ВМРО-ДПМНЕ: Во улога на бугарски амбасадор и на страната на Румен Радев, Филипче договара ново предавство на Македонија
СДСМ: ВМРО-ОКГ призна пад на довербата од 40% па објави дека народот живее добро поради Гета и дека сака да го викаат талог
1ВМРО-ДПМНЕ: Во улога на бугарски амбасадор и на страната на Румен Радев, Филипче договара ново предавство на Македонија
2СДСМ: ВМРО-ОКГ призна пад на довербата од 40% па објави дека народот живее добро поради Гета и дека сака да го викаат талог
МакедонијаМицкоски: Нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во ЕУ, но нема пазар со идентитетотНе смееме да дозволиме подвигот на илјадниците борци кои ги положија своите животи за слободата биде заборавен или релативизиран, порача премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и и Денот на Европа.„Денес стоиме исправени пред историјата. Пред ден кој не е само датум во календарот, туку ден врежан во совеста на човештвото. Ден на победата над фашизмот. Ден кога светот покажа дека злото може да биде поразено, дека тиранијата не е вечна и дека слободата секогаш ја наоѓа својата сила во народите кои не се предаваат. Овој ден е и белег за трудот и постојаноста на многу генерации кои се бореа за слобода. Големите работи не доаѓаат незаслужено, а кога станува збор за нашата татковина, ќе се согласите дека секој голем чекор на нашите комити, војводи и партизани е испишан низ историските страници со многу жртви, буни, востанија и со непоколеблива и пркосна желба за своја држава и слобода. Нема народ кој до овие цели не стигнал со многу препреки, но нашиот го имаше најдолгиот пат, по кој дојде државата. Ние, Македонците, многу добро ја разбираме цената на слободата. Нашата историја не е историја на покорување, туку историја на отпор. Историја на луѓе кои, и кога биле малубројни, знаеле да бидат големи. Историја на генерации кои ја чувале идејата за своја држава, свој јазик, свој идентитет и свое достоинство. Зад мене е споменикот на ослободителите. Погледнете го убаво. Во него, низ седум ликови, се раскажува приказната за нашата борба. Борец на чело кој со пушка во рака ги охрабрува борците на јуриш, жена во одлучен став со пушка во рацете, дете меѓу борците, борец кој со едната рака придржува ранет другар, а со другата фрла бомба, борец во умирање кој со своите последни сили го држи знамето на слободата и младинец кој се подготвува за напад кон поробителите. Ова е само една епизода од плејадата драматични слики од нашата историја. Токму вака изгледала и битката на оние кои ја донесоа слободата. И денес пред мене се дел од вистинските ликови од оваа епопеја и нивните наследници. Како премиер, но пред сè како човек, имам обврска да изразам почит кон делото и жртвата, кон вас и илјадници други кои испишаа историја. Нивните имиња и дела мора да ги паметиме. Во годините на Втората светска војна, македонскиот народ, рамо до рамо со своите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, застана на вистинската страна на историјата. Илјадници борци ги положија своите животи за слободата која денес ја живееме. Тие не се бореа само против окупаторот. Тие се бореа за правото човекот да живее слободно, да говори на свој јазик, да го чува своето име и да верува во иднината. И затоа денес, кога се поклонуваме пред нивната жртва, не смееме да дозволиме нивниот подвиг да биде заборавен или релативизиран. Слободата никогаш не е подарок. Таа е избор, жртва и одговорност. И колку тоа некој да сака да го сокрие или прескокне, нашите предци беа на исправната страна на историјата. Имаше и такви челници на народи кои тоа не беа. Беа непријатели во оваа битка и низ нишан се гледаа. И тоа не беа администратори, туку окупатори. И јас, без ни малку предрасуди, на сето ова гледам како на историски факти, сакал некој да признае или не, се срамел некој или не. Народите кои се издигнаа над таквите парадигми и не робуваа на историските дамки дека нивните раководства биле на погрешната страна, отидоа многу напред. Но има и такви кои заглавија во историјата и со себе сакаат да ги повлечат и другите. Моралната вертикала е многу голема кога ќе се соберат сили да се зборува и за недостатоците и грешките кои одредени држави и народи ги правеле. И тоа не може да биде една иста генерална слика за цел народ, ниту еден народ да се гледа како непријател. Тоа е заслуга и последица на тогашните раководства и нивните челници. Но во исто време, како граѓанин и како човек кој има мандат да одлучува за процесите, ниту сега ниту во иднина нема да замолчам кога станува збор за вистината за нашата борба и нема да престанам да ги вреднувам заслугите на нашите предци кои ја изборија слободата. Повторувам – тие беа на вистинската страна. На страната на слободата. Против фашизмот. Овие лекции се и лекции за Европа. Европа тоа го научи на најтешкиот можен начин. Од урнатините на војната се роди идејата за европско обединување. Не како политички проект на бирократи, туку како цивилизациски завет – дека никогаш повеќе народите нема да се уништуваат меѓусебно. Европа на солидарност, вредности и принципи. А што се принципите ако не правила кои треба да важат за сите, норми кои треба да донесат просперитет и иднина? Ние верувавме во тоа и сè уште веруваме дека Европа е нашиот единствен пат. Нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија. Но, исто така, да не се залажуваме – постои и горко искуство од многу откажувања, препреки и неразумни спорови на овој наш пат. Тоа силно и длабоко фрустрира, кога принципите се кршат токму врз грбот на оние кои бараат принципи и праведна шанса. Исто како што обесхрабрува и рамнодушноста на многу поголеми држави кон овие неправедни епизоди на нашиот народ и држава. Јас на Европа не гледам само како на географија. Европа треба да биде вредност. Европа е верба во човековото достоинство, во демократијата, во владеењето на правото, во почитта кон различностите и во правото секој народ слободно да чекори по својот пат. Разбирам и дека Европа денес повторно се соочува со предизвици. Војни, поделби, радикализам, економска неизвесност и криза на доверба. Во време кога повторно се слуша јазикот на омразата, наша должност е да бидеме глас на разумот, стабилноста и единството. Мора да разговараме и да се обидуваме, затоа што само така можеме да дојдеме до решенија. Но не решенија со кои ќе оставиме големи товари на нашите потомци, туку трајни решенија по кои ќе можеме да одиме напред. Секој што ме знае добро, уверен е дека, колку и да постојат празнини и недржавничко однесување во нашиот политички естаблишмент, добро знае дека пазар со идентитетот, пазар со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да правам. Ниту ми паднало на ум такво нешто. Оваа моја позиција им пречи на неколкумина, но и тие знаат дека честа нема цена и дека никогаш нема да нанесам каква било штета на нашата заедничка татковина. Почитувани присутни, Како народ отсекогаш сме знаеле дека силата е во заедништвото. Во нашата историја имало моменти кога сме биле делени, разочарани и оттурнати. Но секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината – сме победувале. Денес ни е потребно токму тоа. Обединување. Не обединување во стравот, туку во надежта. Не во омразата, туку во визијата. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат. Големите чекори секогаш ги правеле поединците кои ја гледале големата слика. Жал ми е што таа рака за обединување многупати беше одбиена. Но, има и такви политичари коишто за да стигне до обединување, треба да знае дека мора да чекори напред, а не да стои во место или да одат назад. Да не одбива разговор, затворена во своите кругови и целосно отсечена од реалноста. Медиокритетите од таквите редови создаваат лицемерен отсјај кој може да се види и во изјавите и критиките дека се за единство и европска интеграција, а не гласаат ниту еден закон од реформската агенда која е приоритет на истата таа Европа. Таквиот нихилизам создава омраза, но и облак во кој ни самите не можат да се препознаат. И нивното талкање низ таквиот простор се гледа и во променливоста и неконзистентноста на ставовите. Најчесто нивните ставови за клучните прашања се разликуваат од утро до пладне. А чести се случаите кога при очи се прават слепи, а при уши – глуви. Политиката на кодошење на сопствената земја таквите ги прави добри слуги на туѓи фактори, но не и пријатели на својот народ. И затоа, повеќе од кога било, потребно е да ја видиме суштината и да постигнеме единство. Но единство на принципи и вредности. Драги пријатели, Нашата борба денес не е со оружје. Нашата борба е за знаење, за развој, за институции и за достоинствен живот. Борба против сиромаштијата, корупцијата, неправдата и безнадежноста. И таа борба мора да ја добиеме со истата решителност со која нашите предци ја бранеа слободата. Како што рекол Винстон Черчил: „Успехот не е конечен, неуспехот не е фатален – важна е храброста да се продолжи понатаму.“ Токму таа храброст денес ѝ е потребна на татковината. Да продолжиме напред со исправена глава. Да градиме држава која ќе биде почитувана, стабилна и просперитетна. Држава која нема да биде симбол на поделби, туку пример за достоинство и напредок. Знам дека не се живее лесно. Знам дека многу семејства секој ден прават пресметки како да го поминат месецот. Дека ценовните шокови, инфлацијата и скапиот живот се најголемата грижа на граѓаните. И тоа не е само ваша грижа – тоа е и моја лична грижа. Затоа сè што правиме во овој период е насочено кон тоа државата повторно да ја застанеме на нозе, да ја закрепиме економијата и да создадеме сигурност и перспектива за секој човек. Нашата политика е политика на четири клучни столба. Првиот столб е економијата и животниот стандард. Нашата цел е јасна – повисоки плати, повеќе инвестиции, нови работни места и силна домашна економија. Работиме на поддршка на компаниите, на отворање нови капацитети, на инфраструктурни проекти и на финансиска стабилност. Вториот столб е образованието. Моќта на образованието е најсилниот лек против сиромаштијата. Држава која инвестира во знаење, инвестира во својата иднина. Затоа вложуваме во училишта, во подобри услови за учениците и наставниците, во модерни програми и дигитализација. Сакаме младите да добијат образование кое ќе им отвора врати, а не ќе ги тера да ја бараат иднината надвор. Образованието мора да биде двигател на промените и надеж за секое дете. Третиот столб е правдата. Народот со години беше разочаран од двојните аршини, од чувството дека за едни има закон, а за други нема. Затоа рековме – нема да има наши и ваши, нема да има заштитени и недопирливи. Граѓаните мора повторно да поверуваат дека институциите постојат за да служат на народот, а не на поединци. Четвртиот столб се младите и иднината. Нема иднина ако младите ја губат надежта. Затоа нашата борба е да создадеме држава во која младите ќе сакаат да останат, да создаваат семејства, да работат и да успеваат. Сакаме младите луѓе да бидат двигател на промените, а не сведоци на разочарувања. Нашата обврска е да им оставиме држава со перспектива, достоинство и верба дека најдоброто време допрва доаѓа. Економија и стандард, правда, образование и иднина. Драги пријатели, Нека 9 Мај биде потсетник дека слободата и мирот не се нешто што еднаш се добива и засекогаш се чува. Тие секоја генерација повторно ги брани – со мудрост, со работа и со единство. Денес, кога се поклонуваме пред жртвите кои го победија фашизмот, не смееме да заборавиме една голема вистина – слободата никогаш не е подарена. Таа е избор. Таа е борба. Таа е жртва. И секоја генерација има должност повторно да ја брани, со мудрост, со единство и со човечност. 9 Мај не е само датум од историјата. Тоа е потсетник дека и во најтемните времиња народите можат да најдат сила да се обединат околу доброто. Дека омразата и поделбите никогаш не смеат да бидат посилни од достоинството и надежта. И дека Европа не е создадена само од договори и институции, туку од солзите на мајките, од жртвата на хероите и од сонот никогаш повеќе да не се повтори злото на војната. Ние, добро ја знаеме цената на слободата. Знаеме што значи борба за своја држава, за свое име и за свое достоинство. И токму затоа денес испраќаме порака дека остануваме на страната на мирот, слободата и европските вредности. Да градиме Европа која не заборава. Европа која обединува. Европа на народите, достоинството и можностите. Но пред сè – да градиме држава како дом во кој секој човек ќе живее со надеж, сигурност и вера во иднината. Нека е вечна славата на хероите кои ја победија темнината. Нека е вечна идејата за слобода. Доаѓа времето на Македонската иднина – горда, исправена и европска. Бог да ја благослови Европа, Бог да ја благослови нашата Македонија.“, рече премиерот Мицкоски. Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаВМРО-ДПМНЕ: Во улога на бугарски амбасадор и на страната на Румен Радев, Филипче договара ново предавство на МакедонијаВо улога на бугарски амбасадор и на страната на Румен Радев, Филипче договара ново предавство на Македонија како карта за доаѓање на власт.СДС и Венко Филипче, наместо на гласот на граѓаните, повторно се потпираат на туѓите интереси, на штета на македонските, како карта за доаѓање на власт. Па така, Филипче во улога на бугарски амбасадор и на страната на Румен Радев, договара ново предавство на Македонија, мислејќи дека така, по примерот на неговиот ментор Зоран Заев, ќе дојде на власт. Разлика меѓу ставот на официјална Софија и Венко Филипче, не може да се најде. Тие се на иста линија дека за отворање на преговорите со ЕУ и продолжување на евроинтегративниот процес потребно е прво да се стават Бугарите во Устав, па се друго. Со тоа, Филипче отворено им кажува на граѓаните дека нашиот пат на отворање на преговорите со Европската унија и продолжувањето на процесот со отворањето на поглавјата не треба да биде преку спроведувањето реформи и исполнување на Копенхашките критериуми како за секоја држава, туку со нови отстапки. Венко Филипче е за нови национални и идентитетски отстапки, ново предавство, ново погазување на достоинството на граѓаните, удоволување на Бугарите како услов за влез во ЕУ, наместо работење дома и исполнување на Реформската агенда. По примерот на Заев, кој потпиша бланко бел лист хартија, се откажа од Цар Самуил, светите браќа Кирил и Методиј и многу други, сега Филипче и СДС се спремни да се откажат од се за да ум угодат на бугарските политичари кои ги уценуваат. Затоа што, само уценет и компромитиран политичар може да постапува така што постапува Венко Филипче и да прифати капитулација на сопствена држава. Ние заедно со граѓаните им порачуваме дека европскиот пат на Македонија не смее да се сведе на нови отстапки и прифаќање на услови што отвораат сериозни прашања за заштитата на македонскиот идентитет, достоинство и национални интереси. Членството во ЕУ треба да биде резултат на вистински реформи, владеење на правото, функционални институции и исполнување на европските стандарди, а не на политички договори на штета на државните интереси. Македонија заслужува европска иднина и таа иднина мора да се гради врз принципи на еднаквост, почитување и јасни критериуми, а не врз постојани нови условувања и отстапки. Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕКрадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МакедонијаСДСМ: ВМРО-ОКГ призна пад на довербата од 40% па објави дека народот живее добро поради Гета и дека сака да го викаат талогАгенција платена 400.000 евра да направи истражување. Прво објавија рејтинг од 19,3 проценти за ВМРО-ОКГ. Од околу 32 проценти на изборите, сега на 19%. Тоа е падод преку 40 проценти на довербата од сопствените гласачи. Не ги објавија точните бројки за СДСМ. Морале да штелуваат. Не ги објавија затоа што СДСМ ја враќа довербата на народот. Народот ги виде сите лаги пласирани и преку медиумите Орбан-Вучиќ што со години ги носеа. Трета економија во Европа. Први во туризам. Лидери во авиосообраќај. Пензии 16 пати поголеми. Потоа друга анкета. Од истата агенција дека 57,5 проценти од граѓаните биле задоволни од квалитетот на живот. Прославата на 35 години независност, 41,2 проценти имале позитивен став. Значи народот бил задоволен што за Гета платиле 5,53 милиони евра. Тоа е доказот за добар живот? Нема пари за земјоделците. Нема пари за студентите. Нема за работниците. Има за Гета и за провизија. Луѓето немаат пари. Владата не дава минимална плата од 600 евра. Арамијата најавува просек од 1.000 евра. Сè бајки. Две минимални не ја покриваат ниту скратената владина кошничка. Со кирија, синдикалната кошничка оди над 90.000 денари. Горивото е до плафон и македонските граѓаните можат најмалку да купат од целиот регион. Втор ребаланс за четири месеци се прави, трет во најава затоа што има огромна дупка во буџетот. За пензии фалат околу една милијарда евра. Вториот пензиски столб е пред национализација. Во буџетот фалат 900 милиони евра. Долгот е зголемен за околу 4 милијарди за две години. Нови 250 милиони задолжувања за до крајот на годината. Тоа е релноста. Во истата анкета, прашање за кампањата по рецепт на Ванчо Михајлов - “талог”. Прашуваат дали на народот му се допаѓа што го викаат талог. Анкетата вели 41 процент од граѓаните сакаат да ги викаат талог. Дали некој некогаш видел ваква анкета? Прво призна пад од 40%. Потоа рекоа дека народот сака да плаќа за Гета и провизија на арамијата. На крај дека народот сака да го викаат талог. Мицкоски и бандата повеќе не знаат што прават. Економијата е во колапс. Од ходник дипломатија - земја е изолирана. Целосно незадоволство кај народот. Нека граѓаните сами ја оценат оваа анкета. Мицкоски го поддржа Орбан за изборите. И неговиот ментор исто така објавуваше анкети. Видовме како помина. СДСМ ја враќа довербата. Власта ќе се врати во рацете на народот. А бандата ќе одговара пред независно судство и, најбитно, пред европско обвинителство. Пред Лаура Ковеши. Скопје, 12.10.2026 СДСМКрадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
Здравје Синдромот на недостиг на внимание и хиперактивност е поврзан со низа дигестивни проблеми Анализирани податоци од речиси 2 милиони лицаЛуѓето со АДХД (ADHD) имаат значително поголем ризик од развој на дигестивни проблеми, покажува една голема нова студија. АДХД, или нарушување на вниманието со хиперактивност, е невролошко нарушување кое се карактеризира со тешкотии при одржување на вниманието и тешкотии при контрола на импулсите или хиперактивност. Се проценува дека ова нарушување погодува околу пет проценти од децата и до четири проценти од возрасните ширум светот, при што бројот на дијагнози забележително расте во последните децении, пренесува „Science Alert“. Во досега најсеопфатна студија, научници од Медицинскиот факултет во Ворвик спровеле систематски преглед и мета-анализа. Тие анализирале податоци од повеќе од 20 студии спроведени ширум светот, опфаќајќи вкупно речиси два милиони луѓе. Еден од авторите на студијата, Сара Блејк, објаснува дека речиси секој анализиран дигестивен симптом – од запек и синдром на нервозни црева до лошо варење – се покажал поврзан со АДХД. Застапеноста на дигестивни проблеми Анализата покажала дека дијагнозата АДХД генерално е поврзана со 48 % поголема веројатност за појава на дигестивни симптоми во споредба со лицата кои го немаат ова нарушување. Истражувачите исто така ги пресметале ризиците за специфични состојби. На пример, луѓето со АДХД имаат 52% поголема веројатност за диспепсија (лошо варење) и 58% поголема веројатност за синдром на нервозни црева (IBS). Ризикот од болки во стомакот се зголемува за 88 %, додека веројатноста за запек е речиси двојно поголема, односно се зголемува за 97%. Веројатноста за појава на дијареја е поголема за 118 % – што е повеќе од двојно. Највпечатливиот податок се однесува на енкопрезата, односно губењето на контролата врз празнењето на цревата. Кај лицата со АДХД, овој проблем е 332 % почест, што значи дека се јавува повеќе од четири пати почесто. Генерално, ризикот од неодредени гастроинтестинални тегоби е поголем за 82%. Можни објаснувања Научниците наведуваат неколку можни објаснувања за оваа поврзаност. Карактеристиките поврзани со АДХД (ADHD), како што е засилената реакција на стрес, можат да ја зголемат осетливоста на дигестивниот систем. Покрај тоа, импулсивните навики во исхраната и нередовните оброци се чести кај луѓето со АДХД; таквите навики се независно поврзани со лошо варење, надуеност и запек. Постои и врска помеѓу однесувањето, исхраната и цревните микробиоми. Импулсивноста е поврзана со изменет микробиом, делумно поради изборот на храна – на пример, изборот на зашеќерени пијалаци наместо храна богата со влакна. Разликите во сензорната обработка исто така можат да доведат до полоша исхрана, што влијае на функцијата на цревата. Лековите што се користат за третман на АДХД исто така можат да придонесат за дигестивни проблеми. Понатаму, нарушувањата на сонот – кои се чести кај оваа состојба – можат да влијаат на подвижноста на цревата и на имунолошкиот одговор. Улогата на оската црева-мозок Овие наоди се во согласност со претходните истражувања што поврзуваат други невроразвојни нарушувања со дигестивни проблеми. Врската помеѓу цревата и мозокот – таканаречената оска црева-мозок – се покажува како многу посложена отколку што се сметаше претходно. На оваа врска силно влијае вагусниот нерв, најдолгиот кранијален нерв, кој функционира како клучен пат за двонасочна комуникација во телото. На неговата функција директно влијаат хемиските супстанци произведени од цревните микроби, а неговата активност влијае на воспалителните процеси во дигестивниот систем. Затоа, нарушувањето на цревната флора, односно дисбиозата, кај луѓето со АДХД би можело да доведе до зголемено воспаление и симптоми забележани во студијата. Препораки и идни чекори Идните истражувања би можеле да се фокусираат на биолошките механизми што стојат зад промените во микробиомот. Исто така, неопходно е да се утврди дали постои причинско-последична врска, односно дали дигестивните проблеми му претходат на дијагностицирањето на АДХД или се негова последица. Саран Шантикумар, водечкиот автор на студијата, истакнува дека лекарите треба редовно да ги прашуваат пациентите со АДХД за дигестивните симптоми за да не се занемарат овие проблеми. Сепак, таа претпазливо заклучува: „Сè уште не можеме да тврдиме дека АДХД ги предизвикува овие проблеми со цревата, ниту пак точно знаеме што ја поттикнува таа врска. Но, образецот е доволно јасен и заслужува понатамошно внимание“. Истражувањето е објавено во списанието „Journal of Attention Disorders“.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook