„Ви посакувам плоден дијалог во интерес на вашите две земји и светот“, рече Пармелин пред вилата, а Бајден и Путин стојаа лево и десно. Тој истакна дека е чест и задоволство за Швајцарија да биде домаќин на самитот во Женева, „градот на мирот“.
Швајцарија силно лобираше за домаќин на самитот Бајден-Путин, а Женева има долга историја на разни самити.
По кратката изјава на швајцарскиот претседател, Бајден и Путин се ракуваа и влегоа во вилата на середбата на која што се очекува двајцата претседатели да ги претстават своите „црвени линии“. но и да се допрат до заедничките интереси.
„Господине претседател, сакам да ви се заблагодарам за иницијативата да се состанеме денес“, рече Путин, седејќи покрај Бајден, со министрите за надворешни работи на двете земји, Сергеј Лавров и Антони Блинкен. Бајден рече дека ќе се обиде да ги идентификува областите на соработка и заедничките интереси со Путин.
„Секогаш е подобро да се сретнуваме лице в лице“, рече Бајден.
Средбата е придружена со големи очекувања, пишува агенцијата Dpa, додека BBC наведува дека веројатно нема да има „ресетирање“ на односите. Состанокот треба да трае четири до пет часа, а двајцата претседатели имаат намера да се упатат кон своите земји веднаш по него. Пред тоа, ќе се појават одделно пред новинарите.
Кремљ и Белата куќа се обидоа да ги намалат очекувањата од состанокот, кој доаѓа на крајот на првата повеќедневна посета на Бајден на Европа како претседател на САД, за време на која тој се состана последните денови со лидерите на Г7, најразвиените земји во светот , партнерите во НАТО и лидерите на Европската унија.
„Ќе му објаснам на претседателот Путин дека постојат области каде можеме да работиме заедно, ако тој одлучи да го стори тоа“, рече Бајден. И за областите каде што не се согласуваат, тој рече „ ќе стави до знаење каде се црвените линии“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за руските медиуми дека на состанокот со американскиот претседател Путин, тој исто така ќе посочи „црвени линии“ кои не можат да се преминат.
"Без сомнение, секоја земја јасно ги дефинира своите црвени линии. Во овој поглед, претседателот Путин го прави тоа многу јасно. Сигурен сум дека тој ќе ги повтори тие црвени линии во разговорите со Бајден", нагласил Песков.