Муцунски: Европскиот пат останува наш стратешки избор, но процесот мора да биде кредибилен - Канал 5

Муцунски: Европскиот пат останува наш стратешки избор, но процесот мора да биде кредибилен

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија порача дека Владата останува целосно посветена на европската интеграција.

Муцунски: Европскиот пат останува наш стратешки избор, но процесот мора да биде кредибилен

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија порача дека Владата останува целосно посветена на европската интеграција, но дека процесот на проширување мора да биде кредибилен, предвидлив и заснован на објективни критериуми, а не на билатерални условувања.

Осврнувајќи се на процесот на пристапување кон Европската Унија, Муцунски истакна дека објективната реалност е дека државата по прашањето на отворањето на преговорите не стои во место четири, туку петнаесет години, потсетувајќи дека Европската комисија уште во 2011 година оценила дека државата ги исполнува условите за почеток на пристапните преговори.

„Нашата цел не е само да ги отпочнеме преговорите, туку тие да бидат успешни и во разумен рок да завршат со полноправно членство. Затоа сме должни да спречиме создавање нови пречки и нови билатерални условувања уште на самиот почеток на процесот“, истакна Муцунски.

Тој нагласи дека отворањето на преговорите не зависи само од уставните измени, туку и од исполнување на сите предуслови, вклучително и усвојувањето на Акцискиот план за малцинства, оценувајќи дека во јавноста често погрешно се создава впечаток дека станува збор само за едно прашање.

Во однос на економските придобивки, министерот посочи дека земјите кои веќе преговараат со Европската Унија во моментов немаат пристап до дополнителни европски фондови во однос на земјите кои сè уште не ги започнале преговорите. Како што нагласи, Планот за раст е достапен за сите шест држави од Западен Балкан, а клучното прашање не е формалниот статус на преговорите, туку капацитетот и успешноста во спроведувањето на реформите и искористувањето на расположливите средства.

Осврнувајќи се на реформскиот процес, Муцунски истакна дека Владата во изминатиот период значително ја засилила динамиката на спроведување на реформите поврзани со европската интеграција, особено преку исполнувањето на обврските од Реформската агенда и Планот за раст.

Тој оцени дека ниту една држава не може да тврди дека реформскиот процес е завршен, но дека извештаите на европските институции покажуваат напредок во повеќе клучни области, меѓу кои реформата на јавната администрација, владеењето на правото, енергетиката и образованието.

„Средствата што државата ги добива преку Планот за раст се најдобра потврда дека реформите се препознаени. Тие средства се условени со исполнување на конкретни реформски чекори и не би биле ставени на располагање доколку тие резултати изостануваа“, нагласи Муцунски.

Во делот на надворешната политика, министерот посочи дека ова останува највисоко оценетата област во

извештаите на Европската комисија, што, според него, претставува признание за јасната стратешка ориентација на државата.

Тој потсети дека државата останува целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, оценувајќи дека оваа усогласеност не претставува само формално исполнување на обврските, туку јасен израз на припадност кон европските вредности.

„Нашата усогласеност со европската надворешна политика не се сведува само на санкции или рестриктивни мерки. Таа претставува определба за заеднички вредности, заедничка безбедност и јасна геополитичка ориентација“, истакна Муцунски.

YouTube video

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Нова утка на СДС ботовска, бројат само до 50 илјади и манипулираат

СДС се однесува како бот и чита само наслови Без да навлезе во суштината. Впрочем по интелектуалното ниво ако се цени како да Заев им ги пишува соопштенијата повторно. 

ВМРО-ДПМНЕ: Нова утка на СДС ботовска, бројат само до 50 илјади и манипулираат

Тие утрово обвинија дека претседателот на Владата Мицкоски наводно излажал кога кажал дека на прославата за независност имало 200 илјади посетители, кога имало само 50 илјади, како што кажал Дејвид Гета.

И тоа е така ако се чита ботовската логика на СДС.

Но, она што го кажува Мицкоски е дека над 200 илјади граѓани ги посетија настаните за независност, од кои само 50 илјади концертот на Гета.

Ако не веруваат, нека ја преслушаат изјавата. Впрочем, веројатно оние кои само не биле на прославата се од СДС, иако таинствено, без да ги видат другите, веројатно потслушнувале или скришум гледале некој од настаните, затоа што импресионираноста не можат да ја сокријат штом 10 дена верглаат во празно една иста тема. Нивната завидливост е обратнопропорционална со среќата и возбудата на граѓаните.

За да им биде полесно, еве уште еднаш им го испраќаме видеото кое го објави Дејвид Гета за Скопје, Македонија. Името кое СДС ботовски претходно го смени. Нека уживаат

https://www.facebook.com/reel/1564598228179847/

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

По катастрофата во Непал, издадено е ново предупредување: „Хималаите стануваат сè понестабилни“

Хималаите се приближуваат кон критична точка на пресврт поради забрзаното топење на глечерите, сè понестабилните леднички езера и значителниот недостиг на систематско следење, предупредува нова студија објавена овој месец. 

По катастрофата во Непал, издадено е ново предупредување: „Хималаите стануваат сè понестабилни“

Во извештајот на организацијата „Systemiq“ – изработен со придонес на Меѓународниот центар за интегриран развој на планинските предели (ICIMOD) и Националниот институт за хималајска животна средина „Г.Б. Пант“ од Индија – се наведува дека хималајските глечери моментално губат маса 65 проценти побрзо отколку пред една деценија.

Ова предупредување доаѓа само неколку недели по катастрофата на границата меѓу Непал и кинескиот регион Тибет. Уривањето на еден глечер кон крајот на август предизвика лавина од мраз и карпи, проследена со огромни ненадејни поплави и свлечишта.

Според најновите достапни официјални податоци, потврдени се повеќе од 1.400 смртни случаи, додека околу 5.600 луѓе се водат како исчезнати.

Еден од главните предизвици е недостигот на податоци.

На Хималаите и на Каракорум има приближно 40.000 глечери, а сепак, моментално само 21 од нив се следат на долгорочна и систематска основа.

Научните набљудувања опфатиле само неколку десетици глечери. Истовремено, глечерите се повлекуваат, оставајќи зад себе сè поголем број езера.

Овие езера често се задржуваат само од нестабилни наталожувања на карпи, почва и мраз; следствено на тоа, нивното пробивање може да предизвика ненадејни и катастрофални поплави.

Затоплувањето дополнително ја дестабилизира вечно замрзнатата почва (пермафрост) и планинските падини, зголемувајќи го ризикот од каскадни катастрофи во густо населените долини.

Само во Индија се идентификувани и класифицирани 56 леднички езера кои претставуваат многу висок ризик. Според истражувањата, хималајските региони зафаќаат околу 18 проценти од копнената површина на Индија, но на нив отпаѓаат приближно 35 проценти од природните катастрофи во земјата.

Ризикот не се сведува само на поплави. Хималаите претставуваат огромен природен воден систем што ги напојува некои од најголемите азиски реки и обезбедува вода за стотици милиони луѓе.

ICIMOD проценува дека повеќето речни сливови во регионите на Хиндукуш и Хималаите ќе го достигнат таканаречениот „воден врв“ (peak water) околу средината на векот.

Тоа значи дека топењето на глечерите во тој момент ќе го генерира максималниот волумен на вода, по што протокот ќе почне да опаѓа како што глечерите ќе губат сè повеќе мраз.

Според една нова студија, водата што потекнува од Хималаите директно или индиректно придонесува за околу 20 проценти од БДП на Индија. Од неа зависат производството на пченица, ориз и чај, хидроелектраните, како и бројни други економски сектори и аспекти од животот на луѓето.

Затоа, авторите предупредуваат дека Хималаите веќе не можат да се гледаат само како оддалечен планински регион, туку како клучна инфраструктура за безбедноста на водата, храната и економијата во голем дел од Јужна Азија. „Екосистемот што го овозможува ова се приближува кон критична пресвртна точка“, се предупредува во извештајот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Европскиот Заеднички истражувачки центар ги пренесува научните знаења на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Европскиот Заеднички истражувачки центар ги пренесува научните знаења на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип – Летна школа за зелени и дигитални вештини.

Европскиот Заеднички истражувачки центар ги пренесува научните знаења на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ја отвори Летната школа на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC), што од денес до 18 септември ќе се одржува на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и ќе опфати клучни теми поврзани со проценка на квалитетот на воздухот, почвата и водата, значајни за реализација на Европската зелена агенда.

„За Македонија, како економија во процес на пристапување кон Европската Унија, оваа школа е можност за јакнење на капацитетите и јасна потврда дека сме подготвени да бидеме сериозен европски партнер што активно придонесува кон заедничките цели и ја гради својата иднина врз европските вредности“, рече министерката Јаневска, додавајќи дека учесниците од редот на напредни студенти, докторанди и млади истражувачи, ќе имаат ретка можност да се запознаат со истражувачки алатки, да разменат знаења и да ги прошират контактите со колеги од Западен Балкан.

Учесниците на Летната школа кои доаѓаат од земјава и од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, ќе можат да учат директно од научници на Заедничкиот истражувачки центар и од експерти како да ги користат алатките на JRC за проценка на емисии и влијанија, ќе се запознаат со иновативни методи за подобрување на квалитетот на водата и здравјето на почвата и ќе стекнат увид во напредни техники за мерење.

„Загадувањето на водата, почвата и воздухот се најголемите ризици за здравјето на сите нас во Европа. И, се чини дека измина времето кога се прашувавме дали владите ќе преземат сериозни чекори за промени. Сега, пред нас стои јасен ултиматум: или ќе делуваме решително, или сериозно ќе ја загрозиме иднината на нашите деца“, посочи Јаневска.

Говорејќи за неопходноста од научен пристап и одржливите решенија, министерката Јаневска нагласи дека тие се во основа на промените. Рече дека Министерството за образование и наука ја става науката и истражувањата во центарот на своите политики, создавајќи услови за научна работа преку модерни лаборатории, поддршка на иновации и интегрирање на зелената и дигиталната транзиција со Стратегијата за паметна специјализација.

„За да задржиме континуитет на научната мисла, од година во година ги зголемуваме средствата за научно-истражувачка дејност. Државните факултети, научните институти, МАНУ и јавните научни установи можат да конкурираат со свои научно-истражувачки проекти за државно финансирање. Во 2025-26 година, само по овој основ, се доделени 6 милиони евра буџетски средства. Во рамката за поддршка на науката ги вклучуваме сите релевантни чинители, вклучително и бизнис секторот“.

Коорганизатор на Летната школа е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој е стратешки регионален и европски партнер на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер