Почина еден од најбогатите луѓе на светот и отворен поддржувач на Трамп

Почина Бернард „Берни“ Маркус, милијардерот ко-основач на Home Depot и републикански мегадонор кој во последните години стана отворен поддржувач на поранешниот претседател Доналд Трамп, објави компанијата.

Имал 95 години, објави Си-Ен-Ен.

– Целото семејство „Home Depot“ е длабоко тажно поради смртта на нашиот ко-основач Берни Маркус – се вели во соопштението на компанијата. На Берни му должиме огромна благодарност.

Маркус, чие богатство според индексот на милијардери на Блумберг изнесуваше околу 7,4 милијарди долари, го направи своето богатство со основањето на Home Depot со Артур Бланк во 1978 година. Дуото го изгради синџирот продавници со препознатливото портокалово лого во малопродажен гигант кој денес има 2.300 продавници и пазарна вредност од речиси 400 милијарди долари.

Роден во 1929 година во Њуарк, Њу Џерси, од руски еврејски имигранти, Маркус беше најмладиот од четирите деца. Дипломирал на Универзитетот Рутгерс со диплома за трговија и маркетинг, по што започнал кариера во малопродажба, работејќи за различни синџири.

Тој го запознал Бленк додека двајцата работеле во синџирот „Handy Dan Home Improvement“ во Калифорнија. Двајцата биле отпуштени откако дошло новото раководство, па смислиле план да основаат нов ланец на продавници, поголем од традиционалните продавници за алати, со подобро обучен персонал. Така се родил Home Depot.

Маркус бил извршен директор на Home Depot до 1997 година и бил претседател на компанијата до неговото пензионирање во 2002 година.

Home Depot потекнува од Атланта, каде Маркус бил познат како филантроп заедно со неговата сопруга. Двојката го основала Центарот за аутизам Маркус на Универзитетот Емори, кој им помага на децата со развојни нарушувања.

Маркус, исто така, донирал на бројни добротворни организации, еврејски и медицински организации, вклучително и донација од 250 милиони долари што помогна да се отвори познатиот аквариум Џорџија во 2005 година.

- Беше мајстор за трговија и визионер во малопродажбата. Но, уште поважно, тој ги вреднуваше нашите вработени, клиенти и заедници пред сѐ друго - изјавија од компанијата.

- Ни остави непроценливо наследство и основата на нашата компанија: нашите вредности.

Како отворен републиканец, Маркус донираше милиони долари за кампањите на десничарските политичари, вклучително и покојниот Џон Мекејн, актуелниот гувернер на Флорида Рон ДеСантис и Трамп.

Подоцна во животот, тој често се појавуваше на емисии на десничарските телевизиски канали како Фокс Њуз и Фокс Бизнис, каде често зборуваше за неговата поддршка за претседателските амбиции на Трамп. Противниците на Трамп се обидоа да започнат со бојкот на Home Depot во 2016 и 2019 година поради поддршката на Маркус за републиканскиот претседателски кандидат.

Маркус, исто така, во интервју за „Фајненшл тајмс“ во 2022 година рече дека е „загрижен за капитализмот“ и дека поради, како што наведе, ширењето на „социјализмот“ во Америка - Никој не работи. Никој не се грижи. Само дај им ги парите. Испрати им пари. Не сакаат да работат - премногу се мрзеливи, премногу дебели, премногу глупави.

- Порано овде имавме слобода на говор. Сега го немаме – изјави Маркус претходно за Новиен:

- Луѓето од „Woke“ го зазедоа светот. Знаете, претпоставувам дека не можат да ме нападнат денес. Имам 93 години. Кој се грижи за Берни Маркус?

Прилеп новогодишно се украсува и се најавува богат пречек на Новата година

 Во Прилеп почна новогодипшното украсување на центарот на градот. Елката е веќе украсена и поставена на плоштадот „Матодија Андонов Ченто“, а градските власти најавуваат богата предновогодишна и програма за пречекот на Новата 2025 година.

-Овие два три дена ќе заврши комплетното новогодишно украсување на централното градско подрачје. За радоста на најмладите да биде уште поголема ќе бидат поставни сите оние препознатливи фигури околу камената бина и на плоштадот Александрија кои секоја година се атракција не само за најмладите, туку и за возрасните и за туристите. Ќе бидат украсени плоштадот „методија Андонов Ченто“ и платото пред Саат кулата, вели Христијан Тунески, портпарол на општина Прилеп.

Пред новата година ќе се одржи традиционалниот тридневен новогодишен базар, а за пречекот на новата година ќе има забава со познати музички имиња како и богат огномет.

-Од 28 до 30 декември е новогодишниот базар во центарот на Прилеп каде е предвидена целодневна детска, но и културна програма. Што се однесува до пречекот на Новата Година, годинава ќе биде збогатен со неколку музички имиња, како што се ди-џеите Сирилик и бендот „Балканика“ како и победникот на балканското шоу „Никогаш не е доцна“, господинот Башески. Секако, нема да изостане и спектакуларниот огномет, објаснува Тунески.

АФЖ во Македонија: Антифашистичката историја на жените е наследство што мора да го чуваме

Програмата за одбележување на јубилејот завршува на 24 декември во Музејот на Македонија со самостојната изложба „Џинови и снегулки“ на уметницата Христина Иваноска.

По повод 80 години од формирањето на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) во Македонија, во периодот од 12 до 24 декември 2024 година во Скопје ќе се одржат серија културно-уметнички настани отворени за целата јавност, преку кои комеморативно, научно и критички ќе се практикува културата на сеќавање на најмасовното женско движење кога било на просторите на поранешна Југославија.

-Основан во текот на Втората светска војна, под водство на Комунистичката партија на Југославија, со цел масовно и системски да ги вклучи жените во борбата против фашистичките сили, преку својата широка и комплексна мрежа на терен АФЖ не само што ја исполнил зацртаната задача, туку успешно спроведувал и масовни кампањи за описменување, политичко учество на жените и нивно економско активирање како работнички. Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија е формиран на 15 декември 1944 година во тогашното кино „Уранија“, денес познато како кино „Култура“ (Скопје), на Првата главна конференција за Македонија во присуство на 400 делегатки и делегати, особено благодарение на иницијативната и водечка улога на првоборките и комунистички политичарки Веселинка Малинска, Мара Нацева, Вера Циривири Трена и Лефта Јосифовска.

-Настаните се обид да се воспостави култура на сеќавање на важните настани и личности од нашето, не така далечно минато, битни за нашата денешница и иднина“, вели Вера Бунтеска од Општинската организација на Сојуз на борци - Карпош.

Историчарката Ивана Хаџиевска нагласува дека кога е во прашање одбележувањето на јубилеите поврзани со АФЖ и со Народноослободителната борба (НОБ), чести се декларативните заложби за ‘чување на споменот‘, но, во практика тоа не се одразува ниту во институционалните и општествените односи кон вреднувањето на историјата на жените, ниту во обезбедувањето видливост и присуство на наративи во јавниот дискурс кои го предизвикуваат патријархалниот модел за родот и улогата на жените во општеството.

-Програмата за одбележување на овој јубилеј е плод на женско организирање, чија цел е токму да ги предизвика политиките на заборав кон (социјалистичката) историја, но и да отвори суштински простор за критичко сеќавање на политичките, социјалните, родовите и економските аспекти. На тој начин, можеме да ја поврземе историјата на АФЖ и со нашите сегашни хоризонти, обележани со колонијалистички војни, опресија и климатска криза, како и со галопирачко назадување на напредокот на женската општествена положба“, вели таа.

Програмата започнува на 12 декември во Кинотеката на Македонија, со вечерен настан во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Феминистичката антифашистичка мрежа (ФАМа), кој ќе вклучува обраќања на експертки и активистки од регионот, како и читање на авторскиот текст „Таа“ на Искра Гешоска од страна на Никола Ристановски и изведба на „Духот на слободата“ од страна на учениците од СУГС „Никола Карев“.

Општинската организација на Сојузот на борци – Карпош ќе ја отвори темата за жените на Македонија и нивната борба за остварување на рамноправноста низ призмата на антифашистичкиот фронт на жените на Македонија во Домот на АРМ на 13 декември со почеток во 11 часот, по што ќе положи цвеќе пред Споменикот на жената борец во Паркот „Жена Борец“.

Истиот ден со почеток во 14 часот, во организација на Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија од НОАВМ 1941-1945 и продолжувачите, во кино „Фросина“ ќе се прикаже дел од филмскиот серијал „Народни херои од Македонија“ од архивата на МРТВ, посветен на Елпида Караманди - учесничка во НОБ, што ќе биде придружено со пригодни обраќања и со песната „Елпида“ во изведба на Сашка Петковска.

Зборникот научни текстови „Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), артикулации на сеќавања и критички прикази“ ќе биде промовиран на 14 декември во Музејот на Северна Македонија со почеток во 19 часот, како значајно дополнување на „Архивите на невидливите“ што ги создава Центарот за истражување на национализмот и културата, ЦИНИК. Покрај ова, на 15 декември ЦИНИК организира тркалезна маса на тема „АФЖ: Недовршена револуција - сеќавање на минатото, замислување на иднината“ каде што домашни и регионални експерт(к)и ќе ги отворат прашањата за политиките на сеќавање/заборав, третманот на антифашистичките идеи и историските искуства во современиот контекст, женската историја во јавниот простор и значењата на комплексното наследство на АФЖ.

Програмата за одбележување на јубилејот завршува на 24 декември во Музејот на Македонија со самостојната изложба „Џинови и снегулки“ на уметницата Христина Иваноска, насловена по истоимената поема од книгата поезија „Егејска барутна бајка“ на писателот Славко Јаневски, во организација на ЦИНИК и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.

Поголеми плати во здравство, потпишан Анекс на Колективниот договор

Официјализирана е постапката за зголемување на платите на здравствените работници, откако денеска беше  потпишан анекс на Колективниот договор за здравствена дејност со репрезентативниот Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

Министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција информираше дека извршени се корекции на коефициентите во Анексот согласно зголемувањето на минималната бруто плата во март годинава, која беше зголемена во бруто износ од 29.739 денари на 33.352 денари или за 3.613 денари.

Врз основа на корекцијата на минималната плата направена е корекција на коефициентите во Колективниот договор во сите групи на сложеност, со коефициент 0,233, што во бруто износ е 3.636 денари, соопшти Таравари.

Министерот појасни дека Колективниот договор ги содржи сите профили на здравствени работници со средно образование и тоа медицински сестри кои се најбројни, лаборанти, физиотерапевти и други здравствени работници со средно, за кои е предвидено покачување за 5.681 денари, во бруто износ.

Тој исто така информираше дека извршена е корекција на звањата согласно Законот за здравствената заштита, со која фармацевтите како здравствени работници со високо образование се изедначени со докторот на медицина и докторот на стоматологија.

-Имајќи ја предвид спецификата на работата на докторите во Итна медицинска помош, предвидовме и стимулирање на докторите на медицина кои работат во итна медицинска помош со повисоки коефициенти на сложеност од останатите доктори на медицина, рече министерот.

Исто така, со оглед на сложеноста и комплексноста на работата, истакна тој, предвидено е и зголемување на коефициентите на сложеност за здравствените соработници физичари кои работат на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

- Дополнително, сакам да истакнам дека овозможивме и зголемување на платата за работа во оддел на геронтолошка и палијативна здравствена заштита, како додаток за работа во услови покомплексни од редовните, како и зголемување на платата на вработените во интензивното лекување на Универзитетска клиника за детски болести, со што ја исправаме неправдата која им беше нанесена изминатиот период кога беа изоставени, нагласи Таравари.

Тој појасни дека заради измените што ќе се извршат со анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност, потребно е да се направат измени со анекси за изменување и дополнување на поединечните колективни договори, со кои се врши зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, со кои се склучени поединечни колективни договори.

- Сакам да се заблагодарам на синдикатите за досегашната одлична соработка и конструктивните предлози во насока на унапредување на здравствената дејност, додаде министерот Таравари.

Предраг Серафимовски од Синдикатот на Клинички центар рече дека оваа борба била заедничка и со министерот за да се постигне успехот. Тој посака што е можно побрзо да се соедини Клиничкиот центар.

Љубиша Каранфиловски од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита исто така изрази задоволство од настанот, посочувајќи и дека платата секогаш била и ќе остане актуелна тема.

притисни ентер