Нова мерка притвор за осомничените за убиство на Никола Саздовски

- Новата мерка ќе трае до истекот на 30 дена сметана од моментот кога двајцата осомничени веќе претходно беа лишени од слобода, информираат од Основен суд Скопје 1.

Судија на претходна постапка при Основен суд Скопје еден-Скопје постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерка притвор за осомничените Б.Б и С.Д за кривичното дело „убиство“ од член 123 став 2 точка 1 ВВ со член 22 од Кривичен законик денеска донесе решение со кое ја укина претходно определената мерка притвор за кривичното дело „насилство“ и определи нова мерка притвор за кривичното дело „убиство“ од член 123 став 2 точка 1 ВВ со член 22 од Кривичниот законик.

- Новата мерка ќе трае до истекот на 30 дена сметана од моментот кога двајцата осомничени веќе претходно беа лишени од слобода, информираат од Судот за МИА.

Оттаму појаснуваат дека Судот е на ваква оценка и покрај тоа што станува збор за ново кривично дело, од причина што станува збор за ист кривично-правен настан, без оглед на неговата правна квалификација, а согласно член 171 став 1 од ЗКП притворот определен од решение на судија на претходна постапка може да трае најдолго 30 дена од денот на лишување од слобода, односно во времетрање на притворот се засметува секое лишување од слобода.

Според пријавата од полицијата, Б.Б., С.Д, како и Ј.Љ (19) сите од Скопје, на 29 минатиот месец околу 17:30 часот во Скопје на автобуска постојка на булевар „Александар Македонски“ пријавените физички го нападнале Н.С., по што тој бил пренесен во Клинички центар „Мајка Тереза“ Скопје. По десет дена претепаното момче им подлегна на повредите.

Винисиус: Јас сум голем обожавател на талентот на Белингем

 Фудбалерот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор зборуваше за неговиот однос со соиграчот Џуд Белингем.

- Јас сум голем обожавател на талентот на Белингем. Направив се што можев за да го натерам да ни се придружи. Се надевам дека Џуд ќе продолжи да постигнува голови и ќе стане најдобар стрелец во шпанското првенство. Имаме одлична врска. Двајцата сме среќни во Реал Мадрид, изјави Винисиус за „Madrid Zone“.

Белингем се пресели во Реал Мадрид од Борусија Дортмунд во 2023 година. Сезонава за мадридскиот тим одигра 40 натпревари на кои постигна 23 гола и 12 асистенции.

Реал Мадрид веќе ја обезбеди титулата во Ла Лига.

На 1 јуни „Кралевите“ ќе играат против Борусија во финалето на Лигата на шампионите.

СЗО: Кардиоваскуларните болести се одговорни за 40 отсто од смртните случаи во Европа

Кардиоваскуларните болести се одговорни за 40 отсто од смртните случаи во Европа, соопшти денеска Светската здравствена организација(СЗО), апелирајќи до Европејците да го намалат внесот на сол.

Тоа изнесува 10.000 смртни случаи дневно, или четири милиони годишно.

„Спроведувањето насочени политики за намалување на внесот на сол за 25 отсто би можело да спаси околу 900.000 животи од кардиоваскуларни болести до 2030 година“, посочува Ханс Клуге, директор на европската филијала на СЗО.

Во Европа, секој трет возрасен човек на возраст од 30 до 79 години страда од хипертензија, често поради големо консумирање сол.

Педесет и една од 53 земји во европскиот регион на СЗО имаат просечен дневен внес на сол над препорачаниот максимум на СЗО од пет грама, или една кафена лажичка, главно поради преработената храна и грицките.

„Високиот внес на сол го зголемува крвниот притисок, кој е водечки фактор на ризик за кардиоваскуларни болести како што се срцев удар и мозочен удар“, соопшти СЗО.

Европа има највисока преваленца на крвен притисок во светот, се вели во извештајот.

Концерт на џез вокалистот Курт Елинг со Националниот џез оркестар во МНТ

Во Македонскиот народен театар, вечер со почеток во 20 часот, ќе се одржи концерт на џез вокалистот Курт Елинг со Националниот џез оркестар, под диригентска палка на Џијан Емин.

Елинг има вкупно десет номинации за Греми награди, од кои има освоено две награди за најдобар вокален џез албум за изданијата „Dedicated to you“ издаден во 2009 година, како и „Secrets are the best story“, издаден во 2021 година.

Во 2012 година е прогласен за прв почесен џез амбасадор на Шлезискиот џез фестивал во Полска, а добитник е и на германската награда Ехо џез и Шкотската награда за џез - меѓународна категорија. Во 2013 година е прогласен за Меѓународен џез -изведувач на годината на доделувањето на наградите „Jazz FM Awards“.

Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд со кој најчесто настапува, Курт Елинг бил и член на Квартетот на Бранфорд Марсалис.

Билетите за концертот може да се набават онлајн на страната на МНТ, како и на билетарницата на МНТ.

притисни ентер