Новинарка случајно спаси затвореник од затворот на Асад, почнал да ја бакнува (ВИДЕО)

Новинарката на Си-Ен-Ен, Клариса Вард помогнала да се ослободи затвореник од еден од озлогласените поранешни затвори на сирискиот претседател Башар ал-Асад додека трагала по својот колега.

Вард беше во обиколка на притворот каде што безброј цивили биле мачени и претепани до смрт кога нејзиниот тим наишол на ќелија која сè уште била заклучена, објави Си-Ен-Ен.

Бравата требало да се отвори пред Вард и сирискиот бунтовник да влезат во ќелијата каде што репортерката забележала како се движи ќебето и прашала дали има некој таму. После тоа, виделе човек со кренати раце како вели „Јас сум цивил“.

Кога затвореникот сфатил дека не е во животна опасност, тој ѝ рекол на новинарката дека бил држен во ќелија без прозорци три месеци, држејќи ги нејзините две раце додека излегувале на светлината.

Новинарката му дала вода, а потоа затвореникот ѝ рекол дека останал без храна и вода четири дена кога неговите киднапери избегале за време на падот на Дамаск во рацете на бунтовниците.

Кога го изведоа надвор, човекот се загледал во небото и длабоко дишел, повторувајќи го следново: „О Боже, има светлина“.

После тоа ја бакнал и новинарката и бунтовникот со кого била. Ја молел новинарката да остане со него додека ја раскажува својата тажна приказна.

„Три месеци не знаев ништо за моето семејство. Не слушнав ништо за децата“, рекол таткото од Хомс.

Кога бунтовникот му рекол дека „нема повеќе војска, нема затвори, нема контролни пунктови“, таткото не можел да поверува што му кажува, додека Сириецот му повторил дека „Сирија е слободна“.

Сè уште потресениот поранешен затвореник потоа повторно го бакнал бунтовникот и раскажал како разузнавачите на Асад го однеле од неговиот дом и почнале да го испрашуваат за неговиот телефон.

„Ме донесоа овде во Дамаск, ме прашаа за имињата на терористите“, рече тој. На прашањето дали бил тепан додека бил во затвор, тој одговорил потврдно.

Меѓутоа, кога Црвената полумесечина пристигнала на лице место, човекот почнал да трепери, додека луѓето кои се грижеле за него се обидувале да го смират велејќи „добро си, Црвената полумесечина ќе те спаси“.

Сириската мрежа за човекови права тврди дека над 157.000 луѓе - вклучувајќи 5.274 деца и 10.221 жени - биле уапсени или насилно исчезнати од почетокот на сириската револуција во март 2011 година.

Меѓу исчезнатите е и американскиот новинар Остин Тајс, кој исчезна пред 12 години во близина на Дамаск.

На видеото објавено неколку недели по исчезнувањето на Тајс се гледа како тој е со врзани очи и го држат вооружени мажи. Оттогаш нема вести за него. Сириските власти негираат дека тој се наоѓа во таа земја.

Тајс, кој е од Хјустон, има работено за Вашингтон пост, локални весници и други медиуми. Неговата мајка Дебра Тајс на прес-конференција во Вашингтон изјави дека семејството има информации од „значаен извор“ кој тврди дека нејзиниот син е жив. „Него го чуваат и добро е - го знаеме тоа“, рече таа. Семејството Тајс оваа недела се сретна со претставници на Стејт департментот и Белата куќа.

Семејството рече дека неговата локација останува нејасна, а американски официјален претставник рече дека нема нови докази дека Тајс е жив, но тие продолжуваат да работат под претпоставка дека тој е жив. САД ќе продолжат да работат за да го идентификуваат неговото место на живеење и да се обидат да го вратат дома, додаде тој.

Муаз Мустафа од непрофитната сириска група за итни случаи изјави за CBS дека бунтовничките групи работат на пронаоѓање на Тајс.

Голем пожар во рускиот град Казан предизвикан од украински дронови

Голем пожар беше предизвикан денеска од напад на украинско беспилотно летало врз енергетски објект во Казан, Русија, соопштија локалните власти.

Во предградието на Казан, главниот град на руската република Татарстан, „се запали резервоар за гас по напад со дрон“, соопшти локалната власт на каналот Телеграм.

Во соопштението се наведува дека нема повредени и дека претседателот на Татарстан Рустам Миниханов дошол да го посети местото на пожарот.

Локалните медиуми објавија снимка од голем пожар во магацин за течен гас во близина на хемиска фабрика.

Покрај тоа, индустриска зграда е оштетена во напад со дрон врз градот Енгелс, во областа Саратов, што се наоѓа на околу 700 километри југоисточно од Москва и на околу 500 километри од украинската граница, напиша на Телеграм регионалниот гувернер Роман Бусаргин.

Тој соопшти дека наставата во училиштата во Саратов и Енгелс денеска ќе се одржува од далечина поради нападите со беспилотни летала.

На 8 јануари, Енгелс исто така беше цел на голем напад со беспилотни летала што предизвика пожар во нафтениот комплекс.

Според властите, во тој пожар загинаа двајца пожарникари, а стихијата била ставена под контрола дури пет дена по неговото избувнување.

Украина редовно напаѓа воени цели и енергетски локации во Русија како одговор на нападите на Москва на нејзина територија од 2022 година.

Германскиот министер за одбрана пристигна во ненајавена посета на Киев

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус пристигна во Киев на разговори со украинската Влада, во посета која претходно не беше најавена од безбедносни причини, јави ДПА.

По пристигнувањето, Писториус за ДПА изјави дека за време на посетата сака да разговара за дополнителната помош и да добие идеја за воената ситуација.

Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, потсетува германската агенција.

Самит на НАТО сојузниците од Балтикот во Хелсинки

Финскиот претседател Александар Стуб и естонскиот премиер Кристен Михал денеска ќе бидат домаќини на Самит на земјите членки на НАТО од регионот на Балтичкото Море што ќе се одржи во Хелсинки. 

Според најавите, на Самитот ќе учествуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен, претседателите на Летонија и на Литванија, Едгарс Ринкевичс и Гитанас Науседа, германскиот канцелар Олаф Шолц, данската премиерка Мете Фредериксен и премиерите на Полска и на Шведска, Доналд Туск и Улф Кристершон.

Тема на Самитот, што ќе се одржи во Претседателската палата во Хелсинки, ќе биде безбедноста во регионот на Балтичкото Море, особено мерките потребни за обезбедување на критичната подводна инфраструктура.

Како што соопшти Кабинетот на Стуб, дискусијата на средбата ќе биде фокусирана и на зајакнување на присуството на НАТО во Балтичкото Море и на одговор на заканата од т.н. „руската флота во сенка“.

Терминот „флота во сенка“ се користи за бродови кои се користат за „тактики за прикривање на шверц на стоки под санкции“ со цел да се заобиколат меѓународни или еднострани рестриктивни мерки за увоз или извоз на овие производи, кои може да вклучуваат енергенси, железо, луксузни производи, оружје, воени технологии итн. Во конкретниот случај станува збор за користење на трговски бродови за заобиколување на западните санкции кон Русија воведени поради нејзината агресија врз Украина.

притисни ентер