Русија иѝ соопшти на Европската унија дека моменталната ситуација води кон значителни трошоци не само за Литванија, туку и за Унијата, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко, пренесе руската агенција Интерфакс. Тој додаде дека му се чини дека „сигналот е примен“, односно дека Унијата го разбрала предупредувањето.
Слично мислење изрази и рускиот амбасадор во Европската унија, Владимир Чижов, кој рече дека се надева на „компромисно решение во блиска иднина“.
Кон средината на јуни, Литванија го забрани железничкиот транспорт на некои стоки, кои се на листата на западни санкции, до областа околу Калининград. Москва ги нарече ограничувањата „незаконски“ и се закани со контрамерки.
Грушко рече дека Русија работи на тоа, „но најважното нешто е прашањето за одржување во живот на Калининград“.
Заменик министерот за надворешни работи дополнително нагласи дека Русија не планира да нападне ниту една членка на НАТО. Само „болни умови можеа да го смислат тоа“, рече тој.