Орце Ѓорѓиевски: Власта спроведува партиско-политичка чистка во МВР

Овие документи кои што ги држам се најдобриот доказ дека Зоран Заев и Спасовски во МВР спроведуваат партиско-политичка чистка. 

Не ги интересира ниту ветинг, ниту систем на кариера. Нив само ги интересира инсталирање на послушници се со цел да го заштитат криминалот кој сами го правеа, но и криминалот на нивните соработници.

Затоа, како што кажавме, оние кои работат по закон, а не по политичките наредби на Спасовски, се целосно деградирани и шиканирани. Спасовски и Заев ги казнуваат со незаконско прераспоредување, во најголем број од случаите и многу подалеку од местото на живеење.

Ова пред малку што ви го покажав е една пресуда, донесена пред две недели со која наредбите на Спасовски се прогласени за незаконски, бидејќи со нив се повредуваат правата од работниот однос. Со судска одлука на МВР му се наложува да го врати тужителот на претходното работно место. За целиот процес МВР треба да исплати 60 000 денари.

Во вториот случај, имаме мислење од народниот правобранител , според кое се злоупотребува институтот „НАРЕДБА". Само да напоменеме дека полицискиот службеник кој се жалел е распореден на оддалеченост oд приближно 200 километри кои треба да ги минува секој ден во два правци. Дури и внатрешната контрола да го покрие срамот и да спречи поскапи судски процеси констатира дека наредбите се незаконски. По предметот постапувал и државниот трудов инспекторат.

Вакви тужби и предмети има стотици и илјадници. Спасовски свесно и намерно ја крие бројката бидејќи не сака да се дознае и колкава материјална штета му предизвикува на МВР, освен што целосно го урниса угледот и ефикасноста на оваа институција. Милиони евра на годишно се трошат само заради желбата за одмазда и намерата полицијата да се претвори во партиски орган на СДСМ.

Ваквото однесување на Спасовски и неговите послушници не смее да мине неказнето. После 12 април правото и законите ќе важат подеднакво за сите и никој нема да може да избега од одговорноста.

Затоа, ги повикуваме и ги охрабруваме сите чесни професионалци во МВР кои се нашле на удар на Спасовски изминативе недели, месеци и години да не се разочаруваат и да бараат правда. Тие треба да тужат и да се борат за сопствените права. Правните тимови на ВМРО ДПМНЕ им стојат на целосно на располагање.

Молкот вообичаено значи одобрување, но молкот на Заев и Спасовски во врска со скандалозната систематизација и скандалозните вработувања пред избори, значи признание. Признание дека ја немаат поддршката на граѓаните, дека губат и дека се подготвени да направат се само за да ја намалат разликата. Подготвени се да го изиграат договорот од Пржино и да ја доведат во ризик безбедноста на изборите.

Затоа повторно предупредуваме да се откажат од плановите за нова систематизација и нови вработувања на само еден месец пред формирање на техничка влада. Единствено што ќе постигнат е тоа што нивните послушници и соработници ќе ги вовлечат во криминал за кој што подоцна ќе одговараат. Претстои обнова на Македонија после 12 април.

Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Герасимовски: Се финализира доградбата на ООУ „Коле Неделковски“

Со поставување на фасадата привршуваат градежните работи на доградбата на  ООУ „Коле Неделковски“.

Доградбата на училиштето опфаќа 6 училници, од кои 4 ќе бидат за настава, 2 кабинета, една библиотека и една просторија за администрација. Во доградениот дел исто така поставена е и рампа за лица со попреченост, а во тек е и поставување на лифт за лица со инвалидитет како и тоалет за нивните потреби во приземниот дел. Градежните зафати на фасадата треба да завршат за дваесетина дена со што дополнителниот дел ќе се вклопи во целосниот лик на училиштето, информираат од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски бил на увид на објектот кој треба да биде готов до почетокот на учебната година во септември.

