Орбан промовира нова политичка група во Европарламентот за „преобликување на институциите на ЕУ

 Стартот на претседавањето со ЕУ, унгарскиот премиер Виктор Орбан го започна со најава за формирање нова десничарска политичка група во Европскиот парламент под името Патриоти за Европа. 

Основоположници на групата се национал-конзервативната и десно популистичка Фидес – Унгарска граѓанска алијанса на Орбан, националистичката и десно популистичка Партија на слободата на Австрија (ФПО) на поранешниот австриски министер за внатрешни работи Херберт Кикл и популистичката Акција на незадоволни граѓани (АНО) на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш.

Фидес до 2021 година беше членка на десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП), од каде беше исклучена поради отстапување од европските вредности и принципите на владеење на правото, ФПО досега беше членка на екстремно десничарската групација Идентитет и демократија (ИД), предводена од францускиот Национален собир (РН) на Марин ле Пен, додека АНО по минатомесечните Евроизбори ја напушти либералната група „Да ја обновиме Европа“, откако беше обвинувана од своите дотогашни сестрински партии за „скршнување в десно“ и за промоција на конзервативни и евроскептични ставови.

Според најавата, новата група Патриоти за Европа ќе има за цел „да ги преобликува институциите на ЕУ“ и да го „промени на пристапот“ на Унијата кон миграцијата, зелените политики и војната во Украина.

Извори од Фидес посочуваат дека кон групата ќе се приклучат „повеќе партии“, но не посочија конкретни имиња. Унгарски медиуми посочуваат дека кон Патриоти за Европа би можела да се приклучи и десно популистичката и националистичка партија Лига на италијанскиот вицепремиер и министер за инфраструктура и транспорт Матео Салвини, додека чешкиот весник „Новинки“ објави дека членка на групата би можела да стане и левата националистичка и популистичка партија Насока – Социјална демократија (СМЕР-СД) на словачкиот премиер Роберт Фицо, која беше суспендирана од Партијата на европските социјалисти (ПЕС) и групата Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) поради формирањето Влада со екстремно десничарската Словачка национална партија (СНС).

Шпекулаците за можноста за пристапување на партијата на Салвини кон Патриоти за Европа се подгреаја откако само неколку часа по промоцијата на новата група, Лигата ја поздрави иницијативата оценувајќи ја како „нова алтернатива за борба против деструктивната левица“.

- Сакаме да го зголемиме опсегот на силна, патриотска и кохезивна група, која ќе се спротивставува на тајни договори, се наведува во соопштението на Лигата.

Партијата посочува дека со ова се оствариле надежите на Салвини за „обединување на европските патриоти“, како и дека таа со години работи на здружување на „што е можно повеќе партии, кои имаат за цел да изградат поинаква ЕУ без левичарите кои ја уништија Европа во последниве години“ и кои нема да го поддржат реизборот на Урсула фон дер Лајен на функцијата на претседателка на Европската комисија.

- Соочени со ароганцијата на Брисел, кој се однесува како ништо да не се случило по гласањето на граѓаните и наместо да го чекаме исходот од француските избори потребно е повеќе од кога било да се обединат силите на оние кои сакаат да ја променат Европа и да понудат алтернатива на деструктивната левица, се додава во соопштението на Лигата.

Салвини изминативе денови остро го критикуваше договорот меѓу ЕПП, социјалдемократите и либералите за поделба на водечките функции во ЕУ, нарекувајќи го „државен удар“.

Извори во Лигата засега децидно ниту ги потврдуваат, ниту ги негираат шпекулациите за пристапување кон Патриоти за Европа, изјавувајќи само дека од претходно биле информирани за нејзиното формирање, што се толкува дека можеби партијата добила покана да биде една од нејзините основоположници, но не го прифатила тоа.

Како потенцијален член на Патриоти за Европа се посочува и германската десно популистичка Алтернатива за Германија (АФД), која неколку недели пред Евроизборите беше исклучена од групата ИД, по изјавите на носителот на нивната изборна листа Максимилијан Кра дека сите припадници на нацистичката Ес-Ес единица за време на Третиот Рајх не треба по автоматизам да се квалификуваат како воени злосторници, како и по скандалите за соработка на истакнати партиски членови со руските служби.

По изборите АФД го исклучи Кра од освоите редови, со идеја да побара повторен прием во ИД, но по ставот на групата дека нема да прифатат назад партија која еднаш била исклучена, германските десничари најавија формирање сопствена група во Европскиот парламент. Иако, промоцијата на таа група неофицијално беше најавувана за минатата недела, тоа не се случи, па сега се посочува можноста АФД да се приклучи кон Патриоти за Европа.

Портпаролката на германската партија, Алис Вајдел во коментар на формирањето на новата група на Орбан изјави дека „тоа отвора нови можности за АФД да соработува со другите партии“, не прецизирајќи дали тоа значи дека се подготвени за пристапување кон групацијата, туку само нагласи дека партијата „се уште не донела одлука за зачленување во некоја група“.

АФД има блиски односи со ФПО, кој лобираше за нејзино враќање во нивната поранешна заедничка група ИД, но Орбан има резерви кон германската партија, оценувајќи дека е нејасно дали таа е „за или против Европа“.

Инаку, група во Европскиот парламент може да формираат најмалку 23 пратеници, кои при тоа мора да доаѓаат од најмалку една четвртина од земјите членки на ЕУ или во сегашниот случај од најмалку седум.

Засега е неизвесно дали Патриоти за Европа ќе го исполни овој услов за официјално да добие статус на посебна група, па ако тоа се покаже за потребно, можно е Орбан „да замижи“ во однос на резервите кон АФД и таа да стане дел од блокот на Фидес, ФПО и АНО.

Од друга страна по исклучувањето на АФД, истапувањето на ФПО и можното преминување и на други нејзини членки кон Патриоти за Европа, ИД се соочува со опасност повеќе да не го исполнува услов да постои како посебна група и да се распадне. ИД во моментов има 52 европратеници од осум земји, од кои 30 се од францускиот Национален собир (РН) на Ле Пен.

Стојко Стојков: Тврдењата на Наумов не одговараат на вистината

Во продолжение интегралниот текст од демантот на Стојко Стојков.

ДЕМАНТ

Во врска со изјавите на новинарот Столе Наумов направени на 02.07.2024 г. во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 во однос на Македонците во Бугарија, треба да ја информираме јавноста дека тврдењата на Наумов не одговараат на вистината.

1. Во прашање се 14 пресуди на Судот за човекови права во Стразбур во корист на македонски организации и на настрадани зарад врски со македонски организации, а не 6 (видете го списокот долу). Уште 20 жалби се во процедура.

2. ОМО „Илинден“, не e партија и не е членка на Европската слободна алијанса, таа е невладина организација. Кажаното од новинарот се однесува не на ОМО „Илинден“, туку на партијата ОМО „Илинден“-ПИРИН.

3. Европската слободна алијанса не е сепаратистичка лига, туку е составена доминантно од малцински и регионални и автономистички движења. Само една од 35 партии членки би можела да се категоризира како сепаратистичка (нешто што во земјата во која таа функционира е сосема законско), но не и движењето како цело.

4. Членувањето на нашата партија во ЕФА нема никаква врска со регистрирање и нерегистрирање на македонските организации во Бугарија. Прво, затоа што зборуваме за серија невладини организации, кои не се членки на ЕФА и судот одбива да ги регистрира; второ, затоа што судот никогаш не го истакнал членувањето на нашата партија во ЕФА како мотив; и трето, затоа што нашата партија од 2008 г. наваму и нема правено нови обиди за регистрација. Мотивите што ги истакнува постојано бугарскиот суд се тоа што македонските организации зборуваат за постоење на македонско малцинство во Бугарија и си поставуваат цели во негова корист, а според судовите такво малцинство немало и тврдењето во спротивна насока се јавувало според нив антидржавно, антиуставно и антибугарско и насочено против територијалната целовитост на земјата. Во тоа се состои „сепаратизмот“ на македонските организации – тоа што тврдат дека постои македонско малцинство во Бугарија. Имено против таа политика и ме принудени да се бориме ние.

5. Сите македонски организации во Бугарија, вклучително споменатите, потпишаа општа платформа за соработка во 2022 г. во која директно е посочено дека ништо во нивните заеднички цели не може да се толкува како „шовинизам, екстремизам, сепаратизам, повик кон насилство или како насочено против мирот, демократијата, правата на човекот, законите, моралот и добрите нарави“

6. Не е вистина дека во последно време бугарскиот суд покажувал добра волја за регистрирање на македонски организации. Затоа и Бугарија е поставена веќе осум години под засилен мониторинг од Комитетот на министрите. Конкретно за нашата партија последниот и единствен пат кога бугарскиот суд пројави добра волја спрема нашата партија беше во 1998 г.

Апелираме да не се шират непроверени дезинформации од бугарски извори, колку и тие да се претставуваат за либерални и добронамерни!

Апелираме да не се користат нашите проблеми за внатрешно политички препукувања!

Апелираме

Апелираме да не се подлегнува на пропагандни опорни точки лансирани од бугарските националисти дека:

- Дека не сме Македонци туку некој ни плаќа да лажеме за да ѝ создаваме проблеми на Бугарија (тука според потребата се ставаат: САД, Русија, Србија, Грција и Македонија).

- Дека намерно не сакаме да се регистрираме и затоа подаваме погрешни документи, за да ја компромитираме Бугарија и да печалиме од Судот во Стразбур.

- Дека сакаме да отцепиме територија и затоа судот не може да не регистрира

- Дека никој не не дискриминира, ние само си измислуваме за да ја оцрнуваме Бугарија

- Дека иако немаме малцински права и не можеме да си регистрираме организации и партии – сепак ниту едно наше човечко право не ни било нарушено.

- Дека Бугарија наводно не давала малцински права и затоа не можело да бидеме регистрирани или признаени.

- Дека не можеле да не признаат како малцинство зашто немало меѓународна дефиниција што е малцинство и дека немало практика и механизам за признавање малцинства (но очигледно има за нивно негирање и дискриминирање).

- Дека наводно сме етничка партија (каква што не сме) и затоа не било можно да не регистрираат.

- Дека иако не постоиме сепак никој не ни го нарушува правото на самоопределување.

- Дека намерно измислуваме проблеми за да ги расипеме односите меѓу Македонија и Бугарија

- Дека сакаме да го спречиме влегувањето на Македонија во Европската унија (а порано и НАТО).

Ништо од тоа не одговара на вистината. Нашата борба е за човекови и малцински права.

Нашите поплаки кои траат веќе 62 години, ниту изнесените констатации и заклучоци во последните 25 години, во извештаите на сите набљудувачки правозаштитни институции од Стразбур, на Стејт Депатманот на САД, разни меѓународни организации, на Бугарскиот Хелсиншки комитет, пресудите на Судот во Стразбур, Одлуките на Комитетот на министрите - сето тоа би требало да е доволно и за нај последниот скептичар.

Од македонската јавност ние очекуваме многу повеќе

Председателство на ОМО „Илинден“-ПИРИН

Список на пресуди во ЕСПЧ:

1. Boris Stankov and United Macedonian Organisation «Ilinden» v. Bulgaria. Application no. 59491/00. Judgment of 19 January 2001; ECtHR.

2. United Macedonian Organisation «Ilinden»-PIRIN and others v. Bulgaria. Application no. 59489/00. Judgment of 20 October 2005. Final on 20 January 2006; ECtHR.

3. Ivanov and others v. Bulgaria. Application No. 46336/99. Judgment of 24 November 2005. Final 24 February 2006; ECtHR.

4. United Macedonian Organisation «Ilinden» and others v. Bulgaria. Application no. 59491/00. Judgment of 19 January 2006. Final on 19 April 2006; ECtHR.

5. United Macedonian Organisation «Ilinden» and others v. Bulgaria. Application no. 34960/04. Judgment of 18 October 2011; ECtHR.

6. United Macedonian Organisation «Ilinden» and Ivanov v. Bulgaria. Application no. 37586/04. Judgment of 18 October 2011; ECtHR.

7. Singartiyski and others v. Bulgaria. Application no. 48284/07. Judgment of 18 October 2011; ECtHR

8. United Macedonian Organisation «Ilinden»-PIRIN and others v. Bulgaria. No. 2. Application no. 41561/07 and 20972/08. Judgment of 18 October 2011.

