Муцунски - Тигањ: Потврдени пријателските односи меѓу двете земји

Потврдени пријателските односи меѓу двете земји, со фокус на економската соработка.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ на денешната средба ги потврдиле традиционално пријателските односи меѓу двете земји, кои во иднина ќе се унапредуваат и продлабочуваат со посебен фокус на економската соработка, соопшти МНР.

Тема на разговорите било интегрирањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, при што соговорниците се согласиле дека проширувањето на Унијата ќе биде поттик не само за земјите од регионот, туку и суштински интерес за земјите членки.

Министерот Муцунски изразил благодарност за континуираната и безрезервна поддршка од Хрватска за наше членство во Европската унија. Воедно, била нагласена потребата заеднички и интензивно да се работи во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес.

Совети за врски каде има барем еден нарцис

Изборот на зборови може да го открие карактерот на партнерот. 

Психолозите во таа смисла истакнуваат пет видови реченици на коишто треба да се обрне внимание доколку има сомнеж за нарцис во врската, т.е. личност која ќе направи сѐ за да го понижи другиот и да ја одржи контролата. Стручњаците велат дека таквата личност се грижи само за себе и секогаш постои нешто што го / ја издава.

1. „Мојaтa поранешнa девојка беше луда.“

Кога партнерот ќе почне да зборува за поранешните партнери како „луди“, тоа може да биде знак дека се обидува да манипулира со Вашето мислење и да ги оправда евентуалните лоши свои постапки во иднина.

2. „Не барам драма. / Дали ова секогаш ќе ти биде проблем?

Оваа реченица, всушност, обично доаѓа од луѓе кои предизвикуваат драма. Не сакајќи да преземат одговорност за своите постапки, тие се обидуваат да ве претстават како виновник за нормална комуникација или за проблеми што може да се појават.

3. „Имаш среќа да го имаш / постигнеш тоа.“

Наместо да ја признае Вашата напорна работа и таленти, нарцисот го припишува Вашиот успех на среќата. Ова може да укажува на завист и недостаток на емпатија.

4. „Мојата поранешна ми е најдобар пријател. Никој нема да стои меѓу нас.“

Нарцисите често манипулираат со својата околина за да ја задржат контролата и своето „истакнато место“. Со создавање заштитни бариери околу своите пријатели од спротивниот пол, тие се обидуваат да предизвикаат љубомора и да добијат моќ над другиот во врската.

5. „Секогаш ги сфаќаш работите на погрешен начин. / Премногу си чувствителен. / Тоа е само шега. / Ми треба некој што не се сфаќа себеси сериозно.“

Овие реченици често се користат како изговор за емоционалната злоупотреба или за навреди. Нарцисите често користат „само шега“ како изговор за нивните нечувствителни коментари, однесување, или можните навреди.

Како што пишува порталот „Крстарица“, треба да се биде внимателен на овие знаци, бидејќи тие можеби укажуваат на подлабоки проблеми во врската и манипулативно однесување што може да биде штетно за севкупната емоционална благосостојба. /МИА

Средба Муцунски – Аксинте

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска се сретна со амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте.

На средбата беа потврдени традиционалните и пријателски односи меѓу двете држави кои и во иднина ќе се унапредуваат и продлабочуваат, со посебен фокус на економската соработка. Воедно, се истакна и динамиката на билатералната соработка, почнувајќи од политичкиот дијалог, секторската соработка и нашата тесна соработка во регионалните иницијативи.

Тема на разговорите беше и интегрирањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, при што соговорниците се согласија дека понатамошното проширување на Европската Унија не е само поттик за земјите од регионот, туку и суштински интерес за земјите членки.

Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната и безрезервна поддршка од Романија за нашето членство во Европската Унија, како и за нивната подготвеност да понудат помош во конкретни области кои се од наш интерес. Соговорниците се осврнаа и на сојузништвото во рамки на НАТО, и потребата од зајакнување на соработката во контекст на безбедносните предизвици пред кои сме исправени.

Ќе се реконструира салата „Расадник“ во Кисела Вода

Проектот за реконструкција готов до средината на август.

Во финална фаза е проектната документација за целосна реконструкција на спортската сала „Расадник“ во општина Кисела Вода. Проектот содржи теретана, фитнес за спортистите, но и деловен простор којшто салата ќе може да го издава. Финансирањето ќе биде обезбедено од страна на Министерството за спорт.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска заедно со министерот за спорт Борко Ристоски изврши увид во објектот, изјави дека се надева оти местото кое е руина во моментов, ќе прерасне во сериозно добар и професионален спортски храм на градот, но и место од каде повторно ќе се раѓаат нови, спортски имиња со кои Општина и државата ќе се гордее.

Тој информираше дека проектот треба да биде готов најдоцна до средината на август, а на почетокот на септември веќе би биле во фаза во која би започнала постапката за реконструкција на салата.

Како што рече, проектираната вредност е околу милион ипол евра.

- Повеќе од осум месеци се работи и е во финална фаза проектната документација за целосна реконструкција на оваа спортска сала и за многу скоро, заедно со Министерството за спорт, ќе почнеме со градежни активности на ова место. Ќе биде распишана тендерска постапка. Општината ќе стопанисува со салата, рече градоначалникот.

Тој информираше дека разговарале со министерот за спорт околу промена на името на салата.

-Можно е да има промена на името затоа што треба да има име кое ќе биде симболика од нашето време. За ова ќе бидете информирани дополнително, додаде Ѓорѓиевски.

Министерот за спорт најави дека ќе се објави јавен повик за комплетна реконструкција на салата.

- Оваа денешна посета би ја поделил во два сегменти. Првиот сегмент е моментот кај што вршењето увид во оваа руина сала буди убави спомени за се она што се случуваше во минатото. Јас ја паметам оваа сала како сала исполнета со многу спортисти, деца, врвен и рекреативен спорт. Вториот дел е тоа што сеќавањата од минатото отвораат можности за иднината, а иднината значи комплетно нова реконструирана сала Расадник. На овој руиниран објект ќе му се стави крај во најбрз можен рок, рече Ристовски.

Тој додаде дека државата има потреби од нови сали, базени и игралишта, најавувајќи изградба и реконструкција на нови спортски објекти.

На новинарско прашање до градоначалник Орце Ѓорѓиевски дали Општината ќе аплицира за 250-те милиони евра што премиерот Христијан Мицкоски ги најави за општините, одговори дека веќе има подготвена документација и за наредната година.

Ѓорѓиевски најави дека се работи и на проектирање на поликлиника во Кисела Вода. - Можам да најавам дека сериозно се работи и на проектирање на поликлиника во Кисела Вода. Тоа верувам дека наредната година ќе биде аплицирано од наша страна и конечно граѓаните после толку години во Кисела Вода ќе добијат поликлиника со соодветни услови, рече Ѓорѓиевски.

Прашан дали РК Вардар ќе има свој дом, Ѓорѓиевски одговори дека ќе му биде чест и привилегија конечно РК Вардар има свој дом тука во Кисела Вода, на местото каде што ги има своите почетоци.

притисни ентер