НБ: Основната каматна стапка останува на ниво од 1,25 проценти

Ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута е на релативно стабилно и високо ниво.

Основната каматна стапка останува на ниво од 1,25 проценти, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на вчера одржаната седница на која биле разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во однос на поставеноста на монетарната политика.

На седницата е оценето дека нивото на основната каматна стапка соодветствува на тековните економски и финансиски услови.

– Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата беше оценето дека тековната ликвидност на банкарскиот систем е соодветна, при што беше одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, информира денеска Народната банка.

Во однос на макроекономските показатели во домашната економија не се забележани позначителни отстапувања, но, како што велат од Народната банка, неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од ковид-19 и понатаму постојат.

Позитивниот раст на Бруто домашниот производ (БДП) во вториот квартал, според Народната банка, произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, при негативен придонес на нето-извозот, што е во согласност со очекувањата.

– Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2021 година со кои се располага во моментов се делумни и се недоволни за согледување на состојбите во целина. Имено, податоците за јули покажуваат натамошен значителен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, при извесно стабилизирање на движењата кај индустриското производство на годишна основа, велат од Народната банка.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ август, во просек годишниот раст на цените изнесувал 2,7 проценти. Во овој период, позначителен раст е забележан кај цените на маслото и цените на нафтените деривати, што е предизвикано од движењата на светските берзи, а дополнително влијание имале и зголемувањата од административната и регулаторната природа, како и повисоките цени во рестораните и хотелите, што делумно било поврзано и со мерките за спречување на ширењето на ковид-19.

– Остварувањата кај инфлацијата се нешто повисоки од очекувањата, при што и натаму е нагласена неизвесноста во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, наведува НБ.

Девизните резерви, според НБ, се на соодветното ниво и во сигурната зона. Во периодот јули – август, остварен е откуп на девизи од страна на Народната банка согласно со поволните движења на девизниот пазар, отплатена е еврообврзницата издадена во 2014 година и распределени се 160 милиони евра од специјалните права на влечење од страна на ММФ. На збирна основа, растот на девизните резерви од почетокот на годината е нешто повисок од очекуваниот според априлските проекции.

Трговскиот дефицит во јули е нешто повисок од очекуваниот за третиот квартал од годината, но периодот на оцена, велат од НБ, е премногу кус за носење попрецизни заклучоци.

– Последните расположливи податоци за менувачкото работење укажуваат на можност за остварување повисоки нето-приливи од приватни трансфери од очекуваните за третиот квартал од 2021 година, велат од централната банка.

Движењата во рамки на монетарниот сектор се солидни, а според првичните податоци за август, годишните стапки на раст на вкупните депозити и на вкупните кредити се над проектираните за третиот квартал на 2021 година, согласно со априлската проекција.

Ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута е на релативно стабилно и високо ниво.

– Показателите за остварувањата на девизниот пазар упатуваат на натамошно нормализирање на понудата на девизи од менувачниците и физичките лица на преткризните нивоа. Овие пазарни движења, придружени со солидната девизна ликвидност на банките во август, придонесоа за зголемување на понудата на девизи и следствено, за интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизи од банкарскиот систем, во износ од 30,7 милиони евра, информира НБ.

Лондонскиот аеродром Хитроу за летово предвидува најголем промет во историјата

Лондонскиот аеродром Хитроу (LHR) денеска соопшти дека сезоната на летни одмори ќе биде „најпрометната досега“ .

Лондонскиот аеродром Хитроу (LHR) денеска соопшти дека сезоната на летни одмори ќе биде „најпрометната досега“ и дека вработените ќе вложат големи напори аеродромот да работи непречено „дури и ако има повторување на штрајковите на персоналот“ кои ја одбележаа минатата година .

Бројот на патници кои го користат аеродромот се очекува оваа година да надмине 82,4 милиони. Тоа би била најпрометната година досега, за 1,5 милиони патници „поуспешно“ од 2019 година, кога низ аеродромот поминале 80,9 милиони патници, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“.

Ова го потврди комерцијалниот директор на аеродромот, Хавиер Ечав, бидејќи Хитроу се соочува со неизвесна иднина, а предложената продажба на најголемиот британски аеродром во вредност од 6 милијарди фунти се уште е доведена во прашање.

Намерата на шпанската компанија Ferrovial да го купи аеродромот заедно со австралиската инвестициска компанија Macquarie е „на чекање“, откако фирмата од Сиднеј одлучи да се откаже од својот удел од 35% во Хитроу. Во меѓувреме, нема други понудувачи. Покрај нив, за преземање на 25% удел во сопственоста на аеродромот беа заинтересирани и Државниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија и француската приватна инвестициска компанија Ардијан.

На почетокот на овој месец, аеродромските власти ја повикаа владата да го укине воведувањето на нова наплата од 10 фунти за транзитните патници, предупредувајќи дека тоа ќе влијае на бројот на патници и ќе ги стави аеродромите во Британија во неповолна положба во однос на европските конкуренти. Хитроу го повтори овој повик во средата, а истовремено ги повика министрите да ја разгледаат „анти-развојната“ туристичка такса, што значи дека туристите плаќаат ДДВ за набавките.

Девојка скока во базен од огромна височина, снимката има над 39 милиони прегледи (ВИДЕО)

Џени Ван Кавијк се занимава со нуркање, а неодамна изведе трик на крузерот „Harmony of the Seas“, четвртиот по големина во светот.

На почетокот ја гледаме на скокалницата, додека покажува кон „малиот“ базен. Признаваме дека ни се заврти од висината, додека девојката „уживаше во сѐ“.

Неколку моменти подоцна таа скокна, изведе неколку акробации и се втурна во водата, токму онаму каде што „нишанеше“.

Клипот дефинитивно не е за секого, а собра повеќе од 39,6 милиони прегледи.

„Вие сте фантастични! Не би имал храброст да се искачам на скала, а камоли да скокам“, напишал еден корисник.

Друг додаде: „Стомакот ми се преврте додека го гледав ова“.

Грција воведува шестдневна работна недела

Во јули во Грција ќе се воведе шестдневна работна недела.

Во јули во Грција ќе се воведе шестдневна работна недела, а обврската ќе важи за државните служби, комуналните претпријатија, банките, фирмите, организациите и земјоделските стопанства кои досега практикуваа петдневна работна недела, пишува inNewspaper.

Според законот, работниот ден дополнително работно време не може да трае подолго од осум часа, а не е дозволена прекувремена работа. Оваа одредба, која стапува во сила од 1 јули, не мора да ја следат работодавачите на фирми кои по својата природа не се континуирани, односно до сега не работеле пет дена во неделата. Има и други исклучоци.

Во однос на ограничувањата, вработен во шестиот работен ден не смее да работи повеќе од 8 часа и не е дозволена прекувремена работа. Во случај фирмите да имаат петдневни ноќни смени (00:00-06:00 часот), тогаш шестиот ден може да не работат во ноќна смена.

притисни ентер