МВР:Регистрирани 485 прекршоци за неносење маска

Во текот на изминатото деноноќие (16/17.09.2020 година) на територијата на Република Македонија по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 485 прекршоци. 

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид -19.

Османи: Регионот мора да се издигне над предизвиците на пандемијата

Министерот Османи на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Централно Европската Иницијатива

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, учествуваше на редовниот министерски состанок на земјите членки на Централно Европската Иницијатива (ЦЕИ), посветен на изнаоѓање начини за поуспешно прилагодување кон новата нормалност во сегашниот и пост-КОВИД-19 период.

„Пандемијата покажа колку сме како земји ранливи соочени со предизвиците на КОВИД19, особен ние, земјите од Југоисточна Европа, но во исто време, Пандемијата покажа дека имаме и волја, и капацитет за европски пристап во справувањето со овие предизвици, преку ефикасна меѓусебна соработка, како и соработка со институциите на Европската Унија.", истакна Османи, посочувајќи притоа на регионалните предизвиците кои следат: овозможување на слободно патување на граѓаните и непречено одвивање на транспортот; зајакнување на трговијата и отворање на туристичките капацитети како сегмент на економската соработка; па се до размена на информации и најдобри практики во рамките на здравствените протоколи, и епидемиолошките сознанија.

„Како нова Влада, како највисок приоритет на нашата надворешна политика ги поставивме добрососедските односи, со особен акцент кон интензивирање и поддршка на регионалната соработка, што соодветствува со темата и на актуелниов форум." истакна Османи, потенцирајќи притоа дека регионалната соработка треба да се гледа низ призма на и во насока на поддршка на политиката на проширување на Европската Унија кон земјите од западниот Балкан, за што изрази надеж дека ќе остане приоритет на Унијата и во претстојниот период.

Во своите обраќања, Министрите потенцираа дека главен приоритет во справувањето со пандемијата останува здравјето на граѓаните и минимизирање на последиците врз здравствените системи, но истовремено беше потенцирано дека рестартирање на економијата и адресирање на социјалните импликации од економскиот пад, стануваат клучни предизвици за воспоставување на новата нормалност.

Министерската видео конференција е дел од редовните годишни состаноци организирани од страна на претседавачите со иницијативата. Покрај министрите за надворешни работи од 18-те земји членки на Иницијативата, на Конференцијата учествуваа и други високи претставници на Европската банка за обнова и развој, Светската здравствена организација, Советот на Европа, ОБСЕ, Регионалниот совет за соработка како и Комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.

Утврден начинот за изведување на наставата во гевгелиските училишта

Во основните училишта во Општина Гевгелија, според владината одлука, покрај учениците од прво до трето одделение, наставата со физичко присуство ќе ја следат и учениците од четврто и петто одделение само во ООУ „Климент Охридски" во Миравци.

Покрај ова, дозвола за физичко присуство на настава за ученици од прво до петто одделение добија и подрачните училишта во селата Богородица, Давидово, Милетково, Смоквица, Прдејци, Кованец, Моин и Мрзенци.

Двете основни училишта од Гевгелија и училиштето во Негорци, освен за учениците од прво до трето одделение, не добија согланост за организирање настава со физичко присуство за останатите одделенија поради тоа што вкупниот број на ученици во нив е поголем, со што се зголемува и ризикот од ширење на корона вирусот.

Согласност за организирање настава со физичко присуство на учениците не добија ниту гимназијата и основното музичко училиште од Гевгелија. Во овие училишта со физичко присуство ќе се следи само практичната настава по стручни предмети во гимназијата и вежбите на инструмент во музичкото училиште,со согласност на родителеите и почитување на пропишаните епидемиолошки мерки.

За сите други ученици наставата по теоретските предмети ќе се одвива од далечина.

Костадинов: Над 1.300 компании добија бескаматни кредити за справување со последиците од коронакризата, следува и четврт пакет на антикризни мерки

Уште во првите недели од коронакризата, Владата предводена од СДСМ презеде суштински мерки и политики за ублажување на негативните последици врз економијата. 

Низ отворен, инклузивен процес се пристапи кон сеопфатна помош на секторите кои беа први на удар.

Преку бескаматните кредити од кредитната линија КОВИД 1 вкупно беа одобрени и исплатени 737 кредитни апликации на компании кои вработуваат над 6.500 лица. Оваа линија беше наменета за компании од угостителската, туристичката и транспортната дејност кои беа и први погодени од кризата.

Со кредитната линија КОВИД 2 одобрени беа 639 кредитни апликации на домашни компании кои вработуваат вкупно 11.325 лица.

Со двете кредитни линии беа поддржани над 1.300 домашни компании. Она што е важно да се напомене е дека најголем дел од поддржаните субјекти се микро компании кои вработуваат до 10 лица, што во реалноста значи дека државата во најголем дел застана зад семејните, мали бизниси кои се есенцијата на нашата економија.

Поддршката за стопанството не застанува тука. Следува четвртиот пакет антикризни мерки чија подготовка е при крај и чија реализација ќе започне во следниот период.

Како одговорна партија, СДСМ продолжува со мерките и политиките што значат вистинска грижа за граѓаните и стопанството и тоа во следниот период ќе го правиме уште повеќе и уште подобро.

Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник

притисни ентер