Османи: Ќе се допрецизираат одредени прашања од Договорот со Бугарија

Работни групи од министерствта за надворешни на Македонија и Бугарија на дневна основа работат на надминување на сите спорни прашања - вели министерот Бујар Османи. 

Според него, од македонска страна има подгтовеност да се до прецизираат одредени делови во односите меѓу двете земји, но и на, како што кажа, обврската од Македонија да не се меша во внатрешните прашања на соседни држави.

Османи сепак, додаде дека е оптимист дека ќе се најде решение и повтори дека очекува Македонија да ги започне преговорите за членство во Унијата до крајот на годинава.

Прашан да даде коментар за барањето од бугарскиот евро пратеник Андреј Ковачев за замена на називите на сите спомен обележја каде стои „Бугарски фашистички окупатор“ со „бугарска администрација“, Османи не одговори, а наместо тоа, ги повика членовите на комисијата за историски прашања од двете страни да изнајдат решение за сите спорни прашања, и ги повика доколку можат, да најдат начин за да го ублажат тонот на квалификациите за одредени историски настани.

Решение за сите отворени прашања со Бугарија треба да бидат најдени најдоцна до 10 ноември, за кога е предвидено да биде усвоена и преговарачката рамка за Македонија од официјален Брисел.

Токму тој период закажана е и средба на највисоко ниво меѓу двајцата премиери Заев и Борисов, која по позитивниот тест на Борисов на коронавирусот е ставена под знак прашалник.

Санкционирани 381 возач во Скопје, 44 за возење без возачка дозвола

Во засилените акциски контроли на Министерството за внатрешни работи изречени се и девет мерки за минување на затворен семафор (црвено светло).

На територијата на град Скопје полицијата во текот на вчерашниот ден изрекла вкупно 381 меркa, меѓу кои 44 за возење без возачка дозвола, 30 за технички неисправни и нерегистрирани возила и 26 мерки за користење на мобилен телефон при управување на возило.

Во засилените акциски контроли на Министерството за внатрешни работи изречени се и девет мерки за минување на затворен семафор (црвено светло), 72 мерки за непрописно паркирање , 51 возило се подигнати со „пајак", како и 71 санкција за неносење на заштитна маска.

Од МВР информираат дека засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел поголема безбедноста во сообраќајот.

Француски специјалци проверуваат 76 џамии, некои ќе бидат затворени поради екстремизам

Француската влада ќе започне серија мерки, „сеопфатни и без преседан“, за борба против верскиот екстремизам, рече министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин, додавајќи дека прв чекор ќе биде да се прегледаат 76 џамии.

Дарманин на Твитер објави дека резултатот од овие истраги, доколку се воспостават врски со екстремизмот, може да биде затворање на џамиите.

Владата на францускиот претседател Емануел Макрон одговори на неколку смртоносни исламистички напади во последните неколку недели со ветување дека ќе преземе акција против, како што некои јавни службеници го нарекоа „внатрешниот непријател“.

Од корона почина поранешниот француски претседател Жискар Д’Eстен

Поранешниот француски претседател Валери Жискар Д'Естен, кој беше на функција од 1974 до 1981 година, почина на 94-годишна возраст, поради компликации поврзани со ковид-19.

Жискар бил хоспитализиран во градот Турс во западна Франција, јави француското радио Европа 1, кое прво ја објави веста за неговата смрт.

Фондацијата Валери Жискар д'Естен на Твитер објави дека поранешниот претседател на Франција починал во средата од компликации поврзани со болеста ковид-19 и дека, во согласност со неговите желби, погребот ќе се одржи во семејна интимност.

Жискар бил примен во болница во септември, со респираторни проблеми. Закрепнал, но бил примен повторно кон средината на ноември.

Неговото претседателство е запаметено по модернизирањето на француското општество, вклучително и дозволување развод со заедничка согласност и легализирање на абортусот.

Тој бил избран за претседател на 48-годишна возраст, обидувајќи се да ги либерализира економијата и социјалните ставови.

Дојде на претседателската функција по смртта на Жорж Помпиду, но ја изгуби кандидатурата за реизбор од социјалистот Франсоа Митеран.

Исто така, Жискар Д’Естен беше еден од клучните архитекти на европската интеграција во раните 1970-ти, а во Европа воспостави блиски односи со поранешниот западно германски канцелар Хелмут Шмит, со што тие го воспоставија Европскиот монетарен систем и ги поставија темелите на заедничката европска валута, еврото.

По повод смртта на Жискар, поранешниот француски претседател Никола Саркози рече дека тој „целиот свој живот работел на зајакнување на односите меѓу европските нации“.

Шефот на владејачката партија на францускиот претседател Емануел Макрон во парламентот, Кристоф Кастанер, тврди дека „модерната и одлучно прогресивна политика на Жискар трајно ќе го одбележи неговото наследство“.

притисни ентер