9. United Macedonian Organisation Ilinden and Others v. Bulgaria, № 29496/16, (No. 3), 11/01/ 2018 г. final on 11/04/2018.

10. Yordan Ivanov and Others v. Bulgaria, № 70502/13, 11/01/ 2018 г. final on 11/04/2018

11. Kiril Ivanov v. Bulgaria, № 17599/07, 11/01/ 2018 г. final on 11/04/2018 .

12. Dzhabarov and Others v. Bulgaria, Applications nos. 6095/11, 74091/11 and 75583/11, Strasbourg, 31 March 2016 (делумна).

13. Macedonian Club for Ethnic Tolerance in Bulgaria and Radonov V. Bulgaria (Application no. 67197/13) 28 May 2020

14. Vasilev And Society of the Repressed Macedonians in Bulgaria Victims of The Communist Terror v. Bulgaria (Application no. 23702/15) 28 May 2020

Стојко Стојков

Цинијата - незаменливо украсно цвеќе во градината

Општо познато е дека во градина каде што се сади зеленчук, треба да се додадат и цветни растенија што ќе привлечат опрашувачи, но и ги гонат штетниците. 

Можеби едно од најдобрите цвеќиња за оваа намена е цинијата - незаменливо украсно растение во градините.

Цинијата вирее на целосно сончеви места и не сака студено време, а доволно ѝ е само умерено наводнување. Нејзиниот цвет личи на маргаритка. Ова цвеќе во обем достигнува до околу 15 сантиметри, а има и прилично цврсто стебло, па преживува и без потпора. Можеби единствениот недостаток е што цвета само налето, односно три месеци во годината. Чувствителни се и на пресадување, па и тоа треба да се има на ум.

Но, бидејќи цвета лете во различни бои и облици, цинијата е одличен избор и како кастрено цвеќе, оти така трае подолго и ја задржува својата изворна боја и свежина.

Најубави се кога се садат во букет, а одлично изгледаат и меѓу украсни жалфии. Ако на сѐ тоа се додаде фактот дека се отпорни на суша и привлекуваат корисни инсекти во градината, циниите се уште подобар избор.

Доколку се садат од семиња, на пролетна топла почва, доволно е само плитко да се расее семето по исчистената и подготвена патека и да се покрие со слој темно ѓубриво компост. Семките од цинија се крупни и лесно ќе го пробијат тој слој, а со редовно полевање ќе никнат за неколку дена. Потоа треба само да се следат и да не бидат обраснати со плевел. Со правилно одгледување, растението ќе порасне за еден месец по сеидбата.

Проблем што може да се појави е тежината на растението, особено кај високите сорти. Затоа, ако изгледа дека саксиите може да се скршат, потпрете ги со дрвени колци. /МИА

НАТО испраќа свој специјален пратеник во Украина

 Членките на НАТО одлучија да испратат специјален пратеник во Киев, со што ќе го прошират цивилното присуство на западната воена алијанса во Украина, изјави портпаролот на Алијансата за германската новинска агенција ДПА.

Високиот функционер ќе има задача да ја координира политичката и практичната поддршка на Алијансата на терен додека Украина продолжува да се брани од руска инвазија.

Одлуката за испраќање постојан специјален пратеник доаѓа во пресрет на самитот на НАТО од 9 до 11 јули во Вашингтон, каде што се очекува лидерите за првпат официјално да усвојат план за координирање на воената помош за Украина во рамките на официјалната мисија наречена НАТО безбедносна помош и обука за Украина.

Засега не се знае кој ќе биде назначен на новата функција во Киев. Портпаролот рече дека се ќе биде подетално познато по официјалната процедура за избор.

Новата официјална мисија на НАТО ќе ја надгледува и обуката на украинските војници во земјите - членки на НАТО.

НАТО има официјално претставништво во Киев речиси десет години, вклучително и канцеларија за врски и центар за информации и документација кој постои од 1990-тите. Ова претставништво, меѓу другото, е задолжено за контакти со украинските министерства и власти за промовирање на политичкиот дијалог и практична соработка. /МИА

притисни ентер