МакедонијаМицкоски: Без образование нема силна држава, да го чуваме словото, да ја создаваме иднината„Постојат народи кои својата историја ја паметат преку војни. Постојат цивилизации кои својата големина ја мерат преку освоени територии, богатства и империјална моќ.“„Почитувани претставници на Македонската православна црква- Охридска Архиепископија, Почитуван епископ Хераклејски г. Климент, Почитуван претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Почитувани пријатели, Дами и господа, Постојат народи кои својата историја ја паметат преку војни. Постојат цивилизации кои својата големина ја мерат преку освоени територии, богатства и империјална моќ. Но постојат и народи кои опстојуваат преку словото, преку книгата, преку образованието и преку духовноста. И народи кои го имаат испреплетено патот на духовна и културна ренесанса со жесток револуционерен непокор. Таквите народи не исчезнуваат лесно. Денес, одбележувајќи го делото на светите браќа Кирил и Методиј, ние не зборуваме само за двајца просветители од 9 век. Зборуваме за темелот на една цивилизациска идеја- дека човекот е вистински слободен само тогаш кога има право да мисли, да учи, да создава и да говори на свој јазик. Затоа овој голем ден го одбележуваме преку пораката „Од слово до вечност“, која носи длабока смисла. Затоа што словото не е само напишан знак. Словото е паметење. Словото е идентитет. Словото е духовен дом на еден народ. Кога Константин Филозоф- Свети Кирил ја создавал глаголицата, а заедно со својот брат Методиј ја ширел просветителската мисија меѓу Словените, тие не создавале само писмо. Тие создавале можност цели народи да станат рамноправен дел од духовната и културна историја на Европа. Во едно време кога знаењето било привилегија на малкумина, тие испратиле порака која и денес е современа и моќна – дека секој народ има право на образование, на култура и на духовен израз на свој јазик. Токму затоа нивното дело е поголемо од историски настан. Тоа е победа на светлината над темнината. Победа на знаењето над покорувањето. „Народ што не ја познава својата писменост и култура, лесно станува туѓ во сопствената историја.“ Ова не е само историска поука. Ова е и современо предупредување. Живееме во време на огромен технолошки напредок. Светот се менува со невидена брзина. Вештачката интелигенција, дигиталните технологии и глобалните процеси отвораат нови хоризонти, но истовремено носат и опасност од површност, од духовно осиромашување и од губење на суштината. Денес, повеќе од кога било, ни е потребно образование кое нема да создава само луѓе со дипломи, туку луѓе со вредности, карактер и критичка мисла. Затоа што вистинското образование не е акумулација на информации. Тоа е способност човекот да разликува вистина од манипулација, знаење од бучава, вредност од привид. „Образованието е најмоќното оружје со кое можете да го промените светот.“ Но јас би додал- образованието е и најсилниот штит со кој еден народ ја брани својата иднина. Држава може да изгради патишта, мостови и фабрики. Но ако не создава образовани генерации, таа гради без темели. Светите Кирил и Методиј тоа го разбирале пред повеќе од единаесет века. Тие знаеле дека народот не се издигнува само со политичка моќ, туку пред сè со духовна зрелост и со просвета. Затоа нивната мисија не била мисија на доминација, туку мисија на просветлување. И токму тука лежи нивната безвременска големина. Тие не ги учеле луѓето само да читаат. Тие ги учеле да станат свесни за сопственото достоинство. А достоинството започнува тогаш кога човекот ќе научи да мисли со своја глава, да носи свои одлуки и да се бори за своите ставови. Секој народ си има свои револуции, востанија и борби, а нашиот е дел од тој мозаик на бурна и славна историја. Нашата културна револуција, нашето прогледување кон светот и нашето говорење почнува токму од Свети Кирил и Методиј. Потоа тоа создаде низа, надополнувана од најдобрите чувари на нашиот збор, писменост и духовна големина – од нивните ученици Наум, Климент, Сава, Горазд и Ангелариј. Дрвото на писменоста беше правилно засадено, а корените премногу длабоки. И одговорот на прашањето чии се Свети Кирил и Методиј треба да се бара во реалниот факт дека нивното дело ги надминува нашите граници и тие му припаѓаат на светот, а нивното дело е паметник за тоа како еден народ се воздигнал и ги создал своите најголеми светилишта низ борба, наука и слово. Во сите наши битки, најсветлиот чувар на нашите дела била и останува нашата Црква – мајка на сите наши борби и битки. Од славната Охридска Архиепископија до Македонската православна црква, тој континуитет овозможува да кажеме дека црквата е дел од нашиот идентитет, затоа што Македонија опстојувала и се чувала низ црквите, низ работата на нејзиното свештенство. Така што е многу исправно да заклучиме дека столетната историја почива врз фундаментите кои ги славиме денес. Драги пријатели, Колку и да нè одвлекуваат дневните теми, важно е да се осврнеме на некои од нив. Колку и да има политика и задни интереси во наметнувањето на темата со употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит, јас сум подготвен и, на извесен начин, ми е драго што конечно разговараме за образованието, но разговорите мора да се постават низ правилната призма. Јас сум заинтересиран и подготвен да помогнам во секој процес кој ќе значи подобро и посилно образование. Сметам дека вратата на можности, излезот и спасот на секој поединец е силното образование. Тоа нè прави посилни, тоа може да ја изгради нашата иднина. Единствената шанса за успех е учењето, посветеноста и отворањето на нови перспективи. И немам никаква задршка да се разговара на темите за употребата на јазиците. И секоја заедница да го има правото да напредува и да го употребува својот јазик, сè додека тоа е во рамките на Уставот, законите и сè додека се почитува нашиот идентитетски белег- нашиот македонски јазик. Затоа многу брзо ќе дојдеме до решение кое треба сите да го поддржиме и кое ќе отскокнува над поединечните партиски и можеби, политички интереси и тенденции да заглавиме во уште една националистичка замка, а историјата нè учи дека таквите замки се најдобриот метод на оние кои имаат криминогени или поинакви лични интереси и кои редовно се кријат зад ваквите теми, кои се покривка на вистинските намери- да се злоупотребува соживотот и да се создаваат препреки. Секој народ има право на образование и мене ќе ме имате партнер не само во тоа образованието да биде посилно и подостапно, туку и да говориме за квалитетот на универзитетите, квалитетот на факултетите, при што еден народ нема добивка ако тие се само бројка, туку вистинската добивка е тие да бидат квалитетни. Затоа што, ќе повторам, најсилното оружје против сиромаштијата и најсигурната шанса за успех е образованието. И ова е порака до сите млади луѓе – борете се. Заедно да се бориме за иднината која ние ја создаваме, која не е ништо друго освен чекори што мораме да ги направиме денес. Почитувани пријатели, Сакам да се осврнам и на уште една важна тема. Тоа е борбата против корупцијата и постигнувањето правда. Го разбирам незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение од испораката на правдата. Морам да кажам дека и јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу, многу подобро и со многу побрзи резултати. Немојте да мисли кој било од вас дека не ги слушам оние крици на луѓето кои ѝ се смеат на правдата, кои мислат за себе дека се непобедливи и дека ја измамиле правдата. Денес тие се најгласните критичари на Владата и пресоблечени измамници кои се најзагрижени за тоа дека немало правда. Ним, и на оној дел од обвинителството кој сè почесто смислува изговори, им велам дека трпението е при крај и дека правдата ќе ги стигне сите. Без оглед на тоа какви изговори слушам, трпението е при крај и јас внимателно следам. Нема ни да премолчам кога мислам дека се греши, ниту кога мислам дека треба побрзо да се реагира и кога фиоките во институциите се полнат со пријави и тужби за кои обвинителството треба да реагира побрзо. Затоа што јас не влегов во политиката за смислување изговори, туку за ставање ред, за постигнување правда и владеење на законите. Нема да отстапам од тоа да им дишеме во врат на оние кои се богатат и печалат на маката на народот. Ова е последната шанса на оваа генерација да создаде нешто вредно што ќе остане за сите наредни. Драги присутни, Нашите одлуки ја одредуваат нашата иднина. Ако се држиме цврсто и обединето, без оглед на тоа кој е на другата страна, ќе останеме цврсти, а споделената мака е помала мака. Токму тоа јадро било разнишувано и удирано во историската судбина на Македонија. Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. И можам да ги разберам, иако не ги оправдувам, позициите на Бугарија. Но не можам да ги разберам, ниту оправдам, домашните политичари кои делуваат како специјални пратеници на премиерот на соседната држава. Тоа што тој го зборува, тоа го зборуваат и домашните политичари и нивни претставници. Поразително. Тоа нè поразува и како нација. Имаме отсуство кај дел од луѓето на чувство за припадност кон својот народ и подготвеност со гордост да го носат она што јас го велам – мекото ткиво на македонскиот народ. И колку ние сме поголема брана на предизвиците, тие се поагресивни. И да кажам дека нема пари, нема моќ и нема причина поради која би го предал мојот народ или би направил нешто, било што, на негова штета. Државата мора да влезе во Европската Унија, тоа е неминовно, но мора да останеме сочувани и достоинствени. Мора да се бориме за она во што веруваме и концептот на обединување мора да се постигне на здрава основа. Направив сè за да подадам рака кон опозицијата, да се обединиме. Тие секоја шанса ја испуштија и нема постојано да чекаме тие да се одоброволат за да делуваме заедно за националните интереси. Затоа јас повикувам на народно и интелектуално обединување на државата. Тоа што некои се претседатели на политички партии во опозицијата и ја имаат таа улога, не значи и дека се лидери на оној дел од народот кој сеуште го дава својот глас и поддршка на тие луѓе. Одбивајќи да се обединиме за националните прашања, тие се осудени на пропаст. Стануваат маргинални служители на туѓите интереси. Затоа вистинското обединување е народното. Затоа повикувам да се обединиме сите кругови во општеството и да си подадеме рака. Ова е последната шанса за Македонија. Мораме да ја искористиме. Ќе разговарам со секој, ќе го мотивирам секој кој сака да помогне и да се вклучи во процесот на Македонија која забрзува и оди напред. Одбирам да се борам и да работам за нашата иднина. Почитувани, Во македонскиот јазик се сочувани векови болка, надеж, борба и љубов кон татковината. Во него се запишани молитвите на нашите предци, песните на револуционерите, зборовите на учителите и соништата на младите генерации. Затоа грижата за јазикот не е прашање само на култура. Тоа е прашање на опстанок и самопочит. Гоце Делчев велел: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите.“ Колку длабока и современа мисла. Не поле за омраза. Не поле за негирање. Туку поле на култура, знаење и достоинство. Во 21 век, токму тоа ќе ги одредува силните држави. Не само големината на нивната економија, туку квалитетот на нивното образование, науката, културата и способноста да создаваат мислечки луѓе. Затоа нашата обврска денес е голема. Мора да изградиме општество во кое учителот повторно ќе биде авторитет. Во кое книгата ќе има поголема тежина од сензацијата. Во кое младите нема да бидат воспитувани да бараат брз успех без труд, туку да разберат дека вистинската вредност се создава со знаење, дисциплина и истрајност. Затоа што народ што престанува да чита, полека престанува и да размислува. А народ што престанува да размислува, станува лесен плен на поделби, манипулации и туѓи влијанија. Токму затоа празникот на светите Кирил и Методиј е и празник на нашата одговорност. Одговорност кон јазикот. Кон училиштето. Кон книгата. Кон знаењето. Кон идните генерации. Не случајно Достоевски напишал: „Убавината ќе го спаси светот.“ Но вистинската убавина не е само во уметноста. Таа е и во просветениот човек. Во човекот што знае, што мисли и што има морална сила да остане исправен пред времето во кое живееме. Почитувани присутни, Светите Кирил и Методиј ни оставиле повеќе од азбука. Ни оставиле цивилизациска обврска. Да не дозволиме словото да стане празна форма. Да не дозволиме образованието да стане само формалност. Да не дозволиме младите да ја изгубат вербата дека знаењето има вредност. Затоа што иднината на една држава не се мери само со бројки и статистики. Таа се мери со тоа колку образовани, достоинствени и свесни генерации создава. И затоа денес, кога се поклонуваме пред светите браќа Кирил и Методиј, да не го правиме тоа само како потомци што се сеќаваат на минатото. Да го правиме тоа како генерација што има обврска кон иднината. Да си ветиме дека ќе го чуваме словото како што се чува домот. Зашто држава може да биде мала по територија, но голема по дух. Може да нема огромни богатства, но да има народ што знае, создава и остава трага. А народ што има слово, култура и образование- никогаш не е мал народ. Од Охридските школи, преку манастирските конаци, преку учителите што палеле светлина и во најтешките времиња, па сè до денешните генерации млади луѓе – низ вековите патувало едно исто светло. Светлото на знаењето. Светлото на просветата. Светлото на духот што ништо не може да го покори. И токму затоа денес не смееме да бидеме поколение што ќе се откаже од книгата, од науката, од вредностите и од сопствениот идентитет. Не! Ние мора да бидеме генерација што ќе создава. Генерација што ќе учи. Генерација што ќе ја исправи Македонија со знаење, со достоинство и со самодоверба. Затоа Ашто иднината им припаѓа на народите што веруваат во својата култура, во својата младост и во својата духовна сила. А ние имаме со што да се гордееме. Имаме јазик што преживеал векови Имаме култура што опстојала низ премрежија. Имаме народ што знаел и кога било најтешко- да не се откаже од себе. Тоа е нашата сила. Тоа е нашата вертикала. Тоа е нашата вечност. Стоејќи пред делото на светите браќа, треба да разбереме една суштинска вистина: Империите се рушеле. Границите се менувале. Владејачи доаѓале и заминувале. Но словото останувало. И токму преку словото, народите станувале вечни. Нека е честит и вечен празникот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Да живее словото што нè описменило! Да живее просветата што нè издигнала! Да живее духот на Свети Кирил и Методиј што нè обединува низ вековите! Бог да ја благослови Македонија и сите граѓани во неа. Ви благодарам.“, рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето. Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ЖивотЗошто имаме потреба на другите да им покажеме дека имаме совршен живот?Фасадата на совршенството како параван за проблемитеИдеализираните слики кои прикажуваат убавина и успех некогаш ги гледавме во списанијата и рекламите, а денес таквите прикази често ги гледаме на профилите на социјалните мрежи кај пријателите и врсниците, наведува Child Mind Institute. Најчесто, тинејџерите на профилите ги споделуваат најубавите моменти, додека обичните денови остануваат надвор од кадарот, па „совршениот“ туѓ живот честопати нè поттикнува да ја преиспитаме сопствената вредност. Фасадата на совршенството како параван за проблемите Според клиничкиот психолог Џил Емануеле, прикажувањето на животот погламурозен одошто е, само по себе не е проблем... но кога лицата се кријат зад социјалните мрежи глумејќи совршенство, тоа може да создаде фрустрација и потиштеност поради јазот помеѓу она што го претставуваат и она што навистина се. Порталот YourTango наведува 11 работи кои најчесто се кријат зад таквата фасада. Ниска самопочит Лицата со ниска самопочит понекогаш се обидуваат да ја скријат сопствената несигурност прикажувајќи пред другите речиси совршен живот. Искреноста за сопствените тешкотии би значела тргање на параванот. Перфекционизмот, како и претераната потреба за постигнување, може да произлегува од чувството дека личноста не е доволно вредна, па се труди околу секоја ситница за да се чувствува прифатено. Зависност од туѓото одобрување Ниската самопочит може да се појави како силна потреба за туѓо одобрување. Таквите личности сакаат да остават впечаток дека животот им изгледа подобро одошто се чувствуваат. Комплиментите, пофалбите и туѓите коментари се важен извор на потврда. Проблемот е што самодовербата почнува да зависи од тоа како другите ги доживуваат. Потребата за потврда Социјалните мрежи нудат лесен начин за добивање потврда од другите. Со објавување внимателно избрани фотографии и моменти, луѓето можат да создадат слика за животот што сакаат другите да го видат. Коментарите и реакциите дополнително ја зацврстуваат таа претстава, дури и ако поединецот не сака да открие колку мислењето на другите всушност му значи. Стравот од неуспех Зад потребата сè да изгледа совршено понекогаш се крие страв од неуспех. Поединецот може да стравува дека не е доволно успешен, способен или интелигентен, па затоа се обидува да прикаже спротивна слика. Таквиот страв може да влијае и врз подготвеноста на личноста да проба нешто ново или да преземе ризик. Емоционална затапеност Некои луѓе ги кријат своите вистински чувства зад сликата „безгрижен живот“. Иако внатрешно може да се чувствуваат празно, осамено или емоционално исцрпено, пред другите тие прикажуваат слика дека сè е во најдобар ред. Таквата фасада може краткорочно да помогне во прикривање на проблемите, но истовремено може да го засили чувството на изолација. Занемарување на сопствените потреби Совршениот живот на социјалните мрежи не секогаш ја одразува реалноста зад сцената. Некој може да објавува фотографии од дружења, патувања или миленици, а истовремено да ги занемарува одморот и сопствените потреби поради огромен притисок. Социјалните мрежи главно прикажуваат внимателно одбрани моменти, додека она што се случува надвор од камерата често останува скриено. Проблеми во врската Некои врски може да изгледаат идеално на социјалните мрежи, дури и ако реалноста зад објавите не е таква. Паровите може често да објавуваат заеднички фотографии и да споделуваат романтични пораки за да ја истакнат својата среќа. Сепак, социјалните мрежи сами по себе не можат да ја откријат вистинската природа на врската кога камерата е исклучена. Желба за внимание За некои луѓе, прикажувањето на совршен живот може да биде начин да привлечат внимание. Пофалбите за нивниот изглед, постигнувања, кариера или начин на живот можат да им пружат чувство на важност и задоволство. Сепак, во основа на таквото однесување понекогаш може да лежи осаменост, несигурност или потреба за подлабока поврзаност со другите. Психолошки предизвици Луѓето кои се соочуваат со емоционални тешкотии не секогаш сакаат другите да забележат низ што минуваат. Наместо да ја покажат својата ранливост, тие може да се трудат да остават впечаток дека сè е во ред. Сепак, криењето на проблемите и избегнувањето барање помош можат дополнително да го отежнат справувањето со она што ги мачи. Синдром на измама Дури и успешните луѓе понекогаш имаат чувство дека не го заслужуваат она што го постигнале или оти другите ќе откријат дека всушност не се толку способни колку што изгледаат. Ова чувство се поврзува со таканаречениот „синдром на измама“. На социјалните мрежи, таквите поединци може дополнително да ги истакнуваат своите успеси за да ја прикријат сопствената несигурност. „Прегорување“ Некои луѓе однадвор изгледаат како да немаат проблеми и без напор ги усогласуваат работата, семејството, хобито и социјалниот живот. Сепак, одржувањето на таква слика може да бара огромен напор. Постојаната потреба да се остави впечаток на совршенство може да донесе стрес, исцрпеност и, на крајот, прегорување. Споредување со туѓото „совршенство“ Д-р Емануеле укажува на уште еден чест проблем: за тинејџерите, социјалните мрежи можат да поттикнат негативни чувства кон самите себе. Децата кои се сомневаат во сопствената вредност, во објавите на другите луѓе го гледаат токму она што сметаат дека им недостасува. Ако веќе се борат со недостиг на самодоверба, сликите од врсниците кои се забавуваат можат да делуваат како потврда за нивниот сопствен неуспех. „Знаеш дека тоа не те прави среќен, но сепак гледаш“ Саша и нејзиниот пријател Џејкоб (15) се согласуваат дека изложувањето на социјалните мрежи влијае на тоа како се доживуваат себеси и другите. „Знаеш дека тоа не те прави среќен, но сепак гледаш“, вели Џејкоб. Дури и сознанието дека зад тие внимателно одбрани фотографии се кријат проблеми од реалниот живот, не го намалува притисокот што го чувствуваат. Саша се сеќава на едно девојче кое страдало од нарушување во исхраната. „Сите знаевме, состојбата беше толку сериозна што таа заврши во болница, а сепак, секогаш кога ќе објавеше фотографија од плажа на која изгледаше преслабо, сите стискавме „лајк“. Иако знаела дека девојчето е болно, Саша признава дека чувствувала љубомора и посакувала да изгледа така – а потоа се згрозила од сопствената помисла. Како социјалните мрежи влијаат врз менталното здравје на тинејџерите? Постојаното споредување со другите може да ја намали самодовербата. Покрај тоа, сопствениот „совршен“ профил може да стане маска за вистинските проблеми како анксиозноста или депресијата, што го отежнува барањето и добивањето помош. Што можат да направат родителите? Клучно е да не се потценува важноста на онлајн светот за тинејџерите. Разговарајте отворено со вашето дете за тоа како се чувствува додека користи социјални мрежи и охрабрете го да престане да следи профили поради кои се чувствува лошо. Пред сè, понудете му поддршка и разбирање. Како можат да помогнат родителите? Разговарајте со вашите деца за социјалните мрежи, поттикнувајте критичко размислување и потсетувајте ги дека она што го гледаат онлајн не секогаш е верен одраз на реалниот живот. Научете ги дека е нормално да прават грешки, поттикнувајте рамнотежа помеѓу времето поминато пред екранот и активностите во реалниот живот, и обрнете внимание на промените во нивното расположение. Најважно од сè, погрижете се да знаат дека се прифатени и ценети, без оглед на тоа како изгледаат или што објавуваат онлајн. Извор: index.hrКрадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
Шоу бизКим Кардашијан има пет дадилки за своите четири деца: „Една е секогаш на должност“Ким Кардашијан, 45-годишната основачка на брендот „SKIMS“, во ново интервју откри детали за тоа како го организира животот со четирите деца што ги има со поранешниот сопруг, Канје Вест. Заедно ги имаат ќерките Норт (13) и Чикаго (8) и синовите Сејнт (10) и Псалм (7), при што Кардашијан е нивниот примарен старател. Кардашијан за „Тајмс“ откри дека има помош околу грижата за децата, ангажирајќи пет дадилки кои се менуваат. Таа објасни дека „една е секогаш на должност“, додека „останатите четири се менуваат во смени“. Таа секој ден ги вози на училиште И покрај тоа што има помош, Кардашијан вели дека е активно вклучена во секојдневниот живот на своите деца. Таа лично ги вози на училиште и ги зема оттаму секој ден, а секоја вечер заедно вечераат. „Мислам дека сум умерено строга мајка. Многу сум трпелива и им давам многу љубов. Децата сè уште можат да спијат во мојот кревет кога и да посакаат, а јас им читам секоја вечер пред спиење“, рече таа. View this post on Instagram A post shared by Kim Kardashian (@kimkardashian) Таа се грижи за јавното експонирање на децата Во интервјуто, таа се осврна и на прашањето за јавното експонирање на нејзините деца – особено на најстарата ќерка, Норт, која е популарна на „TikTok“ и сè повеќе се занимава со музика. Кардашијан призна дека се грижи за учеството на децата во семејното реално шоу „The Kardashians“. „Секое дете учествува онолку колку што се чувствува пријатно. Помалите деца се појавуваат додека снимам, но немаат некои големи улоги во серијата. Норт ужива во тоа малку повеќе од другите, па морам малку да ја ограничувам“, објасни таа. Таа додаде дека Норт е најмногу заинтересирана за проекти кои нудат јавно експонирање, поради што нејзините родители се обидуваат внимателно да ги избираат можностите што таа ги прифаќа, наместо да се согласуваат на сè што ѝ се нуди. View this post on Instagram A post shared by Kim Kardashian (@kimkardashian) Кога станува збор за музиката, Кардашијан вели дека подобро комуницира со Канје Вест на таа тема. Тие се погрижуваат да бидат усогласени и се осигуруваат дека Норт учествува само во проекти што и двајцата ги одобриле. Извор: Индекс.хрТагови: Ким Кардашијан Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ЕвропаХаос во Франција: Се затвораат до 500 средни училишта, 24 се запалени или вандализираниУчилиштата се затвораат кога не се исполнети безбедносните услови – било поради оштетување на имотот или поради тоа што вработените биле директно загрозени.Францускиот министер за образование, Жан-Мишел Бланке, денес соопшти дека утре целосно или делумно ќе бидат затворени меѓу 400 и 500 средни училишта во Франција поради последиците од насилните студентски протести, додека најмалку 24 училишни објекти биле запалени или вандализирани. „Наставата беше прекината во меѓу 400 и 500 образовни установи во петокот, а веројатно сличен број ќе бидат затворени и во понеделник, иако со делумно и постепено продолжување на наставата“, изјави Бланке, пренесува весникот „Ле Фигаро“. Францускиот министер наведе дека 78 вработени во образовниот систем се повредени откако започнаа протестите. Според него, училиштата се затвораат кога не се исполнети безбедносните услови – било поради оштетување на имотот или поради тоа што вработените биле директно загрозени. Бланке рече дека одредени припадници на крајната левица се приклучиле на протестите, обвинувајќи ги дека го злоупотребиле студентското движење и прибегнале кон насилство. „Ова претставува ризик и за нашиот персонал и за учениците. Повредени се 78 вработени во образованието – нешто што досега не сме го виделе. Тие беа намерно нападнати бидејќи работат во образованието“, изјави министерот. Протести низ Франција Протестите и блокадите на средните училишта започнаа на 17 септември во регионот на Париз, а потоа се проширија низ целата земја. Ситуацијата, како што забележува францускиот весник, ескалираше во четвртокот во неколку француски градови. Петокот беше одбележан со тензии и повеќе од 1.700 приведени лица, со што вкупниот број на приведени од почетокот на неделата достигна околу 5.000. Организаторите повикаа протестите да продолжат и во вторник, наведувајќи дека не добиле „конкретни мерки“ од властите. Учениците што учествуваат во протестите, меѓу другото, бараат повеќе персонал и зголемени средства за образованието, а истовремено се жалат на притисокот од системот за упис на универзитетите, недостигот на наставници-заменици, лошата состојба на училишните згради и преоптоварените распореди на часовите. Извор: Б92Тагови: Франција Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter