Пензионерите следната година просечно ќе добијат 10.000 денари повеќе или околу 850 денари месечно поголема пензија

Ако останевме на стариот модел од претходната Влада, пензионерите ќе добиеја зголемување од само 400 денари, а ние за цела следна година ќе даваме околу 10.000 денари повеќе или околу 850 денари месечно.

Тоа го изјави денеска премиерот Зоран Заев пред претставниците на здруженијата на пензионерите, објаснувајќи ги мерките за поголеми пензии.

На средбата во Сојузот на пензионерите, на која учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче, премиерот Заев истакна дека покачувањето на пензиите е најавено уште во април оваа година, кога стана јасно дека економските мерки даваат резултати и дека приходите растат што овозможи Буџетот за 2020 година да биде посветен на човечкиот капитал и на грижата за пензионерите.

– И тоа не е симболично покачување. Напротив. Од јануари во 2020 година просечната пензија со предвиденото покачување ќе изнесува околу 15.500 денари. Владата за 2020 година предвиде покачување од 700 денари и дополнително усогласување од околу 200 денари, што значи дека пензиите ќе пораснат за околу 900 денари, рече Заев.

Во своето обраќање пред пензионерите, премиерот соопшти дека во Владата се прават анализи за подобрување и осовременување на системот на пензионерските и домовите за возрасни лица со вклучување на економски мерки, односно субвенции за инвестициите кои ќе вклучат грижа и поволни услови за изградба на домови за пензионерите.

– Затоа централно место во Буџетот за 2020 година е грижата за човечкиот капитал, за луѓето, а во тој дел влегува и грижата за здравјето и грижата за нашите граѓани во социјален ризик на кои им ја зголемивме социјалната помош за 300 отсто истакна претседателот на Владата.

На мерките во здравството посебно се задржа министерот Филипче, кој ја издвои мерката за укинување на квотите за лекови која е во сила веќе две месеци.

Филипче истакна дека со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, граѓаните имаат достапни лекови во кој било период од месецот, повеќе не стравуваат дека ќе останат без потребната терапија и дека драстично за само еден месец се смени сликата за проблемот којшто се провлекуваше со децении.

– Мерката со укинувањето на квотите за лекови на рецепт требаше да се направи многу одамна. Посетивме повеќе аптеки ширум државата и секаде викаат дека веќе е релаксирано. Нема гужва, секој може да добие лек кога сака. Ова е само еден дел од мерката на реформа во примарното здравство. Драстично за само еден месец се смени сликата за еден многу сериозен проблем којшто се провлекува со децении, потенцираше министерот Филипче.

На средбата, тој ги информираше пензионерите дека вакцинацијата против сезонски грип е почната и сите лица над 65 години можат бесплатно да се вакцинираат. Тој исто така ги потсети пензионерите дека во Предлог – буџетот за 2020 година одвоени се средства за болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјата.

Филипче потенцираше дека оваа Влада го зајакна македонскиот здравствен систем и воведе вистински мерки во интерес на пациентите и современи услови во болниците.

Во Предлог – буџетот за 2020 година, предвидени се 89 милиони денари за болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјата. Целта на оваа мерка е обезбедување на грижа во чувањето, следењето и унапредувањето на здравјето на пензионерите, како и заради обезбедување на услови за лекување на пензионерите во болничките здравствени установи низ целата држава, нагласиja на средбата во Сојузот на пензионерите премиерот Заев и министерот за здравство Венко Филипче.

Средбата ја отвори претседателката на Сојузот на пензионери на Македонија, Станка Петрова која поттикна некои од најважните прашања од интерес на пензионерите, на кои премиерот Заев и министерот Филипче одговорија дека се слушнати нивните потреби и дека Владата на Република Македонија активно работи на мерки за нивно исполнување./МИА

Побеснет бик фрла жена како да е кукла- ја молеле да не му приоѓа, не ги послушала (ВИДЕО)

На социјалните мрежи кружи застрашувачко видео снимено на плажата Ла Фортуна, во близина на мексиканскиот град Сан Лукас.

Туристка се обидела да ги собере работите, кога бик опасно ѝ се приближил. Луѓето се обиделе да ја предупредат, но таа не послушала.

На почетокот, жената во црн фустан ги собира работите од песокот, додека бикот ги мириса. Слушаме како луѓето ја предупредуваат да побегне.

„Премногу си играте со него. Ве молам, немојте да го правите тоа“, рекол еден маж.

Меѓутоа, жената не се откажала и ја ставила раката на главата на животното, како да го турка.

„Ве молам, не го правете тоа“, продолжил да се моли човекот.

Опасното животно молскавично реагирало и ја удрило жената со рогови. Сведоците на инцидентот почнале да врескаат, пренесува Daily Mail.

Туристката успеала да стане, но бикот повторно ја соборил на песокот. Се кренала прашина, а никој не се осмелил да ѝ пријде и да ѝ помогне на несреќната жена.

„Се обидувавме да ви кажеме“, се слушаат извици.

Останува нејасно од каде дошол бикот на плажата и зошто ѝ пришол на жената. Во исто време не се знае нејзиниот идентитет и со какви повреди се здобила или дали е жива.

Аватари на починати за 46.000 евра- дигитална реинкарнација преку вештачка интелигенција

Враќањето на мртвите во живот преку технологија до неодамна беше поврзано само со филмови, но со напредокот на вештачката интелигенција - вакво нешто повеќе не е само прашање на фикција.

Технолошкиот сектор за тага, познат и како „технологија на смртта“, сега се проценува на повеќе од 100 милијарди фунти на глобално ниво, според веб-страницата за технолошки вести TechRound.

- Го клонираме изгледот на една личност до 96,5% сличност со оригиналната личност - вели Мајкл Јунг, финансиски директор на DeepBrain, една од компаниите кои фиктивно ги враќаат луѓето во живот.

Компанијата верува дека овој вид технологија може да биде важен за развојот на културата на „добра смрт“, каде што однапред се подготвуваме за смртта на најблиските, оставајќи ја семејната историја, приказни и спомени како дел од наследството.

Сепак, процесот не е евтин и корисниците не можат сами да креираат аватар. Наместо тоа, тие треба да ѝ платат на фирмата до 50.000 долари. И покрај оваа висока цена, некои инвеститори се уверени дека ќе биде популарна, а DeepBrain собра 44 милиони долари во својот најнов круг на финансирање.

Психологот Лаверн Антробус предупредува дека треба да се биде многу внимателен кога се користат такви „технологии на тага“ во периоди на силни емоции.

- Загубата е нешто што нѐ изненадува. Може да мислите дека сте прилично блиску до тоа да бидете добро, а потоа нешто може да ве врати назад – вели таа, а пренесува Би-би-си.

Антробус додава дека луѓето не треба да брзаат да го користат четботот на изгубената сакана личност.

- Треба да се чувствувате прилично цврсто пред да користите вакво нешто. Сфатете ги работите многу, многу бавно.

Таа исто така, предупредува дека не постои замена за човечката поддршка кога станува збор за надминување на тагата.

- Навистина не можам да замислам дека технологијата ќе ги преземе традиционалните аспекти на жалоста, кои се однесуваат на чувството на блискост со луѓето, чувството на грижа за нив, чувството на благодарност.

Камион виси на мост во Кентаки: Пожарникари ја извлекуваат жената- возач (ВИДЕО)

Во судница во Кентаки е прикажано видео од спасувањето на жена која возела камион што виси над река откако нејзиното возило излета преку оградата на мостот.

На видеото се гледа и несреќата што довела до оваа неверојатно опасна ситуација на мостот Кларк во Луисвил, Кентаки, пренесува ABC 7.

Видеото од 1 март покажува како возачката избегнува автомобил запрен на мостот, за да удри во камионот следниот момент. Можете да ја видите и снимката од камерата од кабината на камионот - едната што ја снимила возачот, а другата што ја прикажува ситуацијата пред камионот.

Сидни Томас (26) која го управувала камионот, иако се трудела максимално да го контролира возилото, не успеала и изгубила контрола над него - камионот наеднаш свртел налево и ја пробил оградата на мостот. Кабината на камионот во кој се наоѓала Сидни во следниот момент висела на околу 30 метри од водата. Таа очајно се држела за воланот за да не испадне од кабината.

На пожарникарите од Луисвил им требало речиси еден час за да ја одведат на безбедно, па беа поздравени како херои, што и заслужиле.

Возачот на пикапот што ја предизвикал несреќата, 33-годишниот Тревор Бранам, се соочува со повеќе обвиненија, меѓу кои и суспендирање на дозволата. Тој бил на суд завчера и се уште не се пријавил со своја одбрана.

Еве како изгледаше оваа страшна несреќа:

притисни ентер