МакедонијаОдбележан Денот на Инженерискиот баталјонДенес, со воена свеченост се одбележа 13 Ноември, Денот на Инженерискиот баталјон од составот на 1.пешадиска бригада.На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорот на Генералштабот бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, пензионирани генерали, поранешни команданти на единицата, претставници од Армијата и Министерството за одбрана и други гости. Министерот за одбрана Владо Мисајловски, упатувајќи честитки до сите припадници на Инженерискиот баталјон по повод Денот на единицата посочи дека денешниот празник се совпаѓа со Денот на ослободување на градот Скопје, што носи силна симболика – Ослободувањето го означува почетокот на изградбата на едно ново и слободно утре, а Инженерискиот баталјон со посветеноста и професионалноста е продолжение на таа визија, во насока на изградба на посилна Армија и побезбедна држава. „Вие, припадниците на оваа единица сте меѓу оние кои ги создаваат условите за успешна реализација на армиските задачи. Од изградба и одржување на инфраструктурата, обезбедување проодност на патните правци и поддршка на вежбовни активности, до помош на граѓаните и локалните заедници. Токму затоа, инженериската поддршка е еден од темелите на секоја функционална и подготвена Армија“. Министерот Мисајловски ги истакна и бројните активности на оваа единица ширум општините во државата, за подобро поврзување на населените места, пробивање, поправка и одржување на патната инфраструктура во руралните средини со цел полесен пристап и подобри услови за живот на локалното население со што уште еднаш покажаа дека Армијата е секогаш со граѓаните и подготвена да помогне таму каде што е најпотребно. Командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, во своето обраќање ја истакна важноста на одбележувањето на датумите кои нè потсетуваат како се сака и како се брани татковината и се нашата водилка во иднината. При тоа на припадниците на Инженерискиот баталјон им порача „Драги инженерци, бидете горди што сте дел од единствената инженериска единица во Армијата, продолжете да работите вредно и посветено и секогаш нека ве води вашето мото – “Секогаш напред“. Командантот на Инженерискиот баталјон, потполковник Ласте Георгиев со гордост ја истакна професионалноста, посветеноста и значајната улога на припадниците на единицата во поддршка на Армијата и граѓаните, осврнувајќи се на реализираните задачи, обуки и вежби во изминатата година. „Инженерискиот баталјон не гради само патишта, туку гради доверба, сигурност и иднина. Нашата најголема сила не е само во опремата, туку пред сè во нашиот персонал, неговото знаење, срце и посветеност, а патот на инженерецот е секогаш напред!“ рече потполковник Ласте Георгиев. По повод Денот на единицата, беа прочитани наредби за унапредување и стимулативни мерки за припадниците на баталјонот кои постигнале високи резултати во работата. Како најдобар вод од составот на Инженерискиот баталјон е избран Првиот инженериски вод од Четата за општа инженериска поддршка. За остварените резултати во повеќегодишната соработка, командантот на Инженерискиот баталјон им додели благодарници на претставниците од општините: Делчево, Јегуновце, Боговиње, Македонски Брод и Старо Нагоричане. Во рамки на свеченоста беше реализирано дефиле и тактичко-технички збор на опремата и средствата со кои располага единицата. Со одлука на претседателот и врховен командант на Вооружените сили, за ден на Инженерискиот баталјон е одреден 13 Ноември, како датум од историско значење на кој единицата е носител на традициите на инженериската бригада на Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаФорум на уставни судови во Охрид: Ниската доверба во судството е одраз на целиот системИсториски ниската доверба во судството и слабото владеење на правото се одраз на проблемите во целиот институционален систем, а политичките притисоци и натаму претставуваат сериозен предизвик за независноста на уставните судови во регионот.Ова се дел од пораките од денешната меѓународна конференција во Охрид, каде што во рамките на четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови, претседатели и уставни судии од регионот и Европа разговараа за независноста на судството, правната сигурност и враќањето на довербата на граѓаните во правосудните институции. Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, оцени дека кај нас недовербата на граѓаните не е проблем само на судската, туку и на останатите власти. - Било која од властите, ако се соочува со историски ниска доверба, таа е резултат на целиот систем. Не можеме да речеме дека судската власт има два процента доверба, а другите власти имаат огромна доверба. Немаат. Затоа што тоа е резултат на системот – изјави Костадиновски. Костадиновски оцени дека со измените на Кривичниот законик се легитимирала неказнивоста, што претставува тежок удар врз правната држава. Тој предупреди и на постојаните обиди за политичко влијание врз уставните судови, нагласувајќи дека судиите имаат обврска да им одолеат на притисоците и да ја зачуваат независноста на институцијата. Дека недовербата во судството е директно поврзана со кризата на владеењето на правото, предупреди и уставниот судија Осман Кадриу. „Прашањето за недовербата во судството се однесува и се одразува и на владеењето на правото. Кај нас, во нашата земја и во соседните земји, правото е во криза. Правото е во криза кога не се почитува и погрешно се применува. Правото е во криза и кога законодавниот дом носи ептен лоши закони. Лоши закони во смисла што се противуставни, со штетни последици. Школски пример за тоа е лошиот Кривичен законик и неговите измени од 2023 година.“ изјави – Осман Кадриу, уставен судија. На конференцијата во Охрид, на која учествуваат претставници на уставните судови од регионот и Европа, беше истакната потребата од поголема независност, транспарентност и заштита на уставните права на граѓаните. На четвртиот годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови е предвидено усвојување на Охридска декларација, со која се настојува да се зајакнат независноста на уставните судови и довербата на граѓаните во нивната работа. Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
ЗдравјеСветски ден на дијабетесот: Над 121 илјада граѓани со дијагноза и растечки број млади пациентиКога во лабораториската анализа ќе видиме дека шеќерот ни е 6,2 или 6,8, тоа не е нешто што треба да се игнорира и граѓаните мора да водат повеќе сметка за себе, бидејќи не можеме да живееме нездраво, да внесуваме алкохол и да пушиме цигари,...Кога во лабораториската анализа ќе видиме дека шеќерот ни е 6,2 или 6,8, тоа не е нешто што треба да се игнорира и граѓаните мора да водат повеќе сметка за себе, бидејќи не можеме да живееме нездраво, да внесуваме алкохол и да пушиме цигари, а да бараме одговорност од државата или здравството да ги санира последиците од лошите навики. Ова е пораката на Министерот за здравство Сашо Клековски по повод Светскиот ден на дијабетесот. Раното откривање е клучно, вели Министерот. -Сметам дека за превенција на дијабет имаме една едноставна мерка, се вика вага и чини 600 денари,-министерот за здравство Сашо Клековски. Ендокринолозите велат дека бројот на пациенти кои се дијагностицираат од година во година расте, меѓу нив неколку стотина се деца, а илјадници граѓани живеат со болеста без да знаат дека ја имаат. Лекарите алармираат дека и откако ќе се дијагностицира дијабетот за секој пациент треба да има индивудуален пристап на третман. За девет години, или од 2015 заклучно со јули 2024 бројот на евидентирани пациенти пораснал за повеќе од 37 илјади, а над 121 илјада граѓани во Македонија имаат дијагностициран дијабетес, покажува национална студија објавена годинава во меѓународното научно списание на Американското здружение за клиничка ендокринологија. Загрижува порастот на преваленцата кај помладите, особено во возрасната група од 20 до 39 години. Од вкупно 121.750 дијагностицирани, над 66 000 се жени, а без малку 1500 се помлади од 20 години. Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter