ММА: ЗНМ и Селмани прават тенденциозна ,,анализа” со цел да ја урне довербата во телевизиите

Македонската медиумска Асоцијација, составена од сите национални телевизии во Македонија, Канал 5, Телма, Алфа, Алсат- М и Сител со неверување ја проследи прес конференцијата на Г-динот Селмани и неговото здружение.

На оваа прес конференција очигледно на тенденциозен начин се изнесени тези кои имаат за цел да ја поткопаат работата, позициите и довербата која кај своите гледачи Националните телевизии ја градат со години вложувајќи средства, време и труд. За разлика од здружението кое вчера презентира таканаречена анализа, во име на вистината, ММА на граѓаните сака да им порача дека средствата кои се исплатени на нашите телевизии за емитување на јавни кампањи од општествен интерес во наведениот период се многукратно помали од тоа што беше презентирано на вчерашната прес конференција.

Тоа може лесно да се утврди доколку се направи професионална и квалитетна анализа.

Таканаречената анализа презентирана вчера е збир на неточни податоци кои целосно ја дезинформираат јавноста. Причините за ваквата постапка на Г-динот Селмани можат да бидат само две: или интелектуалниот и новинарски капацитет на оние што работеле на оваа тематика е премногу низок за да може да направат сеопфатна анализа и да добијат точни резултати, кога веќе не се обратиле на телевизиите за информација, или намерно сакаат да ја дезинформираат јавноста. На ова Г-динот Селмани треба самиот да одговори.

Тврдењето дека со средствата платени на телевизиите за емитување кампањи од јавен интерес се корумпираат медиумите, ММА целосно го отфрла како злонамерно и тенденциозно. Веќе одамна е јасно дека за Г-динот Селмани и неговото здружение, секој што ситуацијата во Македонија ја согледува поинаку од него е корумпиран. Тоа се обиде да го протурка и овојпат. За негова жал, довербата и рејтинзите на телевизиите меѓу граѓаните целосно го демантираат. Уште повеќе, јавноста го поставува прашањето што од него бараат оние кои ги финансираат овие лажни истражувања, колкави се и како се потрошени буџетите кои нему му стојат на располагање за реализација на таканаречени анализи.

На крајот, не можеме а да не се осврнеме на ставот на Г-динот Селмани дека токму тој и неговото здружение треба да разговараат за тоа кој, како и колку да се огласува во медиумите. Прашуваме, кој е тој и што е неговото здружение за да разговара и преговара за нашите економски и деловни односи? Тој евентуално може да даде свое мислење, ако некој воопшто од него го побара тоа, а на оваа тема во име на телевизиите може да преговара и договара само Македонската медиумска асоцијација. Здружението на Г-динот Селмани може да разговара и преговара само за потребите на оние што ги претставува, само еден дел од новинарите, а секако не може да ги креира бизнис условите за работа на медиумите. Очигледно дека неговиот капацитет не само што не е доволен за реална анализа на одредена тема, туку не може да го разбере ниту доменот и опсегот на работа на неговото здружение.

На сите оние кои, веруваме, со желба да помогнат за што поголема демократизација на македонското општество, имаат интерес да финансираат истражувања од областа на медиумите, посебно телевизиите како најсилен медиум, им предлагаме да се обратат на специјализирани агенции кои прават професионални истражувања и анализи. Можат, доколку сакааат точни и изворни податоци, да и се обратат и на ММА. Така нивните вложувања ќе бидат вистински валоризирани, а не џабе потрошени на луѓе кои не можат да направат ниту обична анализа на податоци кои се јавно достапни.

Во 5-те приватни национални телевизии работат окулу 650 луѓе, а приближно уште 100-тина земаат хонорари од овие медиуми. Според тоа никој друг не може поадекватно да ја познава оваа бизнис проблематика од оние кои секојдневно се борат со сите проблеми за да обезбедат редовна плата на вработените, меѓу кои се членови на здружението на Г-дин Селмани. Овој факт е неспорен и никакви нарачани површни анализи не можат да го сокријат. ММА е отворена за соработка и дискусија за сите теми што го допираат телевизискиот и медиумскиот бизнис во РМ. Креирањето што подобри услови за работа на медиумите е наша основна цел.

ММА бара Г-динот Селмани и неговото здружение во рок од 24 часа, јавно да се извинат за изнесените невистини и да ја информира јавноста за својот демант. Во спротивно своите лажни тврдења ќе мора да ги брани на суд.

Грција воведува шестдневна работна недела

Во јули во Грција ќе се воведе шестдневна работна недела.

Во јули во Грција ќе се воведе шестдневна работна недела, а обврската ќе важи за државните служби, комуналните претпријатија, банките, фирмите, организациите и земјоделските стопанства кои досега практикуваа петдневна работна недела, пишува inNewspaper.

Според законот, работниот ден дополнително работно време не може да трае подолго од осум часа, а не е дозволена прекувремена работа. Оваа одредба, која стапува во сила од 1 јули, не мора да ја следат работодавачите на фирми кои по својата природа не се континуирани, односно до сега не работеле пет дена во неделата. Има и други исклучоци.

Во однос на ограничувањата, вработен во шестиот работен ден не смее да работи повеќе од 8 часа и не е дозволена прекувремена работа. Во случај фирмите да имаат петдневни ноќни смени (00:00-06:00 часот), тогаш шестиот ден може да не работат во ноќна смена.

Американците се згрозени од снимката на наставник како претепува ученик,додека другите гледаат

Наставник (27) претепал ученик кој наводно го навредувал на расистичка основа, а инцидентот се случил пред очите на другите ученици во училиштето Валеи во Лас Вегас.

Во вознемирувачкото видео е снимено како наставникот му удира шлаканици на ученикот, па го фрла на земја и го клоца пред насобраните средношколци.

Според првичните информации, ученикот го нарекол наставникот „црнец“, што резултирало тој да се налути и да се соочи со младиот човек.

Откако видеата беа објавени во јавноста, полицијата ги уапси наставникот и ученикот, а локалните власти известија дека на 27-годишниот маж отсега ќе му биде забрането да предава во областа.

По нападот ученикот бил примен во болница каде се уште е таму поради повредите со кои се здобил во нападот.

Наставникот, меѓу другото, е обвинет и за нанесување тешка повреда и бил пуштен со кауција од 9.000 долари, а судењето е закажано за подоцна.

Во музејот на Битлси во Ливерпул е изложен познатиот јапонски сервис за чај на Џорџ Харисон

Јапонскиот сервис за чај, купен од англискиот гитарист, пејач и поранешен член на Битлси Џорџ Харисон во 1966 година за време на турнејата на Битлси низ Јапонија, е изложена во музејот на Битлси во Ливерпул.

Сервисот, еден од трите купени од Харисон во Јапонија, му го подарил менаџерот на турнејата Нил Аспинал на неговиот син Роаг Бест, кој сега го води музејот на Битлси.

Како што изјави, на тридневната турнеја, Битлси свиреле за повеќе од 10.000 луѓе по концерт.

„Битлеманијата навистина ја погоди Јапонија. Тие не можеа да ја напуштат хотелската соба“, рече Бест, кој е син на Аспинал и Мона Бест и полубрат на Пит Бест, оригиналниот тапанар на Битлси.

Тој изјавил дека неговиот татко, маскиран, го придружувал Џон Ленон, додека еднаш излегувале од хотел во Токио, еднаш излегол и Пол Макартни со маска, но Ринго Стар и Харисон останале заклучени во собите.

„Тие сакаа да купуваат работи на турнеја, но бидејќи не можеа да излезат, луѓето ги носеа своите производи во нивните соби. Џорџ купи три многу украсени јапонски чајни комплети кои потоа ги испрати назад во Англија. Чуваше еден, татко ми дозволи тој да избира од преостанатите два, а третиот и го дал на мајка си“, рекол Бест, пренесува Би-Би-Си.

Сервисот е префрлен во Ливерпул, во куќата на Мона Бест, сопственик на клубот „Касба“.

Бест изјавил дека на сетот недостасуваат три чаши кои ги скршил кога имал 15 години.

Тој додаде дека се надева дека сервисот за чај ќе биде од особен интерес за фановите на Битлси од Јапонија кои го посетуваат музејот во Ливерпул.

„Фан клубот на Битлси е еден од најголемите по членство и има околу 40.000 фанови. Мислам дека ова ќе им се допадне“, рече Бест.

притисни ентер