Николоски: Мојата намера е Македонска пошта да расте, а не да пропаѓа -владата ќе донира 100 нови комби возила за Македонска пошта - Канал 5

Николоски: Мојата намера е Македонска пошта да расте, а не да пропаѓа -владата ќе донира 100 нови комби возила за Македонска пошта

- Македонија во континуитет ја следи европската пракса за регулација на поштенскиот пазар на услуги што понекогаш ни создава сериозни главоболки, имајќи предвид дека ние сме Влада што сака да го штити државниот капитал и државните компании.

Николоски: Мојата намера е Македонска пошта да расте, а не да пропаѓа -владата ќе донира 100 нови комби возила за Македонска пошта

Да бидеме фер и отворени - многу е лесно да се земе делот од пазарот што е профитабилен и што одговара, а Македонска пошта да има општествена одговорност - писмото што јас денеска ќе му го праќам на градоначалникот на Вевчани да го однесе во услови кога никој друг не го прави тоа. За ова ќе разговараме во следниот период зашто состојбата не може да остане ваква - или сите подеднакво ќе го носат товарот или ќе носиме други одлуки. Мојата намера е Македонска пошта да расте, а не да пропаѓа, порача денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во обраќањето на јавниот состанок што го одржа Агенцијата за пошти, Николоски потсети дека и барањето во Планот за раст е да се подобри ефикасноста на услугите со намалување на трошоците до 15 отсто, како и да се подобрат индикаторите за профитабилност исто така до 15 проценти, но тоа, потенцира, во сегашните услови кај нас е невозможно.

- Македонија во континуитет ја следи европската пракса за регулација на поштенскиот пазар на услуги што понекогаш ни создава сериозни главоболки, имајќи предвид дека ние сме Влада што сака да го штити државниот капитал и државните компании да напредуваат, за разлика од други влади кои беа подготвени да ги продаваат. Одредени наши претходници сега се со судски постапки токму поради такви одлуки. Ние би сакале Македонска пошта да расте и да напредува. Овие директиви во услови кога не сме членка на ЕУ навистина ни создаваат главоболки во делот на функционирањето на Македонска пошта. Мојата намера е Македонска пошта да расте, а не да пропаѓа. На крај, можеби нема да го оствариме општествениот интерес. Во таа насока, повторно доаѓаме до ЕУ - барањето во Планот за раст е да се подобри ефикасноста на услугите со намалување на трошоците до 15 отсто и да се подобрат индикаторите за профитабилност исто така до 15 проценти, што во услови кои ги опишав претходно мислам дека е невозможно. Затоа мора да ги менуваме условите, подвлече министерот.

Тој најави и дека ќе има законски измени кои ќе одат токму во оваа насока.

-Правиме консултации со сите релевантни чинители и играчи на пазарот, но наша задача и цел е да го заштитиме државниот капитал и тоа ќе го правиме, истакна Николоски.

Воедно информира дека следниов месец Македонска пошта од Владата ќе добие 100 возила, 90 помали комбиња и 10 големи комбиња со кои ќе може да се подобрат условите за работа.

-Работиме и на програма што ќе значи дополнителна помош за Македонска пошта и во делот на софтвер, сортирки, просторни услови и можност за испорачување најдобри услуги на пазарот. Во таа насока соработката со Агенцијата има клучна улога, рече вицепремиерот.

Укажа и дека традиционалниот начин на трговија полека изумира, а за сметка на тоа се поатрактивна станува е-трговијата. Во овој контекст Николоски нагласи дека земјава ќе мора да го фати чекорот.

-Со новите текови, особено во е-трговијата, овој сектор ќе биде апсолутно атрактивен и тука мислам дека приватниот капитал ќе треба да го најде сопствениот интерес. За жал, традициоанлниот начин на трговија изумира, ќе гледаме многу затворени дуќани во периодот пред нас и тоа е светски тренд, ќе гледаме многу трговски центри што не можат да опстанат или се затвораат, а ќе има многу повеќе пратки што ќе доаѓаат до крајните корисници, до нивна адреса и тоа треба да го направите вие. Тука е улогата во која ќе може да се најде и приватниот сектор. Да ги фатиме светските трендови во е-трговијата, работните места кои ќе се изгубат во традиционалната трговија да ги надополниме со работни места кои се надевам дека ќе се отвораат во нови пошти и во зголемување на работата на постојните, истакна Николоски.

Според него, работите не треба да се гледаат розово, туку реално, какви што се.

-Треба да имаме таков однос кон целата работа за државната и приватните пошти да работат профитабилно, да имаат што повеќе вработени и да немаме приказни какви што имавме во минатото, нагласи Николоски.

На македонскиот пазар моментно работат 29 правни лица за поштенски услуги од кои 28 со општо овластување за обезбедување поштенски услуги и АД Пошта на Македонија како државна компнија.

На јавниот состанок се обрати и директорката на Агенцијата за пошти Марина Тоневска која направи рекапитулација на активностите и се осврна на идните планови, додека Данијела Спасиќ Томовска ја претстави анализата за пазарот на поштенски услуги во првата половина од 2025 година.

Владата ќе донира 100 нови комби возила за Македонска пошта

Македонска пошта следниот месец од Владата ќе добие 100 возила, 90 помали комбиња и 10 големи комбиња со кои ќе може да се подобрат условите за работа, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Како што информира Николоски на јавниот состанок што го одржа Агенцијата за пошти, се работи и на програма за дополнителна поддршка на Поштата.

-Работиме и на програма што ќе значи дополнителна помош за Македонска пошта и во делот на софтвер, сортирки, просторни услови и можност за испорачување најдобри услуги на пазарот. Во таа насока соработката со Агенцијата има клучна улога, рече вицепремиерот.

Во обраќањето на состанокот, Николоски порача дека ќе мора да се менуваат условите на пазарот на поштенски услуги.

-Мојата намера е Македонска пошта да расте, а не да пропаѓа - или сите подеднакво ќе го носат товарот или ќе носиме други одлуки, потенцира Николоски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерот за спорт Борко Ристовски оддаде почит на ослободителите на Скопје

Со положувањето цвеќе и оддавањето почит на борците кои ги дадоа своите животи за слободата на градот, беше испратена порака за трајно почитување на нивната храброст, пожртвуваност и историски придонес.

Министерот за спорт Борко Ристовски оддаде почит на ослободителите на Скопје

Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и претставници на институциите, денеска беше дел од делегацијата која со пригодни активности ја одбележа 82-годишнината од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември 1944 година.

По повод Денот на ослободувањето на Скопје, делегацијата положи свежо цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во Бутел, на гробот на генерал Михајло Апостолски во Алејата на заслужните граѓани, како и пред Споменикот на ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.

Со положувањето цвеќе и оддавањето почит на борците кои ги дадоа своите животи за слободата на градот, беше испратена порака за трајно почитување на нивната храброст, пожртвуваност и историски придонес.

13 Ноември е еден од најзначајните датуми во историјата на Скопје, ден кој ја симболизира слободата, единството и непокорот на неговите граѓани. Одбележувањето на овој ден претставува потсетник за обврската да го негуваме историското наследство и вредностите врз кои се темели иднината на градот.

Со почит,

Министерство за спорт

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Форум на уставни судови во Охрид: Ниската доверба во судството е одраз на целиот систем

Историски ниската доверба во судството и слабото владеење на правото се одраз на проблемите во целиот институционален систем, а политичките притисоци и натаму претставуваат сериозен предизвик за независноста на уставните судови во регионот.

Форум на уставни судови во Охрид: Ниската доверба во судството е одраз на целиот систем

Ова се дел од пораките од денешната меѓународна конференција во Охрид, каде што во рамките на четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови, претседатели и уставни судии од регионот и Европа разговараа за независноста на судството, правната сигурност и враќањето на довербата на граѓаните во правосудните институции.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, оцени дека кај нас недовербата на граѓаните не е проблем само на судската, туку и на останатите власти.

- Било која од властите, ако се соочува со историски ниска доверба, таа е резултат на целиот систем. Не можеме да речеме дека судската власт има два процента доверба, а другите власти имаат огромна доверба. Немаат. Затоа што тоа е резултат на системот – изјави Костадиновски.

Костадиновски оцени дека со измените на Кривичниот законик се легитимирала неказнивоста, што претставува тежок удар врз правната држава. Тој предупреди и на постојаните обиди за политичко влијание врз уставните судови, нагласувајќи дека судиите имаат обврска да им одолеат на притисоците и да ја зачуваат независноста на институцијата.

Дека недовербата во судството е директно поврзана со кризата на владеењето на правото, предупреди и уставниот судија Осман Кадриу.

„Прашањето за недовербата во судството се однесува и се одразува и на владеењето на правото. Кај нас, во нашата земја и во соседните земји, правото е во криза. Правото е во криза кога не се почитува и погрешно се применува. Правото е во криза и кога законодавниот дом носи ептен лоши закони. Лоши закони во смисла што се противуставни, со штетни последици. Школски пример за тоа е лошиот Кривичен законик и неговите измени од 2023 година.“ изјави – Осман Кадриу, уставен судија.

На конференцијата во Охрид, на која учествуваат претставници на уставните судови од регионот и Европа, беше истакната потребата од поголема независност, транспарентност и заштита на уставните права на граѓаните.

На четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови е предвидено усвојување на Охридска декларација, со која се настојува да се зајакнат независноста на уставните судови и довербата на граѓаните во нивната работа.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Одбележан Денот на Инженерискиот баталјон

Денес, со воена свеченост се одбележа 13 Ноември, Денот на Инженерискиот баталјон од составот на 1.пешадиска бригада.

Одбележан Денот на Инженерискиот баталјон

На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорот на Генералштабот бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, пензионирани генерали, поранешни команданти на единицата, претставници од Армијата и Министерството за одбрана и други гости.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, упатувајќи честитки до сите припадници на Инженерискиот баталјон по повод Денот на единицата посочи дека денешниот празник се совпаѓа со Денот на ослободување на градот Скопје, што носи силна симболика – Ослободувањето го означува почетокот на изградбата на едно ново и слободно утре, а Инженерискиот баталјон со посветеноста и професионалноста е продолжение на таа визија, во насока на изградба на посилна Армија и побезбедна држава.

„Вие, припадниците на оваа единица сте меѓу оние кои ги создаваат условите за успешна реализација на армиските задачи. Од изградба и одржување на инфраструктурата, обезбедување проодност на патните правци и поддршка на вежбовни активности, до помош на граѓаните и локалните заедници. Токму затоа, инженериската поддршка е еден од темелите на секоја функционална и подготвена Армија“.

Министерот Мисајловски ги истакна и бројните активности на оваа единица ширум општините во државата, за подобро поврзување на населените места, пробивање, поправка и одржување на патната инфраструктура во руралните средини со цел полесен пристап и подобри услови за живот на локалното население со што уште еднаш покажаа дека Армијата е секогаш со граѓаните и подготвена да помогне таму каде што е најпотребно.

Командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, во своето обраќање ја истакна важноста на одбележувањето на датумите кои нè потсетуваат како се сака и како се брани татковината и се нашата водилка во иднината. При тоа на припадниците на Инженерискиот баталјон им порача „Драги инженерци, бидете горди што сте дел од единствената инженериска единица во Армијата, продолжете да работите вредно и посветено и секогаш нека ве води вашето мото – “Секогаш напред“.

Командантот на Инженерискиот баталјон, потполковник Ласте Георгиев со гордост ја истакна професионалноста, посветеноста и значајната улога на припадниците на единицата во поддршка на Армијата и граѓаните, осврнувајќи се на реализираните задачи, обуки и вежби во изминатата година.

„Инженерискиот баталјон не гради само патишта, туку гради доверба, сигурност и иднина. Нашата најголема сила не е само во опремата, туку пред сè во нашиот персонал, неговото знаење, срце и посветеност, а патот на инженерецот е секогаш напред!“ рече потполковник Ласте Георгиев.

По повод Денот на единицата, беа прочитани наредби за унапредување и стимулативни мерки за припадниците на баталјонот кои постигнале високи резултати во работата. Како најдобар вод од составот на Инженерискиот баталјон е избран Првиот инженериски вод од Четата за општа инженериска поддршка.

За остварените резултати во повеќегодишната соработка, командантот на Инженерискиот баталјон им додели благодарници на претставниците од општините: Делчево, Јегуновце, Боговиње, Македонски Брод и Старо Нагоричане.

Во рамки на свеченоста беше реализирано дефиле и тактичко-технички збор на опремата и средствата со кои располага единицата.

Со одлука на претседателот и врховен командант на Вооружените сили, за ден на Инженерискиот баталјон е одреден 13 Ноември, како датум од историско значење на кој единицата е носител на традициите на инженериската бригада на Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер