Сметам дека треба да се размисли и за воведување механизми каде нема да се дозволи билатералните спорови да бидат пречка во остварувањето на колективната и заедничка цел.
Ова го кажа премиерот Христијан Мицкоски на редовниот годишен состанок на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, кој за првпат се организира во Македонија, а во во кој членуваат шефовите и заменик-шефовите на националните парламентарни делегации.
Мицкоски во своето обраќање исто така кажа дека регионалната соработка е клучна за стабилноста на Балканот. За нас тоа претставува одговорност и прилика да биде мост меѓу народи, меѓу институции, меѓу визии.
Првиот човек на Министерството за одбрана, Владо Мисајловски рече дека состанокот на Постојаниот комитет е силен сигнал на единство и потврда за нашите досегашни одлуки за зајакнување на сојузничката соработка, транспарентноста и парламентарната демократија.
„Остануваме посветени на стабилното инвестирање во одбраната, со издвојување на 2 проценти од бруто-домашниот производ и над 32 проценти од нив за една од најважните ставки – опремувањето и модернизацијата на Армијата, со што ја зацврстуваме националната и колективната одбрана“-Владо Мисајловски – министер за одбрана
На маргините на состанокот на Постојаниот комитет на ПС НАТО, беше реализирана средба на македонската и американската делегација во Парламентарно Собрание на НАТО, претставена од шефовите и замениците шефови на двете делегации: пратениците Драган Ковачки, Антонијо Милошоски, конгресмените Мајкл Тарнер и Линда Санчез.
На средбата се разговарало за актуелните безбедносни состојби, остварувањето на обврските на земјите-членки на НАТО во исполнувањето на целите за военото усовршување и одвојување на повисок процент за модернизација на националните одбранбени капацитет.