МФ: Со новиот Закон за игри на среќа се воведуваат нови правила за giveaway - Канал 5

МФ: Со новиот Закон за игри на среќа се воведуваат нови правила за giveaway

Со новиот Закон за игри на среќа се воведуваат нови правила за giveaway: Дозвола, надоместок и јасно утврдени услови за организирање.

МФ: Со новиот Закон за игри на среќа се воведуваат нови правила за giveaway

Задолжителна дозвола за организирање подарувања (giveaway), надоместок за нивно приредување, јавно објавување на правилата и резултатите, како и јасно утврдени рокови и услови за организирање, се дел од новините што ги воведува новиот Закон за игри на среќа и за забавни игри, кој почнува да се применува од 14 јули. Целта на новото законско решение со кое за прв пат се воспоставува регулирана рамка за приредување на подарувања (giveaway), е да се утврдат јасни правила, обврски и услови за организаторите, како и поголема транспарентност и правна сигурност за учесниците.

Согласно новото законски решенија, за приредување giveaway задолжително ќе се издава дозвола, која се добива по поднесување барање до Министерството за финансии најдоцна 30 дена пред денот определен за започнување на играта.

Доколку организатор на подарувањето е трговец- поединец, кон барањето за издавање дозвола доставува правила на подарувањето, докази за потеклото на наградите, документ за регистрација издаден од Централниот регистар, информација за економско-финансиската состојба врз основа на последната годишна сметка, доколку вршел деловна активност, доказ за платен надоместок за поднесување на барањето во износ од 100 евра во денарска противвредност, како и доказ за подмирени јавни давачки по основ на даноци, царини и придонеси.

Доколку организатор е трговско друштво, покрај наведената документација за трговец-поединец, кон барањето задолжително доставува и документ за регистрација издаден од Централниот регистар, како и потврди од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не му е изречена споредна казна забрана за добивање или одземање дозвола за приредување игри на среќа, ниту привремена или трајна забрана за вршење на дејност за приредување игри на среќа.

Доколку барањето го поднесува трговско друштво во име и за сметка на друго трговско друштво, потребно е да се достави документацијата што се однесува на трговското друштво во чие име и за чија сметка се поднесува барањето.

Законот воведува и обврска организаторот да плати надоместок за приредување на играта во висина од 18 проценти од вкупната вредност на фондот на наградите. Надоместокот се плаќа пред започнување на играта, во рок од три дена од приемот на дозволата, а доколку не биде уплатен во законскиот рок, дозволата се одзема.

Новина е и тоа што правилата на играта задолжително треба јавно да бидат објавени пред започнување на подарувањето, а резултатите, односно добитниците, да бидат објавени најдоцна во рок од три дена од денот на извлекувањето или определувањето на добивките. Паричните и стоковните награди мора да бидат исплатени, односно преземени, во рок утврден со правилата на играта, кој не може да биде подолг од 60 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Со Законот детално се пропишува и содржината на правилата на играта. Тие задолжително треба да содржат податоци за организаторот, производите или услугите што се рекламираат, условите за учество, времетраењето на играта, начинот на извлекување и определување на добитниците, вредноста на наградите и вкупниот награден фонд, начинот на нивно доделување, постапката за приговор, како и забрана за учество на вработените кај организаторот и членовите на нивните потесни семејства.

Времетраењето на една игра на среќа од типот giveaway не може да биде подолго од една година.

Со новиот Закон, за првпат се воведува законска дефиниција за подарување (giveaway). Тоа претставува игра на среќа во која влогот за учество се состои од активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржини, а која се организира од трговско друштво или трговец поединец заради рекламирање на производи или услуги, на вообичаен или електронски начин, преку интернет, мобилни уреди или други платформи.

Законот ги дефинира и поимите „лајкување“ и „тагнување“ како влог за учество во овие игри на среќа. Лајкувањето претставува покажување интерес или позитивна реакција кон одредена содржина, додека тагнувањето претставува означување лице, фотографија или видео, кога таквата активност е услов за учество во играта.

Со воспоставувањето на овие правила се создава единствена законска рамка за организирање на giveaway активности, се утврдуваат јасни обврски за организаторите и се обезбедува поголема транспарентност, правна сигурност и заштита на учесниците при приредување на ваков вид игри на среќа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Салма Хајек стана баба и го откри името на внукот (ВИДЕО)

Салма Хајек (59) стана баба. Нејзиниот посинок Франсоа Пино помладиот и неговата сопруга Лара Козима Хенкел фон Донерсмарк го добија своето прво дете, син кого го крстија Франсоа.

Салма Хајек стана баба и го откри името на внукот (ВИДЕО)

Хајек е во брак со Франсоа-Анри Пино (64), со кого има 18-годишна ќерка, Валентина, и е маќеа на неговите деца од претходни врски - Франсоа (38), Матилда (25) и Огистен (19).

Откри како ќе се вика внукот

Во неделата, актерката сподели видео на Инстаграм во кое го држи внукот во раце и му зборува на шпански. Таа откри дека момчето се вика Франсоа, со што ја продолжува семејната традиција, но и дека веќе му го дала својот прекар - Панчито.

„Благословени сме што ја пречекуваме четвртата генерација во семејството што ќе го носи името Франсоа. Сепак, ќе го викам Панчито. Се чини дека му се допаѓа и не би можела да го сакам повеќе од мене“, напиша Хајек.

Објавени се и првите семејни фотографии.

Мајката на момчето, Лара, објави неколку фотографии од својот син минатата недела, а Салма Хаек со нејзиниот внук е на една од нив.

„Мојот сопруг (најкул Франсоа на светот) и нашиот син (најслаткиот Франсоа на светот)... нашиот прв месец како родители“, напиша Лара покрај фотографиите.

„Секогаш сакав да имам многу деца“

Хаек стана маќеа откако се омажи за Франсоа-Анри Пино во 2009 година. Нивната ќерка Валентина се роди две години претходно, во 2007 година. Со текот на годините, актерката често зборуваше за тоа колку ѝ значи големо семејство.

„Отсекогаш сакав да имам многу деца, но не можев. Чудо е што успеав да родам едно дете. Голем благослов е што мојот сопруг има уште три деца. Значи, јас имам четири и сите се сосема различни“, изјави таа за списанието „Ред“ во 2017 година.

Сега малиот Франсоа, или Панчито, како што Хајек одлучи да го нарече, се придружи на нивното големо семејство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лукашенко доби пушка на подарок: „Не за војна... За безбедност во мир!“

На белорускиот претседател Александар Лукашенко му беше врачена првата целосно белоруска автоматска пушка, „VSK-100B“, за време на неговата посета на претпријатието „Кидма Тек“, дознава Белта.

Лукашенко доби пушка на подарок: „Не за војна... За безбедност во мир!“

Лукашенко посети компанија која развива високотехнолошки производи за воени и цивилни цели, а во таа пригода му беше врачена автоматска пушка „VSK-100B“.

Подарокот беше придружен со плоча со натпис: „Не за војна... За безбедност во мир!“, објави Спутник.

За време на посетата, Лукашенко ја нагласи потребата од развој на борбено оружје со целосна локализација на производството.

Според каналот Телеграм „Пул првого“, белоруското оружје веќе е воведено во арсеналот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Седум последователни земјотреси ја потресоа Гранада- луѓето бегаат во паника (ВИДЕО)

Седум последователни земјотреси ја погодија Гранада денес, принудувајќи евакуација на трговски центри, хотели и станбени згради. 

Седум последователни земјотреси ја потресоа Гранада- луѓето бегаат во паника (ВИДЕО)

Најсилниот земјотрес беше со магнитуда од 4,8 степени со епицентар во Гохар. Три лица беа полесно повредени, а сите медицински прегледи и неитни операции беа привремено прекинати низ целата покраина. Оваа серија потреси следеше по земјотрес со магнитуда од 5 степени што го погоди истото подрачје во саботата, објавува „Ел Мундо“.

Редослед на земјотресите

Главниот земјотрес беше регистриран во 10:37 часот на длабочина од пет километри. Националниот географски институт (IGN) последователно регистрираше уште неколку силни потреси. Во 10:53 часот, земјотрес со магнитуда од 4 степени се случи во Чуријана де ла Вега, а во 12:39 часот уште еден со магнитуда од 4,2 степени со епицентар повторно во Гохар.

Вкупно се регистрирани седум земјотреси, од кои четири имаа магнитуда поголема од 4. Андалузиската влада ја активираше првата фаза од својот план за вонредни состојби за да ги координира сите расположиви ресурси. Градоначалникот на Гранада, Марифран Карасо, изјави за радио „Канал Сур“ дека жителите се многу загрижени и нервозни.

Таа ги повика граѓаните да останат смирени и да добиваат информации исклучиво преку официјални канали. „Нема потреба да се шири паника, но мора да бидеме внимателни“, рече таа.

Евакуации низ целиот град

Бројни јавни и деловни згради беа евакуирани поради земјотресот. Како мерка на претпазливост, администрацијата на Алхамбра ги испразни палатата Назрид и тврдината Алказаба, па посетите на тие делови од комплексот беа привремено прекинати. Посетите на градините Партал и Генералифе продолжуваат како и обично, додека експертските тимови ја проценуваат состојбата на спомениците.

Неколку трговски центри, хотели и деловни згради беа исто така испразнети, поради што стотици луѓе се најдоа на улица. Вработените во локалната телевизиска станица Канал Сур, исто така, мораа да ја напуштат редакцијата и продолжија да ја емитуваат програмата од улицата. Еден млад човек кој бил во продавницата во времето на земјотресот ја опишал ситуацијата на радио: „Луѓето врескаа и трчаа, а полиците паѓаа“.

Здравствени импликации

Во земјотресите, три лица беа полесно повредени од остатоците што паднаа од зградите, а меѓу нив беше и дете кое беше пренесено во болница. Лекарите имаа уште дванаесет интервенции, главно за напади на паника. Итните служби на бројот 112 примиле повеќе од 500 повици.

Здравствената служба на Андалузија (САС) од безбедносни причини одлучи да ги суспендира сите планирани активности во Гранада за вторник попладне, кои вклучуваат медицински прегледи и неитни операции. Одделот за итни случаи и одделенијата за онкологија работат нормално.

Потпретседателот на регионалната влада, Антонио Санц, изјави дека приоритет е безбедноста на граѓаните и персоналот. „Постојано ја следиме ситуацијата и дејствуваме со максимална претпазливост. Безбедноста е наш приоритет број еден и затоа преземаме сите потребни превентивни мерки“, рече Санц.

Први проценки на штетите

Градот Гранада привремено ги затвори сите општински згради и институции. Првите инспекции покажуваат оштетување на корнизите на зградите, но засега нема информации за посериозни структурни оштетувања во самиот град. Четирите училишта каде што се одржуваат летните работилници се проверени и не претрпеле никаква штета, па затоа продолжуваат да работат. Сепак, сите образовни институции ќе бидат детално проверени пред почетокот на учебната година.

Инспекцијата откри структурни оштетувања на здравствените центри Заидин Сур, Заидин Центро, Бола де Оро и Касерија де Монтихо, а експертите ја проценуваат нивната големина. Денешните потреси се продолжение на зголемената сеизмичка активност што беше регистрирана во текот на викендот, кога беа регистрирани повеќе од триесет помали потреси.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер