Најмалку 15 лица се уапсени поради учество на забранетата „Парада на гордоста“ во Турција

Турската полиција денеска во Истанбул приведе најмалку 15 лица поради учество на Парадата на гордоста, која е забранета во Турција, објави Ројтерс, повикувајќи се на изјави на очевидци.

Еден очевидец рече дека ЛГБТК групите се собрале во азискиот дел на градот откако полицијата ги блокирала главните улици, но дека полицијата, откако ги пребарала улиците, ги пронашла и уапсила најмалку 15 лица.

Канцеларијата на шефот на регионот Истанбул претходно денеска соопшти дека денешната Парада на гордоста е забранета.

Турската полиција го блокираше центарот на Истанбул за да го спречи одржувањето на Парадата.

Партијата на правдата и развојот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги забрани Парадите на гордоста во Турција од 2015 година, наведувајќи ги безбедносните ризици.

БиХ: Обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети поради фалсификување дипломи

Обвинителството на Босна и Херцеговина подигна обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети од Мостар, Бања Лука и Брчко, кои се обвинуваат за фалсификување дипломи. 

Според обвинителното соопштение, обвинетите се товарат за здружување за извршување на кривични дела, корупција и незаконска трговија со десетици високообразовни дипломи.

Дипломите се од областа на економија, право, техничко-инженерски науки, здравство и менаџмент.

Обвинителството на БиХ истакнува дека обвиненијата се резултат на опсежна истрага спроведена во соработка со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) во изминатите две години, при што се собрани илјадници материјални докази и се сослушани 130 сведоци, вклучувајќи и членови на академската заедница.

Истрагата утврди дека се издадени најмалку 49 високообразовни дипломи кои ќе се бараат да се поништат согласно законските постапки, бидејќи е утврдено дека тие дипломи се купени, а лицата на кои се издадени не учествувале во наставата.

Дипломите се купувале за сума од неколку илјади евра, што, според обвинителството, предизвикало голема штета на системот на високо образование во земјата.

Меѓу обвинетите се Зоран Калиниќ, ректор на Независниот универзитет од Бања Лука, Драган Илиќ, сопственик на Високата школа за применети и правни науки од Бања Лука, Владимир Стојановиќ, ректор на Универзитетот за модерни науки ЦКМ од Мостар, Драган Ѓурановиќ, ректор на Универзитетот за бизнис менаџмент од Бања Лука, Денис Прачиќ, вработен во Високата школа „Унион“ Мостар како менаџер и на Универзитетот за модерни науки Мостар, Љубиша Тодоровиќ, вработен во Високата школа „Прометеј“ Бања Лука и ЦКМ Универзитетот Мостар.

Обвинети се и Драган Голијан, професор на универзитетот „Victoria International University“ од Мостар, како и Војислав Шкрбиќ, професор емеритус на „ПИМ“ Бања Лука.

Како правни лица обвинети се Независниот универзитет за политички и социјални науки „НУБЛ“ Бања Лука, Високата школа за применети и правни науки „Прометеј“ од Бања Лука, Универзитетот за бизнис инженеринг и менаџмент „ПИМ“ Бања Лука и нивната подружница во Брчко, универзитетот „Victoria International University“ од Мостар, Високата школа „Унион“ од Мостар и Интернационалниот универзитет Брчко.

За време на судењето, кое се очекува наскоро, обвинителите ќе ја докажуваат вината на обвинетите со сведочење на околу 70 сведоци, осум стручни вештаци и повеќе од три илјади материјални докази.

Анкета: Мишел Обама има поголеми шанси од Бајден да го победи Трамп на изборите

Во случај Џо Бајден да се откаже од претседателската кандидатура по лошиот настап на минатонеделната дебата со Доналд Трамп, поранешната прва дама Мишел Обама е единствената можност за демократите која според анкетите би го победила Трамп.

Во случај Џо Бајден да се откаже од претседателската кандидатура по лошиот настап на минатонеделната дебата со Доналд Трамп, поранешната прва дама Мишел Обама е единствената можност за демократите која според анкетите би го победила Трамп, покажува истражувањето на „Ипсос“.

Мишел Обама, исто така, се наоѓа на врвот на листата на популарност меѓу регистрираните гласачи, додека Трамп и Бајден заостануваат зад неа за повеќе од 10 процентни поени. На прашањето дали Трамп или Бајден треба да се повлечат од кандидатурата по дебатата, речиси тројца од петмина испитаници се согласуваат дека Бајден треба да се повлече, а нешто помалку од половина го кажале истото за Трамп.

Трамп и Бајден остануваат изедначени меѓу регистрираните гласачи за претседателските избори во ноември. Во други хипотетички дуели меѓу демократите и Трамп, само Мишел Обама има предност пред Трамп меѓу регистрираните гласачи.

На прашањето за кого би гласале на претседателските избори во ноември, 40 отсто од регистрираните гласачи би гласале за Бајден, а 40 отсто за Трамп. Овој однос е постојан од крајот на мај 2024 година, кога 41 процент биле за Бајден, а 39 отсто за Трамп.

На прашањето за можни кандидати на демократите против Трамп, 50 проценти од регистрираните гласачи велат дека би гласале за Мишел Обама.

Сите други можни демократски кандидати имаат слични или полоши резултати од Бајден против Трамп. Потпретседателката Камала Харис би освоила 42 проценти од регистрираните гласачи наспроти 43 отсто за Трамп. Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, би освоил 39 проценти од регистрираните гласачи наспроти 42 отсто за Трамп. Сите останати демократски кандидати имаат помеѓу 34 отсто и 39 отсто потенцијални гласови меѓу регистрираните гласачи.

Мишел Обама е единствената од сите понудени кандидати во анкетата која ужива позитивно мислење од повеќе од половината испитаници. За 55 отсто од испитаниците Обама е позитивна политичарка.

Сепак, треба да се напомене дека поранешната прва дама неколкупати јасно изјавила дека нема намера да се кандидира на изборите, а претходно ја нарече работата на претседателот стресна и исцрпувачка, нешто што „не би сакала да си го дозволи“. Во меѓувреме, Белата куќа исклучи каква и да е можност за Бајден да се повлече од изборната трка.

Во сообраќајка на автопатот Скопје - Тетово со полесни повреди се здобил возач на камион

Поради превртување на товарно возило, камион со пумпа за бетон, на автопатот Скопје-Тетово од 19:45 часот сообраќајот на патниот правец е во прекин и се пренасочувал кон регионалниот пат помеѓу двата града.  

Возачот на каминот се здобил со полесни повреди во сообраќајната незгода се случила на автопатот во близина на селото Групчин.

-Товарно моторно возило „МАН“ со тетовски регистерски таблици управувано од Ш.С.(46) од Тетово, изгубил контрола и излетал од коловозот. Со телесни повреди се здобил возачот Ш.С. констатирани во Клиничка болница Тетово. Поради доведување во возна состојба на возилото за краток период сообраќајот бил пренасочуван преку регионален пат, информираат од СВР Тетово.

Увид на местото извршила екипа на СВР Тетово.

притисни ентер