НАТО ќе повтори дека финализирањето на договорот е клуч за членство

Македонија во среда попладне, на првиот ден од Самитот на НАТО добива покана за членство во Алијансата, уверени се од македонската Влада.

На денешниот брифинг во Владата, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски посочи дека земјава, судејќи според драфт верзијата на заклучокот, ќе ја добие истата формулација како онаа со која беа поканети последните земји членки на Алијансата.

Најверојатна формулација:

*НАТО ја повикува Македонија да ги започне пристапните преговори за членство.

*Поканата, најверојатно ќе биде со истата формулација како и за Црна Гора, како последна нова членка на Алијансата и како за Хрватска и Албанија, кои беа примени на самитот во Букурешт во 2008-та, смета Националниот координатор, Стево Пендаровски.

Од Владата се убедени дека пристапните преговори до финално членство ќе завршат во наредните три до шест месеци, што се совпаѓа и со рокот за со финализирање на Договорот со Грција до крајот на годинава. На разговорите ќе му претходи план за пристапување, кој првиот човек на НАТО Столтенберг ќе го изготви и ќе испрати до македонската влада, која пак, треба да одговори со писмо за намери и изготвување на квартални Програми за членство. Од Владата сметаат дека не треба да се пролонгира процесот, со оглед на неизвесноста што може да го донесат изборите во Грција следната 2019-та. Конечниот збор ќе треба да го дадат 29-те земји членки на НАТО, по што и формално ќе се потпише протоколот за членство.

Кога сите 29 земји членки дале поддршка Македонија да добие покана за НАТО, очекуваме истото да го сторат и кога ќе треба да го ратификуваат Протоколот за членство,велат од Владата, прашани дали очекуваат некој да го блокира членството на Македонија.

Во меѓувреме, грчки Катимерини, објави дека НАТО во Брисел се очекува само да потврди дека зачленувањето на Македонија ќе зависи од реализацијата на Договорот со Грција, услов што ќе биде вметнат во членовите 59 и 60 од декларацијата. Повикувајќи се на нацрт верзијата, на која имал увид Катимерини, ваквата одлука била договорена на одвоениот телефонскиот разговор на американскиот потпретседател Пенс со Заев и Ципрас.

Ден на македонската дипломатија - 55 години од основањето на МНР

 Во Министерството за надворешни работи денеска се одбележува 55 години од неговото постоење. 

По повод Денот на Министерството за надворешни работи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе одржи прес-конференција, а вчера дипломатскиот клуб од Скопје го одбележа Денот на македонската дипломатија со садење дрво пред зградата на МНР и посета на Меморијалниот музеј на АСНОМ во Пелинце.

Македонската дипломатија своите почетоци ги има во Бирото за односи со странство формирано во 1969 година. Република Македонија имаше свои дипломати кои работеа во југословенската дипломатија во Белград и во странство, како и во републичкиот орган за односи со странство. Во 1991 година овој орган прерасна во Министерство за надворешни работи.

Министерството за надворешни работи ги врши работите што се однесуваат на надворешните работи и надворешната политика на Република Северна Македонија.

Една од најзначајните дипломатски активности на ова Министерство беше претседавањето со ОБСЕ кое ја одбележа изминатата 2023 година кога нашата држава беше домаќин на Самитот на ОБСЕ.

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност ќе одлучува за поскапувањето на полисата

Поскапувањето е од 840 па до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото. 

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денеска на седница треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното автомобилско осигурување од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ја сочинуваат членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Таа е надлежна за утврдување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Комисијата ја утврдува премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која се состои од техничка премија, која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и дел на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што ги утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување.

Со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување од страна на осигурителните компании за 15,44 отсто поскапува полисата што ја плаќаат граѓаните при регистрација на нивните возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 па до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото. /МИА

Учениците на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од денеска заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година. 

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од деновите кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

- Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН кое, по реакции во јавноста и од синдикатите, ја повлече претходната одлука пропуштеното да се надомести во саботи.

притисни ентер