„По темелна консултација и надзор, претседателството на високото образование донесе одлука за одземање на докторската диплома на Франциска Гифи“, се вели во соопштението на универзитетот во Берлин.
Одлуката за одземање на титулата се заснова на фактот дека таа е донесена со „лажно тврдење на сопствен научен придонес“.
„Во докторската дисертација, свесно беа преземени делови од текстови и докази за литературата на други автори, без тоа да биде посочено во потребната мера“, се наведува во образложението.
Гифи ја прифатила одлуката на универзитетот, но уште еднаш истакнала дека таа ја напишала и доставила својата дисертација во 2009 година во „најдобри намери и вера“.
„Грешките што ги направив не беа намерни или планирани“, рече Гифи.
На 18 мај, социјалдемократската политичарка поднесе оставка од позицијата министер за семејство поради, како што рече, „сенката што ја става истрагата за плагијаторство врз функцијата“.
Но, во исто време, таа ја задржала својата позиција како водечки кандидат на парламентарните избори во градот-држава Берлин кон крајот на септември.
Претставници на коалициските партнери во градската влада во Берлин, како и опозицијата, повикаа на натамошна одговорност во случајот Гифи.
Алтернатива за Германија побара од Гифи да ја повлече својата кандидатура за премиер на сојузната покраина Берлин.
„Кој изневерува и мами не може да биде на чело на Берлин“, пренесува АфД.
Пред десет години, министерот за одбрана Карл Теодор фон Гутенберг и две години подоцна министерката за образование Анет Шаван поднеле оставки во врска со обвиненија за плагијат.