-Со доградбата на капацитетите на училиштето Коле Неделковски се отвора простор за упис на околу 100 нови ученици. Истите наставата ќе ја следат во училници кои се соодветни на модерните услови во кои треба да се одвива образованието. За нас инклузивноста е клучна затоа во проектирањето планиравме и пристапна рампата и лифт за лица со попреченост со цел истите да имаат непрeчен пристап во училиштето, рекол Герасимовски.

Проширувањето на капацитетите во ООУ „Коле Неделковски“, велат од Општина Центар, се изведува согласно сите современи стандарди, дел од фасадата е структурална, а прозорците се алуминиумски со висок квалитет. Оваа инвестицијата во училиштето е прва после 66 години од неговото отворање. Општина Центар, најавуваат, ќе продолжи да вложува во унапредување на условите за воспитување и образование на децата според модерни, европски и светски стандарди.

Атлетичарите од Куманово на државно првенство освоија 14 медали

Одлични резултати остварија атлетичарите од атлетскиот клуб „Куманово“ на државното првенство во атлетика за атлетичари под 16 години, соопштија денеска надлежните од клубот. 

Атлетичарите од Куманово настапија во машка и женска конкуренција и освоија вкупно 14 медали, од кои седум златни, пет сребрени и два бронзени.

Првенството, како што информираа од АК „Куманово“, се одржа вчера на градскиот стадион во Скопје.

- Задоволни сме од резултатот, но секогаш може и подобро. Очекуваме уште повеќе натпревари и подобри резултати на државното превенство во атлетика кое ќе се одржи на 25 мај годинава во Скопје, изјави тренерот Филип Колевски.

Марко Ѓуровски освои први места во фрлање ѓуле и скок во височина, Клеа Петрушевска на трка од 600 метри, Ведран Николовски освои две први места во 600 метри и 100 метри со пречки, Кристијан Чедомировски прво место во 300 метри со пречки и второ место на 100 метри со пречки, Меланија Станковиќ прво место во фрлање ѓуле, Теодор Даутовски, второ место во скок во височина и трето во скок од далечина, Јан Вуковиќ второ во 300 метри со пречки и трето во 100 метри со пречка, Алек Кипријановски сребро во 800 метри и второ место на штафета 4×100м 2 место (Чедомировски, Вуковиќ, Даутовски, Николовски).

- Имаме соодветни услови за тренинг, во однос на условите, особено кога времето е добро тренираме на атлетската патека. Во постудените месеци импровизираме и тренингот го спроведувме во спортски сали во градот, теретани, и тренинзите продолжуваат и во некои соседни балкански земји, посочи Колевски.

Клубот е еден од најстарите во градот, формиран од 1959-тата година и низ децениите од функционирањето бележи подеми и падови. Последнава деценија остварува одлични резултати на државните првенства.

Асфалтирана улица 36 во населба Илинден

Општина Илинден континуирано работи на подобрување на патната инфраструктура на нејзина територија. 

Во рамки на Проектот за подобрување на патната инфраструктура-изградба, реконструкција, рехабилитација и санација на локалните улици и патишта се изврши асфалтирање на улица „36“ во локалната економска зона „Карагач“ во населба Илинден.

Како што истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски извршена е целосна реконструкција на улицата во должина од 680 метри и широчина од 6 метри коловоз. Оваа улица е од големо значење бидејќи претставува главна сообраќајница за локалната економска зона „Карагач“ како и ги поврзува населените места Ајватовци, Бунарџик, Бучинци, Мршевци, Бујковци и останатите населени меска со населба Илинден.

Градоначалникот додаде дека со реконструкцијата на оваа улица значително ќе ја подобри функционалноста во работењето на стопанските субјекти од локалната економска зона, како и секојдневното функционирање на граѓаните од Општина Илинден.

Целосната инвестиција за реализација на овој проект е со средства од буџетот на Општина Илинден.

Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со инвестиции за подобрување на локалната патна инфраструктура се со цел да им се овозможи подобри и поквалитетни услови за живеење.

Општина Илинден

притисни ентер