Обраќање на претседателот Гаши на Дебата со средношколци и пратеници - Канал 5

Обраќање на претседателот Гаши на Дебата со средношколци и пратеници

Ќе започнам со едно прашање што многу често ми го поставуваат во изминативе две години: Кој е најголемиот предизвик да се биде претседател на Собранието? 

Обраќање на претседателот Гаши на Дебата со средношколци и пратеници

Почитувана амбасадорке на Обединетото Кралство, Ваша Екселенцијо, г-ѓа Маја Сивањанам,

Почитувани претставници на Институтот за комуникациски студии,

Почитувани пратеници,

Драги млади,

Ќе започнам со едно прашање што многу често ми го поставуваат во изминативе две години: Кој е најголемиот предизвик да се биде претседател на Собранието? Секогаш велам дека одговорот на ова прашање не е едноставен, бидејќи оваа одговорност подразбира бројни предизвици, но несомнено еден од најголемите е поврзан со начинот на кој нашите постапки и изјави се комуницираат, толкуваат и перципираат во јавниот простор.

Во време кога вниманието на јавноста сè почесто го привлекуваат негативните вести, кога една изјава може да биде извадена од контекст, да биде протолкувана поинаку од она што навистина било кажано, па дури и да биде искривена, станува сè потешко граѓаните да направат јасна разлика меѓу објективните информации и нивните толкувања, како и меѓу фактите и обидите за манипулација.

Се разбира, не го започнав ова обраќање за да зборувам за моите предизвици како претседател, туку за да ја истакнам важната улога што ја има точното и објективно информирање во разбирањето на реалноста и во развојот на демократијата.

Затоа што денес се соочуваме со еден парадокс: имаме повеќе информации на располагање од кога било досега, но тоа не значи дека поседуваме и повеќе знаење, будност и способност за критичко расудување. Младите се особено изложени на влијанието на дигиталниот простор, бидејќи социјалните мрежи одамна не се само средства за комуникација и забава, туку и важни извори на информации и обликување на нивните ставови. Затоа, заштитата од дезинформации, во суштина, е заштита на демократијата и на нашата слобода да расудуваме независно.

Токму тука започнува значењето на медиумската писменост и суштината на денешната дебата. Целта не е да им кажеме на младите што да мислат, туку да ги оспособиме самостојно да размислуваат; да не им определуваме кому да веруваат, туку да ги оспособиме како да ја проценуваат веродостојноста на една информација.

Една од првите поуки во оваа насока ја наоѓаме во учењето на кинескиот филозоф Конфучие: „Да не им веруваме на зборовите без претходно да ги провериме и да не заземаме страна пред внимателно да размислиме”.

Драги млади,

Вие кои сакате да го промените светот, системот и општествените неправди, запомнете: не можеме да промениме нешто за кое не сме целосно свесни, а целосна свесност стекнуваме единствено преку целосното информирање. Во духот на Џон Лок: „Оној што суди без да биде информиран од сите можни извори, неизбежно е да донесе погрешни заклучоци“.

Затоа, не ја мерете вистината според бројот на позитивните реакции, не ја мешајте популарноста со веродостојноста и не дозволувајте брзината на информациите да ја замени длабочината на вашето размислување. Застанете, прашувајте, проверувајте и барајте аргументи. Дури и разумното сомневање, кога нè води кон вистината, е знак на слободен ум. Затоа што на едно демократско општество не му се потребни граѓани кои веруваат или критикуваат сè, туку граѓани кои знаат правилно да расудуваат и критички да размислуваат.

Собранието, во оваа насока, има важна улога. Како дом на сите граѓани и институција во која тие се претставени, тоа треба да биде пример за транспарентност, аргументирана дебата и отчетност.

Исто така, сметам дека Собранието треба да биде отворена врата за општеството, особено за младите, кои не се само носители на иднината, туку и активни чинители на сегашноста.

Токму затоа, особено ми е драго што заедно со Британската амбасада, Институтот за комуникациски студии и Клубот на млади пратеници, преку овој настан придонесуваме оваа способност да се негува, да се заштитува и да стане дел од нашата демократска култура.

Нашата заедничка обврска е да создадеме услови младите да стекнуваат знаења, да развиваат критички пристап и да имаат доверба во сопственото расудување. На нашата држава ѝ се потребни млади луѓе кои знаат да ги преиспитуваат работите, одговорно да дејствуваат во општеството и да имаат капацитет да придонесуваат кон позитивни промени и напредок на државата.

Ќе го завршам моето обраќање со цврсто уверување дека:

„Вистинската слобода не се состои само во правото да го изразиме тоа што го мислиме, туку и во способноста слободно да размислуваме пред да поверуваме во она што ни се кажува и да станеме робови на дефиницијата на реалноста што ни ја наметнува некој друг“.

Ви благодарам и ви посакувам плодна дискусија!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Средношколци и студенти повторно организираа блокади и протести во повеќе градови во Франција

Средношколци и студенти денеска повторно организираа блокади и протести во повеќе француски градови, меѓу кои Париз, Рен, Марсеј и Тулуз додека полицијата интервенира за да ги деблокира училишта.

Средношколци и студенти повторно организираа блокади и протести во повеќе градови во Франција

Во Нант рано утрината беа уапсени и приведени тројца ученици од средно училиште, кои се задржани во полиција во рамките на истрагата за пожарот што избувна во тоа училиште минатиот месец.

Протестите на средношколците и студентите во Франција почнаа кон средината на септември поради недостигот на наставен кадар, лошите услови во училиштата и незадоволството од состојбата во образовниот систем. На демонстрациите минатата сабота учествуваа повеќе од 300 илјади луѓе.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

САД избираат нов Конгрес – анкетите сугерираат дека републиканците на Трамп можат да ги загубат и двата дома

Околу 250 милиони Американци со право на глас денеска избираат нов конгрес на среднорочните избори кои се сметаат за своевиден референдум „за“ и „против“ политиката на Трамп..

САД избираат нов Конгрес – анкетите сугерираат дека републиканците на Трамп можат да ги загубат и двата дома

Се избираат сите 435 претставници во Претставничкиот дом и 35 сенатори во Сенатот, каде што републиканците во моментов имаат тесно мнозинство.. Последните анкети покажуваат дека соперничките демократи можат да ги освојат и двата дома на Конгресот и да ја одредат траекторијата од остатокот на мандатот на Трамп, чиј рејтинг падна на рекордно ниско ниво.

Дел од истражувањата покажаа дека демократите имаат предност во пет од седумте клучни сојузни држави, вклучително и во Канзас, каде што демократите не победиле речиси 100 години.. Во завршниот говор во Вашингтон, Трамп обвини дека демократската партија номинирала најекстремна и најопасна листа кандидати во американската историја..

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Платформа за родова еднаквост: Кога државата го брише родот од образованието, ја брише и сопствената одговорност за родовата нееднаквост

Платформата за родова еднаквост изразува сериозна загриженост поради одлуката на Министерството за образование и наука да ја измени програмата за сеопфатно сексуално образование, сега преименувана во „Здравје и заштита на здравјето“.

Платформа за родова еднаквост: Кога државата го брише родот од образованието, ја брише и сопствената одговорност за родовата нееднаквост

Платформата за родова еднаквост изразува сериозна загриженост поради одлуката на Министерството за образование и наука да ја измени програмата за сеопфатно сексуално образование, сега преименувана во „Здравје и заштита на здравјето“, и од неа да ги отстрани поимите род и родова еднаквост. Со тоа учениците ќе учат за насилство, стереотипи и дискриминација, но без клучниот поим што ги објаснува нивните причини – родово-базираното насилство и родовите нееднаквости.

Оваа одлука не ја гледаме како изолиран случај, ниту како обична промена на терминологија. Таа е уште еден чекор во загрижувачкиот тренд на институционално потиснување на родовата еднаквост од јавните политики и законодавството, кој го следиме во последните години.

По отстранувањето на поимите род, родова еднаквост, и се поврзано со сексуалноста, хомофобијата и заштита од дискриминација и насилство од законските измени во образованието, блокирањето на Законот за родова еднаквост и сè почестото доведување во прашање на веќе стекнатите права, сега сведочиме и на обид родовата нееднаквост да стане невидлива во училниците.

Но, родовата нееднаквост не исчезнува со бришење на зборот „род“.

Девојчињата и понатаму ќе се соочуваат со сексизам, сексуално вознемирување, притисоци и насилство. Момчињата и понатаму ќе растат под притисок на штетните очекувања за машкоста, моќта и доминацијата. Младите и понатаму ќе се соочуваат со дискриминација поради тоа кои се или затоа што не се вклопуваат во наметнатите општествени норми.

Ако образовниот систем не ги именува овие појави и не им помогне на младите да ги разберат нивните причини, тогаш не придонесува за нивно надминување, туку за нивно премолчување.

Особено е поразително што ваквите одлуки се носат во држава во која насилството врз жените и девојчињата останува сериозен општествен проблем, а институциите постојано зборуваат за потребата од превенција. Според податоците на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во текот на 2025 година се евидентирани 6 убиства на жени и 4 обиди за убиство, додека само во првите девет месеци од 2026 година се евидентирани 7 убиени жени и 2 обиди. Дополнително, во очекување на правосилноста на пресудата во случајот со серискиот убиец од Куманово, треба да се има предвид дека станува збор за уште четири убиства на жени, кои би можеле дополнително да ја зголемат оваа алармантна статистика. Овие податоци уште еднаш потврдуваат дека превенцијата на насилството врз жените и девојчињата не смее да остане само декларативна заложба, туку мора да биде проследена со конкретни, доследни и системски мерки.

Каква превенција градиме ако не сакаме да зборуваме за родовите стереотипи што го оправдуваат насилството? Каква еднаквост промовираме ако избегнуваме да ги именуваме причините за нееднаквоста? И како очекуваме младите да препознаваат родово-базирано насилство ако образовниот систем го избегнува самиот поим?

Државата не може да се обврзува дека ќе се бори против родово-базираното насилство, а истовремено да го отстранува родот од образованието. Тоа е противречна и неодговорна јавна политика.

Дополнително загрижува контекстот во кој се случуваат овие промени. Првичната програма беше повлечена во септември, само неколку дена по отвореното писмо од верски кругови од 6 септември 2026 година и по јавните критики од верски и конзервативни кругови. Ова отвора сериозни прашања за независноста на институциите и за начинот на кој се носат образовните политики.

Во секуларна држава верските заедници имаат право на свои ставови, но не смеат да станат арбитри за тоа кои научни поими се прифатливи во јавното образование. Доколку надлежните институции ги приспособуваат наставните програми на верски и идеолошки барања, се отвора сериозно прашање за почитувањето на уставниот принцип на одвоеност на верските заедници од државата (член 19 од Уставот).

Прашањето е многу поголемо од една наставна програма: кој денес ги креира јавните политики во Северна Македонија – надлежните институции и стручната јавност или организираните групи што водат кампањи против родовата еднаквост?

Со ваквиот пристап се создава опасен преседан. Се испраќа порака дека со доволно гласен притисок можат да се менуваат образовни стандарди, да се потиснува научна терминологија и да се доведуваат во прашање политики насочени кон еднаквоста и човековите права.

Ова не е само проблем за организациите што работат на родова еднаквост. Ова е прашање за демократското управување, институционалната независност и способноста на државата да ги штити правата на сите граѓани, особено на децата и младите.

Потсетуваме дека родовата еднаквост не е прашање на политичка наклонетост или идеолошки избор на власта. Таа е уставна вредност (член 9 од Уставот), законска обврска и составен дел од меѓународните обврски што државата ги има преземено, вклучително и преку ратификацијата на Истанбулската конвенција.

Затоа, Платформата за родова еднаквост бара од Владата и Министерството за образование и наука јавно да одговорат:

  • Зошто родовата терминологија систематски се отстранува од образовните политики;

  • врз основа на кои стручни аргументи се направени последните измени;

  • и како тие се усогласени со обврските на државата за унапредување на родовата еднаквост и спречување на насилството.

Бараме програмата да биде ревидирана пред нејзината примена, и покрај изјавата на Министерството од 2 ноември дека станува збор за конечно решение. Бараме во програмата да се вратат научно заснованите поими и содржини и да се воспостават јасни гаранции дека образовните политики нема да се менуваат под притисок на групи што ги оспоруваат еднаквоста и човековите права.

Не прифаќаме родовата еднаквост да биде предмет на политичко пазарење. Не прифаќаме девојчињата и младите да ја плаќаат цената на институционалното повлекување пред антидемократски и антиправни притисоци.

Држава што го брише родот од образованието не ја брише нееднаквоста. Таа само покажува дека не е подготвена да се соочи со неа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер