Над три четвртини од граѓаните на Западен Балкан ја поддржуваат регионалната соработка - Канал 5

Над три четвртини од граѓаните на Западен Балкан ја поддржуваат регионалната соработка

Дури 77 отсто од граѓаните во земјите од Западниот Балкан веруваат дека регионалната соработка може да помогне во решавањето на политичките, економските и безбедносните прашања на нивните држави.

Над три четвртини од граѓаните на Западен Балкан ја поддржуваат регионалната соработка

Тоа го покажуваат резултатите од годишното истражување „Балкански барометар 2021", спроведено од Регионалниот совет за соработка (РЦЦ).

Во Северна Македонија поддршка на регионалната соработка изразиле 72 отсто од анкетираните.

Што се однесува до довербата кон процесот на зачленување во ЕУ, таа пораснала на 62 отсто на ниво на целиот Западен Балкан од 59 проценти, колку што изнесувала во 2019 година. Во земјава поддршката на овој процес изнесува 53 отсто, во Црна Гора е 51, а во Србија само 42 проценти.

Најголем дел од испитаниците од регионот или 43 проценти ја посочиле Европската Унија како најзаслужна за поддршка на економија во нивната земја, по што следува Кина со 14 отсто, Турција со девет и другите економии од Западниот Балкан и Русија со по седум проценти.

Дури 72 отсто од граѓаните на земјава „целосно" или „делумно" не се уверени дека правната држава и законите подеднакво се применуваат и важат за секого во државата. На прашањето „дали мислите дека законите се применуваат за секого подеднакво", 45 отсто од македонските граѓани изјавиле дека „целосно не се согласуваат" со констатацијата, а дополнителни 27 проценти рекле дека „повеќе не се согласуваат, отколку што се согласуваат" со ваквиот став.

Споредено со останатите држави од Западниот Балкан опфатени со истражувањето, полоша перцепција за еднаквоста пред законите имаат само државјаните на Босна и Херцеговина, каде дури 76 отсто од испитаниците изјавиле дека „не веруваат" оти законите важат подеднакво за сите. На ниво на регионот ваков став имаат 66 проценти од граѓаните.

Како значаен проблем со кои се соочуваат, граѓаните од државите од Западниот Балкан ја посочиле корупцијата, при што како најкорумпирани ги оцениле политичките партии со 78 отсто, пред судството со 76 проценти, царината со 75, здравствениот сектор со 74 и парламентите со 71 отсто.

Во Северна Македонија како најкорумпирано е издвоено судството за кое 81,1 проценти од граѓаните сметаат дека е корумпирано. Ваквиот процент сепак е помал во споредба со 2019 година, кога, според тогашното, истражувањето дури 89 отсто од анкетираните сметале дека судската власт е корумпирана.

БиХ и во оваа категорија е пред нас, каде 82,7 отсто од испитаниците го оцениле судството како најкорумпирана гранка во државата.

Перцепцијата на граѓаните за независноста на институциите од политичко влијание, укажува дека 75 проценти од жителите на земјава сметаат дека судството е „целосно" или „делумно" под политичко влијание, што претставува зголемување за дури 20 процентни поени во однос на 2019 година.

Зголемување на перцепцијата за независност на судството е најголемо во Црна Гора, каде што недовербата опаднала од 82 на 60 отсто.

Во однос на вакцинацијата против Ковид-19, граѓаните од земјите од Западниот Балкан се поделени. Така, 56 проценти од испитаниците изразиле желба да се вакцинираат, додека 42 проценти не сакаат.

Само 24 проценти од испитаниците се задоволни од начинот на кој нивната матична држава се справува со безбедносните предизвици, додека 39 проценти од нив се незадоволни. Педесет проценти од граѓаните се чувствуваат загрозено од нелегално поседуваното оружје и неговата употреба.

Дека намалените цени за роаминг ќе им помогнат да заштедат средства веруваат 48 проценти од жителите на Западниот Балкан, а 38 проценти од бизнисите сметаат дека тоа има позитивно влијание на нивните бизнис активности.

Вкупно 51 процент од бизнис лидерите сметаат дека Западниот Балкан е добро место за инвестирање, додека 19 отсто не се согласуваат со ваквиот став.

Од бизнисите во регионот 30 проценти попрво би вработиле маж отколку жена, додека 56 отсто немаат никакви преференции во однос на полот. Кога станува збор за изедначувањето на платите помеѓу мажите и жените исто работно место, 57 проценти од анкетираните сметаат дека тоа може да придонесе кон родовата еднаквост.

Дури 62 отсто од испитаниците од Западниот Балкан се чувствуваат сигурно во однос на зачувувањето на работното место во наредната година, што претставува намалување за седум проценти во однос на ланското истраживање.

Дека побарувачката нема да се подобри во наредната година сметаат 42 проценти од испитаниците, 85 отсто се подготвени да стекнат дополнителни квалификации за да напредуваат на работното место, а 66 проценти би се доквалификувале само за да добијат работа.

Кога станува збор за безбедноста на патиштата, 57 проценти од населението во Западен Балкан смета дека патиштата во нивниот крај се безбедни за патување, додека 40 проценти не се согласуваат со ова.

Вкупно 52 отсто од испитаниците се изјасниле дека користат Фејсбук, 30 проценти преферираат Инстаграм, а само 10 отсто рекле дека воопшто не користат социјални медиуми.

Анкетата која ги истражува аспирациите и очекувањата на граѓаните за животот, работата, социо-економските, политичките и регионални трендови и европски интеграции, е спроведена од декември 2020 до февруари 2021 година и со неа биле опфатени 6.000 жители од земјите од регионот на Западниот Балкан.

Според генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РЦЦ), Мајлинда Брегу, истражувањето покажало дека главни проблеми за жителите од регионот се неизвесноста и чувството на загрозеност, но добра вести е зголемената свесност за користа од регионалната соработка.

– Како што предвидовме минатата година, вистинскиот сосед се препознава во неволја. Кај граѓаните од Западниот Балкан порасна поддршката за регионална соработка и за Европската унија, истакна Брегу.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јустина Широка Пуља избрана за претседателка на Косово

Собранието на Косово ја избра Јустина Широка Пуља, претседателка на Академијата на науките и уметностите на Косово, за претседателка на Косово.

Јустина Широка Пуља избрана за претседателка на Косово

Собранието на Косово ја избра Јустина Широка Пуља, претседателка на Академијата на науките и уметностите на Косово, за претседателка на Косово, што е претежно церемонијална функција, непосредно пред истекот на уставниот рок, со што се избегнуваат нови предвремени избори.

Нејзин противник беше универзитетската професорка Елиза Хоџа.

„Овој мандат не припаѓа само на една личност. Тој им припаѓа на нашите граѓани. Јас ќе бидам претседателка на сите граѓани“, рече Широка Пуља по гласањето.Во парламентот со 120 места, 81 пратеник гласаа за неа, еден повеќе од потребниот број.Широка Пуља беше предложена од премиерот Албин Курти за претседател на Косово, неколку часа пред истекот на рокот за избор на претседател на 6 октомври. Претседателот на Демократската партија на Косово , Бедри Хамза, изјави дека нејзиното име е прифатливо за функцијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кој ги нападна бродовите крај бугарскиот брег? Зеленски вели едно, Бугарите – друго

По вчерашните напади врз два трговски брода  во Црното Море – при што едниот потона, а другиот претрпе сериозни оштетувања – украинскиот претседател Володимир Зеленски и бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов го коментираа инцидент.

Кој ги нападна бродовите крај бугарскиот брег? Зеленски вели едно, Бугарите – друго

По вчерашните напади врз два трговски брода во бугарската исклучива економска зона во Црното Море – при што едниот потона, а другиот претрпе сериозни оштетувања – украинскиот претседател Володимир Зеленски и бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов го коментираа драматичниот инцидент, изнесувајќи спротивставени ставови за тоа кој стои зад нападите.

Како што пренесува „Украинска правда“, повикувајќи се на вечерното обраќање на украинскиот претседател, Зеленски тврди дека украинската морнарица стапила во контакт со бугарските колеги и дека е непобитно утврдено оти станувало збор за комбиниран руски напад со поморски и воздушни дронови.

Украинскиот лидер нагласи дека силите на Киев не спровеле никакви операции во тој дел од морето и ја обвини Москва дека намерно се обидува да го направи западниот дел на Црното Море целосно небезбеден за цивилната пловидба.

„Еден брод беше потопен, додека другиот претрпе значителни оштетувања. Изразуваме сочувство до сите погодени. Ова е продолжение на руската стратегија за ескалација – еден ден претходно беше погоден брод во романските води, нивните беспилотни летала постојано навлегуваат во Молдавија, а нападите врз нашите пристаништа не престануваат. Ваквиот вид агресивност бара јасен одговор и координација со партнерите“, рече Зеленски.

Од друга страна, бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов изјави за bTV дека официјална Софија сè уште не може со сигурност да потврди чии беспилотни летала го извршиле нападот.

Според него, не може со стопроцентна сигурност да се каже дали леталата биле руски или украински сè додека не се пронајдат нивните остатоци или додека една од страните официјално не преземе одговорност, иако бугарската страна смета дека во нападот биле употребени и поморски беспилотни летала.

Стојанов нагласи дека овој инцидент дефинитивно не бил несреќа, туку насочен напад, додавајќи дека Бугарија на тој начин станала дел од „хибридната војна меѓу Украина и Русија“. Тој истакна дека конфликтот се одвива во непосредното соседство на Бугарија и дека таквите настани, за жал, веќе не претставуваат изненадување во сегашните безбедносни околности.

Потона товарен брод, екипажот исчезнат Нападот се случи околу три часот наутро, на приближно 70 наутички милји источно од Бјала, односно на околу 130 километри од бугарскиот брег. Цели беа два цивилни товарни брода: „Алфа Ватан“ (Alfa Watan), кој пловеше под знамето на Того, и „Ејбл“ (Able), под знамето на Палау. „Алфа Ватан“ претрпе катастрофални оштетувања и набрзо потона. Екипажот на тој товарен брод се води како исчезнат, а бугарските спасувачки екипи на местото на настанот пронајдоа превртен чамец, три празни сплавови за спасување и појаси за спасување, но без никаква трага од морнарите.

Другиот брод, „Ејбл“, кој превезуваше пченица и се движеше кон југ, се запали по ударот. Сите 18 члена на екипажот – главно државјани на Турција и Индија – успеаја да го напуштат бродот, по што беа спасени од бугарскиот „ро-ро“ брод „Диоскурија“ (Dioscuria). Двајца морнари се здобија со тешки повреди, вклучувајќи изгореници и повреди на главата, и итно беа пренесени во Воено-медицинската академија во Варна.

Еден од спасените турски морнари од бродот „Ејбл“ (Able) по пристигнувањето во Варна изјави дека смета оти експлозијата потекнувала од под површината на водата и веднаш се посомневал во руските сили, бидејќи бродот превезувал украински товар. Сепак, засега неговото тврдење претставува само личен впечаток и не е официјално потврдено од истражителите.

Бугарскиот претседател Румен Радев го оцени инцидентот како грубо кршење на меѓународното право и правилата за поморски сообраќај, предупредувајќи на вонредна седница на безбедносните служби дека ширењето на конфликтот во басенот на Црното Море драматично го отежнува комерцијалниот поморски транспорт и ги зголемува трошоците за осигурување.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази загриженост поради овој напад врз трговски бродови во ексклузивната економска зона на земја-членка на НАТО.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Нов пораз без постигнат гол на најдобрата репрезентација во Лигата на нации

Фудбалската репрезентација на Македонија со уште еден пораз  без постигнат гол ја заврши октомвриската серија во Лигата на нации. 

Нов пораз без постигнат гол на најдобрата репрезентација во Лигата на нации

Нашата репрезентација загуби со 3-0 од Швајцарија во Луцерн и остана без бодови по четирите одиграни натпревари во овој циклус.

Резултатот можеби е превисок ако се земе предвид текот на натпреварот, но Швајцарците беа максимално ефикасни во казнувањето на македонските грешки. Ридер, Манзамби и Ндоје погодија за домашниот тим, кој не блескаше, но знаеше како да го искористи секој наш пропуст.

Македонија добро го отвори натпреварот и не изгледаше инфериорно против фаворитот. Првата закана дојде од Швајцарија во десеттата минута, кога Ндоје шутираше од работ на шеснаесетникот, но Димитриевски сигурно одбрани.

Нашиот тим возврати во 20. минута. Андреј Стојчевски се најде во добра позиција и шутираше со глава, но топката заврши над голот на Мвого.

Швајцарија повторно се закани преку Сиеро во 28. минута, но неговиот удар од далечина не ја погоди целта. Две минути подоцна Ридер имаше идеална можност за погодок, но Димитриевски го спречи.

Кога Македонија го држеше ритамот и изгледаше дека може да замине на пауза со позитивен резултат, следеше кобната 43. минута.

Алиоски ја врати топката кон Муслиу, но нашата одбрана не реагираше навреме. Ридер го искористи подарокот, ја одзеде топката и со сигурен удар го совлада Димитриевски за 1-0.

Јакин веднаш реагираше на почетокот на второто полувреме и ги внесе Манзамби и Јашари. Со свежината во тимот, Швајцарија доби поголема контрола, а Македонија сè потешко доаѓаше до противничкиот гол.

Во 50. минута Елведи се закани, но Димитриевски одбрани. Пет минути подоцна Јашари имаше можност да го проигра Амдуни, но акцијата пропадна поради лошото додавање.

Седлоски се обиде да промени нешто по еден час игра со влегувањето на Гаштаров и Омерагиќ. Сепак, Македонија не успеа да се врати во натпреварот.

Во 74. минута стигна вториот гол. Манзамби се одлучи на удар од околу 25 метри, а Димитриевски не успеа добро да интервенира. Топката заврши во мрежата за 2-0.

Конечниот резултат беше поставен во 81. минута. Гаштаров направи непотребна грешка пред нашиот шеснаесетник и ја загуби топката, а Ндоје немилосрдно казни за 3-0.

Во Луцерн повторно се покажа дека против вакви противници и најмалите грешки можат да бидат прескапи.

ШВАЈЦАРИЈА – МАКЕДОНИЈА 3-0 (1-0)

Термоплан Арена, Луцерн. Гледачи: 15.730. Судија: Едгарс Мајцевс (Летонија). Стрелци: Ридер 43’, Манзамби 74’, Ндоје 81’ (Швајцарија). Ж. Картони: Елези (Македонија)

ШВАЈЦАРИЈА: Мвого, Бричги, Елведи, Аканџи, Родригез (70’ Атекаме), Фројлер, Сиеро (46’ Јашари), Соу (46’ Манзамби), Ридер, Амдуни (70’ Ботели), Ндоје (86’ Санчес).

Селектор: Мурат Јакин

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Стојчевски, Муслиу, Зајков, Алиоски, Елези (70’ Костадинов), Барди (82’ Станковски), Елмас, Дориев (59’ Гаштаров), Митровски (82’ Миовски), Растодер (59’ Омерагиќ).

Селектор: Гоце Седлоски

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер