МИОА: Потпишан Меморандум за разбирање за сајбер безбедност на критична инфраструктура

Потпишан Меморандум за разбирање за сајбер безбедност на критична инфраструктура меѓу МИОА и Тетра Тек.

Владата на Македонија е посветена на подобрување на превенцијата, подготвеноста, одговорот и закрепнувањето од заканите за сајбер-безбедноста врз критичната инфраструктура и клучните ресурси, како што се енергетските комунални услуги, ИКТ мрежите и финансиските институции.

Со цел зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност на државата, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) на Македонија и Тетра Тек ЕС, АД (Тетра Тек) - американска компанија и спроведувач на програмата за техничка помош во Македонија на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) потпишаа Меморандум за разбирање.

Меморандумот ја опишува техничката помош што Тетра Тек ќе ја даде на МИОА за да ја унапреди заедничката цел за подобрување на подготвеноста за сајбер безбедност и зајакнување на координацијата меѓу клучните засегнати страни во Македонија, вклучително и владата и приватниот сектор за заштита на критичната национална инфраструктура од сајбер напади.

Оваа соработка ќе ги зајакне човечките и технолошките капацитети за сајбер безбедност низ критичните инфраструктурни субјекти и клучните ресурси, ќе ги подобри комуникациските протоколи за сајбер безбедност низ секторите и ќе ја зголеми отпорноста и подготвеноста на државата да се справи со закани по сајбер безбедноста.

Помошта на Тетра Тек е дел од заложбата на УСАИД за унапредување на енергетскиот сектор и безбедноста на критичната инфраструктура во регионот на Европа и Евроазија и поврзување на сојузниците во регионот со американски инвеститори, технологии и експертиза.

Министерот Јетон Шаќири оствари работна средба со градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука

,,Денес ми беше чест, во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација да го чекам на работен состанок, градоначалникот на Општина Дебар, Хекуран Дука.

За време на состанокот разговаравме за можноста за дигитализација на услугите на оваа општина и нивно вклучување во националниот портал за е-услуги. Го уверив градоначалникот Дука дека Министерството што го водам е подготвено да ги стави на располагање сите свои капацитети за да помогне во овој процес.

Исто така се дискутираше за можноста за поврзување на оваа општина со системот за управување со документи (ДМС). Со поврзување на овој систем, меѓуинституционалната комуникација станува побрза и поефикасна.

Состанокот го завршивме со ветување дека ќе ја продлабочиме меѓуинституционалната соработка и комуникација, со цел да постигнеме конкретни резултати во иднина, во корист на граѓаните“, истакна министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.

МЗ: Дарувањето крвна плазма највисок чин на хуманост, досега обезбедени 1732 единици

Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени вкупно 1732 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19.

Од нив 157 единици се собрани преку аферезна процедура а останантите единици конвалесцентна плазма се обезбедени преку стандардно дарување. Со крвна плазма досега се третирани 1431 пациенти.

Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на тие кои во моментот се борат со коронавирусот.

Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19.

Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.

Потсетуваме дека Институтот за трансфузиона медицина е достапен во секое време и сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со Ковид-19. ​

Одделение за односи со јавност

Министерство за здравство

Црвениот крст им додели благодарници на крводарителите

Црвениот крст на Македонија по повод 14 Јуни - Светскиот ден на крводарителството, се приклучи кон глобалната кампања за промоција на крводарителството под мотото „Дарувај крв и придонеси светот да продолжи да се движи“.

Црвениот крст заедно и Институтот за трансфузиона медицина, денес им доделија благодарници на Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана во знак на благодарност за досеганата соработка на полето на крводарителството. Благодарници добија и министерот за здравство Венко Филипче, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска за личен пример, поддршка, поттикнување и соработка.

Воведно обраќање имаше и Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити каде истакна дека пристапот до безбедна крв за сите оние кои имаат потреба, и понатаму останува највисок императив на земјите во светот, па и кај нас. Во текот на пандемијата со Ковид-19 и покрај ограничената мобилност и другите предизвици кои таа ги донесе со себе, дарителите на крв продолжија да даруваат крв и плазма за пациенти на кои им е потребна трансфузија. Овој извонреден напор за време на пандемија, ја нагласува клучната улога на добро организираните, посветени, доброволни и неплатени дарители во процесот на снабдување со крв во тековни и вонредни околности.

На самиот настан преку ЗООМ платформата директно се јавија од Дневниот центар за дарување крв каде даруваа крв припадниците од АРМ и од Институтот за трансфузиона медицина каде даруваа крв припадниците од МВР.

притисни ентер