Повремени прекини во сообраќајот на патот Кичево-Охрид

На патниот правец Кичево – Охрид, на делницата Пресека – Песочан, денеска помеѓу 11:00 и 14:00 часот сообраќајот ќе биде во прекин во времетраење од 10 до 15 минути поради изведување градежни работи на пат (минирање), информираат од АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвивa непречено по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Премиерот Мицкоски оствари средба со Амбасадорката на САД, Н.Е. Ангела Агелер

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска 26.06.2024 година оствари средба со Амбасадорката на САД, Н.Е. Ангела Агелер.

На средбата беа разменети мислења и ставови за тековните политички и економски прашања, како и за напредокот на демократските процеси во земјата.

Претседателот Мицкоски ја истакна важноста на стратегиското партнерство помеѓу двете држави, потенцирајќи дека поддршката од американската страна е клучна за развојот и стабилноста на регионот.

Амбасадорката Агелер ја потврди посветеноста на САД за продолжување на одличната соработка со Македонија и изрази подготвеност за поддршка во клучните реформи и проекти што се предвидени во наредниот период.

Средбата заврши со согласност за натамошно зајакнување на билатералните односи и интензивирање на соработката во различни области од заеднички интерес.

Платформа за родова еднаквост: Загрижува недоволната застапеност на жените во новата влада

 По формирањето на новата влада, од Платформата за родова еднаквост соопштија дека изразуваат сериозна загриженост за недоволната вклученост на жените на сите нивоа на управување.

Како што потенцираат, вознемирувачки е што исклучувањето на жените од извршната власт е силно евидентно во новоформираната влада.

-И покрај тоа што државата постигна пресвртница со изборот на првата жена претседателка на државата – достигнување за пофалба, моментумот за што пошироко вклучување на жените на високи позиции на влијание и одлучување се чини дека е во застој, се вели во соопштението на Платформата.

Како што посочуваат, претходната влада имаше скромна 25 проценти застапеност на жени во министерски улоги (пет од 16 министерства), сепак, оваа бројка сега е намалена за половина, при што само три жени земаат министерски позиции од вкупно 24 (или само 13 проценти).

Овој регрес, според Платформата, е особено алармантен со оглед на иницијативата на Комисијата за еднакви можности при Собранието на Македонија од 2023 година, која имаше за цел да воведе промени во изборниот законик кои подразбираа промена на постоечките квоти за репрезентативни позиции (пристап 50-50, односно 50 проценти учество на жените во советите на локалните самоуправи и во Собранието), како и вклучување квоти за позициите со извршна и одлучувачка моќ (30 проценти за градоначалнички и 40 проценти за министерски позиции).

-Воведувањето на квоти во 2002 година значително ја подобри застапеноста на жените низ годините, но бенефитите не се проширија на позиции кои не се регулирани со квоти, што укажува на постоечки системски предизвици за жените во политиката. Составот на актуелната влада забележува загрижувачки пад на политичкото учество на жените, што сигнализира регрес во полето на родова еднаквост во политиката, велат од Платформата за родова еднаквост.

Тие потенцираат дека наодите од истражувањата покажуваат оти една од главните причини за недоволното учество на жените во политиката е токму недостатокот на политичка волја и несоодветната поддршка од политичките партии за вклученост на жените во процесите кои подразбираат моќ на индивидуално одлучување. Овие пречки, појаснуваат, потекнуваат од вкоренетите родови стереотипи и одбивањето правично да се распредели моќта за одлучување.

Таквиот отпор, според Платформата за родова еднаквост, е штетен, не само за жените туку и за општеството како целина, бидејќи го попречува решавањето на прашања клучни за подобрување на квалитетот на животот на барем половина од населението.

-Од клучно значење е да се истакне дека Македонија може да се пофали со поголем процент на високообразовани жени во споредба со мажи. Затоа, потсетуваме дека прашањето на недоволно политичко учество не е поврзано со недостатокот на амбиција или образовна квалификација кај политичарките, туку истите се соочуваат со системски бариери и постојано обесхрабрување од професионалната сфера, јавноста и приватната околина, што го задушува нивниот политички ангажман, додаваат од Платформата.

Од Платформата за родова еднаквост повикуваат на итна акција за отстранување на бариерите за вклучување на жените во политиката и обезбедување еднаква и правична застапеност на сите нивоа на власта. Како што потенцираат, постигнувањето на вистинска родова еднаквост не е само прашање на правичност, туку е и неопходен предуслов за демократски и социјален напредок на Македонија. /МИА

Вучиќ во Брисел се сретна со Мишел, Копман и Вархеји

Тој истакна и дека не очекува ништо од разговорот со премиерот на Косово, Албин Курти.

Во рамки на еднодневната работна посета на Брисел, претседателот Вучиќ одделно се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји и со генералниот директор на Директоратот за соседство и проширување на Европската комисија Герт Јан Копман, јави дописникот на МИА од Белград.

- Успеав да разговарам за сите важни прашања со Шарл Мишел и односите меѓу Србија и Европска Унија, нашиот европски пат, за агендата за раст, единствениот пазар, но и за сето она што се случува во светот, Украина и Русија, како и за она што Мишел го очекува како некакви стратешки реформи во самата ЕУ, за да можеме подобро да ја оцениме нашата позиција, како да се приспособиме на тоа и да извлечеме максимум за нашата земја, истакна Вучиќ, додавајќи дека „верува да пред крајот на годината Србија ќе ги има првите транши од парите од Агендата за раст“.

Тој истакна и дека не очекува ништо од разговорот со премиерот на Косово, Албин Курти.

- Не очекувам ништо од средбата со Курти. Очекувам да драматизира и да вика додека не му кажам да престане, како и обично. Пак ќе каже за мене „малиот Путин“, што и да зборувам и правам, рече Вучиќ.

Тој изјави дека внимателно ќе ги слуша Жозеп Борел и Мирослав Лајчак и истакна дека работат во тешки околности.

- Имаат некој кој многу ги мрази Србите и живее за да им наштети на Србите, ние ќе се бориме за интересот на нашиот народ во Косово и ќе укажеме на тешката положба на нашиот народ, рече Вучиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање, српскиот претседател „ја поздрави кинеската иницијатива за прекин на конфликтот во Украина“.

- Западот мора да се бори жестоко до крај, но не сакаат да се стават во кожата на Путин, бидејќи ако тој ја загуби војната, нема да ја има повеќе Русија каква што ја знаеме. Кога имате две страни, од кои ниту една не може да биде поразена, војната ќе ескалира, кажа Вучиќ. /МИА

притисни ентер