Научен симпозиум во Корча за Преспанското Езеро со македонски, албански и грчки експерти - Канал 5

Научен симпозиум во Корча за Преспанското Езеро со македонски, албански и грчки експерти

Во просториите на Универзитетот „Фан Ноли“, во албанскиот град Корча, се одржува третиот научен симпозиум за Преспанското Езеро, кое е оценето како „уникатен екосистем во Европа“ каде падот на нивото на водата е загрижувачки.

Научен симпозиум во Корча за Преспанското Езеро со македонски, албански и грчки експерти

-На симпозиумот, кој го враќа научното внимание кон едно од најважните природни подрачја на Балканот, по повеќе од 20 години, учествуваат експерти, претставници на органите за управување со води и локални организации од Албанија, Грција и Македонија со цел да разговараат за заедничките предизвици со кои се соочува сливот на Преспа, објавија медиумите.

Првата сесија беше на тема „Климатски промени и управување со водите“, при што д-р Александар Трајче, директор на Центар за зачувување и заштита на природната средина во Албанија (PPNEA), се фокусираше на влијанието на климатските промени врз достапноста на водата и динамиката на езерото во овој слив, нагласувајќи ја загриженоста дека Преспа се соочува со загрижувачки пад на нивото на водата, феномен што сè уште не е целосно објаснет од науката.

„Презентациите од трите земји ги анализираа климатските трендови од последните години и нивните ефекти врз водниот биланс, значителното намалување на нивото на водата во езерото и улогата на природните и антропогените фактори, како и хидрогеолошките процеси што ја обликуваат долгорочната динамика на водата, наведуваат медиумите.

На сесијата беа презентирани и наодите од иницијативата „Преспанска дигитална вода“, која обезбеди интегриран преглед на постојните студии за Преспа, како и конкретни препораки за решавање на празнините во научните истражувања, прекуграничната соработка и одржливото управување со водните ресурси.

Втората сесија е на тема: „Зачувување на биодиверзитетот и управување со екосистемот“, по што планирана е заедничка теренска посета на Националниот парк Преспа.

-Како прво прекугранично заштитено подрачје на Балканот, Преспанското Езеро, продолжува да потврдува дека споделените води бараат споделено знаење, континуиран дијалог и координирана акција, заедничка визија за одржливо управување со ова подрачје од исклучителна природна вредност, заклучиле учесниците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Уапсен поранешен министер на Србија

Раде Баста, поранешен министер во Владата на Србија во периодот од октомври 2022 до мај 2023 година, е уапсен во Белград.

Уапсен поранешен министер на Србија

Според неофицијални информации, Раде Баста е уапсен по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, бидејќи додека бил директор на „Белградски електрани“ (Beogradske elektrane), го оштетил претпријатието за десетици милиони динари преку одобрување неосновани донации за разни спортски клубови!

Меѓу овие спортски клубови, како што пренесуваат дел од српските медиуми, нема звучни имиња, туку станува збор за помали фудбалски и кошаркарски клубови, па дури и еден коњички клуб.

Во тек е акција за апсења и претреси на простории, спроведена од припадници на Службата за борба против корупцијата, а се апсат и уште неколку лица поврзани со проневерите на Баста. Да потсетиме, Баста беше министер за економија само 8 месеци, од октомври 2022 до 2023 година, кога беше разрешен од таа функција.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Гответе со Дракче“ - Пилешко во кремаст сос од вргањ

Во среда (04.11.2026) во емисијата гостин ни бeше Емилија Мицевска.

„Гответе со Дракче“ - Пилешко во кремаст сос од вргањ

Состојки за денешниот рецепт:

500 гр. пилешко филе

20 гр. сув вргањ

150 - 200 мл. топла вода

500 мл. павлака за готвење

1 мало шише бело суво вино

40 - 50 гр. пармезан

1 коцка говедска супа

1 лажица путер

1 лажица маслиново масло

1 чешне лук

сол, бибер, свеж магдонос

мајчина душица

Погледнете како се подготвува овој рецепт:

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Уставниот суд домаќин на 4. Годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови

Уставниот суд на Република Македонија, од 12 до 14 ноември 2026 година, во Охрид ќе биде домаќин на 4. Годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови (BCCF).

Уставниот суд домаќин на 4. Годишен состанок на Форумот на балканските уставни судови

Претседатели и судии на уставни судови, претставници на меѓународни организации и истакнати правни експерти ќе учествуваат на меѓународната конференција посветена на довербата во уставното судство, современите предизвици и владеењето на правото.

Покрај годишниот состанок на претседателите на уставните судови - членки на Форумот, во фокусот ќе биде ставена и меѓународна конференција со тема „Современи предизвици за владеењето на правото: улогата на уставните судови“, која ќе се одржи на 13 ноември 2026 година.

Конференцијата ќе отвори прашања од суштинско значење за современото уставно судство, со посебен акцент на јакнењето на довербата на граѓаните во уставните судови, предизвиците што ги носи дигиталната ера и обезбедувањето ефективна уставна заштита.

Свеченото отворање ќе започне со интонирање на државната химна и прикажување документарен филм посветен на 62-годишното постоење на Уставниот суд на Република Македонија.

Во рамките на поздравниот дел од програмата, предвидени се обраќања на претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, министерот за правда, проф. д-р Јетон Шасивари, како и на Кристиан Делиорга, судија на Уставниот суд на Романија и претставник на Асоцијацијата на уставни судови што користат француски јазик (ACCF).

Во програмата е предвидено и видеообраќање на амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Воведното стручно обраќање ќе го одржи проф. д-р Кристоф Грабенвартер, претседател на Уставниот суд на Република Австрија, на темата „Значењето на регионалната соработка меѓу уставните судови“.

Неговото излагање ќе биде посветено на улогата на соработката, размената на искуства и уставносудската практика во справувањето со заедничките предизвици и во зајакнувањето на уставната правда.

Работниот дел од конференцијата ќе се одвива низ три тематски сесии, во кои ќе учествуваат претседатели и судии на уставни судови, претставници на европски и меѓународни институции и универзитетски професори.

Првата сесија, со наслов „Како да се зголеми довербата во уставните судови?“, ќе ја модерира д-р Садет Јуксел, судијкаа на Европскиот суд за човекови права. Предвидени се излагања на Мерсида Џаферлари, уставна судијка од Албанија, Павлина Панова - претседателка на Уставниот суд на Бугарија, Неџми Реџепи - претседател на Уставниот суд на Косово и Булос Фахми Искандар претседател на Врховен уставен суд на Египет

Втората сесија, која ќе продолжи со разгледување на прашањата за довербата во уставното судство, ќе ја модерира Мартин Кујер, судија Врховен суд на Холандија и член на Венецијанската комисија.

Во дискусијата со свои обраќања ќе учествуваат Снежана Арменко претседателка на Уставниот суд на Црна Гора, Кадир Озкаја Претседател на Уставен суд на Турција, судијката на Уставниот суд на Република Македонија, проф. д-р Ана Павловска-Данева, и проф. д-р Рената Дескоска, потпретседателка на Венецијанската комисија.

Третата сесија ќе биде посветена на довербата во уставните судови во дигиталната ера, со посебен осврт на новите технологии, нивното влијание врз правосудството и предизвиците за заштитата на уставните права. Модератор ќе биде Рената Дескоска, а во сесијата се предвидени излагања на Лариса Велиќ, судија на Уставен суд на Босна и Херцеговина, Муса Лараба, генерален секретар на Конференцијата на Африканска уставна јурисдикција (CJCA), Татјана Васиќ-Бозаџиева, судија на Уставен суд на Република Северна Македонија и Мартин Куијер.

Конференцијата ќе заврши со обраќање на претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски.

Билатерална средба со делегација на Врховниот уставен суд на Египет

Денеска, 11 ноември 2026 година, во Уставниот суд ќе се одржи билатерална средба со висока делегација на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет.

Египетската делегација ќе ја предводи Н.Е. Булос Фахми Искандар, претседател на Врховниот уставен суд на Египет, а во нејзиниот состав ќе биде и Махмуд Мохамед Али Гонеим, потпретседател на Судот.

Од страна на Уставниот суд на Република Северна Македонија, на билатералната средба ќе учествуваат претседателот д-р Дарко Костадиновски и судиите д-р Осман Кадриу, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, м-р Фатмир Скендер, проф. д-р Ана Павловска-Данева и м-р Мери Дика-Георгиевска.

Средбата ќе биде посветена на унапредувањето на билатералната соработка, размената на искуства и уставносудски практики, како и на предизвиците со кои се соочуваат уставните судови во заштитата на уставноста, човековите права и владеењето на правото.

Усвојување на Охридска декларација

Еден од значајните аспекти на годишниот состанок е иницијативата за усвојување на Охридска декларација како основа за понатамошно унапредување на регионалната соработка.

Во рамките на годишниот состанок ќе се одржи и состанок на Одборот на членови на Форумот на балканските уставни судови, на кој ќе се разгледуваат прашања поврзани со понатамошното функционирање на Форумот и претседавањето со него.

За Форумот и надлежностите

Форумот на балканските уставни судови претставува платформа за соработка, професионален дијалог и размена на искуства меѓу уставните судови во регионот.

Негови членки се уставните судови на Албанија, Бугарија, Република Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Турција, а во работата на Форумот како набљудувачи учествуваат и институции од Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Грција.

По претходните годишни состаноци одржани во Софија во 2023 година, Приштина во 2024 година и Анталија во 2025 година, Охрид е четвртиот домаќин на Форумот.

Со организирањето на овој меѓународен настан, Уставниот суд на Република Северна Македонија ја продолжува својата заложба за унапредување на регионалната и меѓународната соработка, размената на добри практики и зајакнувањето на улогата на уставните судови во заштитата на уставноста, законитоста и основните слободи и права на граѓаните.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер