само од властите, ќе зависи од тоа кој ќе се јави. Во обвинителството сигурно може да се најде човек со интегритет. “-Гордан Калајџиев – универзитетски професор.

Вчера Владата ја прифати иницијативата за разрешување на Коцевски, со наводите дека постапувал пристрасно имал судир на интереси, а под негово раководство обвинителството има нарушен углед и функционалност...

Следен чекор во процедурата за Коцевски е комплетниот предлог да биде испратен до Советот на јавни обвинители кои треба да дадат мислење, кое сепак нема да влијае врз крајниот исход од гласањето во Собрание.

Прашана за овој случај, американската амбасадорка Агелер денеска накусо изјави дека нема коментар и дека одблизу го следат процесот, со очекување дека ќе се испочитуваат законите.

Стопанската комора на трговци со реакција на владините одлуки за ограничување на маржите

Стопанската комора на трговците на големо и мало изразува загриженост од вчерашната одлука да ги ограничи маржите, односно заработката на трговците за 5, 10 и 15% на прехранбени и непрехранбени производи и браат итна нова средба со премиерот.

Стопанската комора на трговците на големо и мало изразува загриженост од вчерашната одлука да ги ограничи маржите, односно заработката на трговците за 5, 10 и 15% на прехранбени и непрехранбени производи и браат итна нова средба со премиерот Христијан Мицкоски

Тие се жалат дека со ова им се нанесува значителна штета на стопанските субјекти, а целта нема да биде постигната.. Велат дека иако Владата најави дека оваа мерка ќе опфати 1000 производи, во реалноста се работи за многу поширока листа од 3000-4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко со различни маслености, како и производи како што се детергенти и сапуни.

-Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25%, што е причината за ограничувањето на маржата на 5%, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е, цените да се намалат за 15-20%, доколку се намали маржата на овој начин. Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи. На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања. – Стопанска комора на трговци на големо и мало.

Сепак, овој пат тешко дека ќе има премислување за одлуката, бидејќи од министерството за економија за Канал 5 потврдуваат дека набргу истата ќе заврши во службен весник, по што и официјално ќе стапи на сила. А, трговците со одлуката се задолжени и да имаат најмалку 70% од предвидените производи на полиците...

Дел од граѓаните сметаат дека е добро што се направило нешто во оваа насока, но сепак ќе почекаат да видат како реален ефект ќе има оваа одлука врз нивниот џеб..

Со одлуката, со 5% се ограничуваат 8 производи, белиот и полубелиот леб, брашната тип 400 и 500, киселото млеко, јогуртот, јајцата, маслото за јадење. На 10% се ограничуваат 37 производи, меѓу кои оризот, пекарските производи, месото од разно животинско потекло, рибата, млечни производи и уште многу други. Со 15% пак се ограничени поголем дел од овошјата и зеленчукот, пелени, бебешка и детска храна, хемикалии како и дел од алкохолните и безалкохолни пијалаци.

Одлуката ќе трае до 30 април со што во овој период ќе бидат опфатени и два од најголемите верски празници кај христијаните и муслиманите, Велигден и Рамазан Бајрам на кои традиционално се полнат трпезите, а се празнат маркетите.

притисни ентер