Медведев се изнервира и им се нафрли на навивачите: Што рече? (ВИДЕО) - Канал 5

Медведев се изнервира и им се нафрли на навивачите: Што рече? (ВИДЕО)

По шокантната елиминација на Данило Медведев на стартот на Мастерсот во Монтреал, на социјалните мрежи се појави видео од рускиот ас кое предизвика бурни реакции кај тениските фанови ширум светот.

Медведев се изнервира и им се нафрли на навивачите: Што рече? (ВИДЕО)

Да потсетиме, првиот светски рекет беше елиминиран од контроверзниот Австралиец Ник Киргиос со 1:2 (7:6, 4:6, 2:6) во второто коло на Монтреал.

На нервозниот Русин повеќе влијаеше однесувањето на публиката, која беше на страната на Австралиецот во текот на целиот меч, отколку поразот.

Во неколку наврати од трибините се слушаа прозивки и навреди против рускиот тенисер, па Медведев беше доста бесен по мечот поради однесувањето на публиката.

По натпреварот, камерата го фати моментот кога навивачите му довикуваат на Медведев додека тој го напушта стадионот. Го обвинија дека е „лузер“, па Русинот се налути и реши да се пресмета со провокаторите.

Русинот налутено му пришол на еден навивач и извикал: „Што рече?!“

Во моментов се чинело дека ситуацијата може да ескалира, но обезбедувањето било присутно и ништо не се случи.

„Не гледај надолу! викна Медведев.

За среќа, на крајот сè заврши мирно. Некои фанови дури побараа од човекот кој го испровоцира Русинот да се извини за неговото однесување.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Божиновска: Иновациите и новите технологии се клучни за посигурен енергетски систем и поконкурентна економија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска го отвори Саемот за енергетика, технологија и иновации „ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026“.

Божиновска: Иновациите и новите технологии се клучни за посигурен енергетски систем и поконкурентна економија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска го отвори Саемот за енергетика, технологија и иновации „ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026“, нагласувајќи дека енергетската транзиција бара стратешко планирање, нови инвестиции, модернизација на инфраструктурата и примена на иновативни технолошки решенија.

Во своето обраќање, Божиновска истакна дека енергетиката денес е многу повеќе од производство и снабдување со електрична енергија – таа е директно поврзана со економската конкурентност, енергетската безбедност, технолошкиот развој и квалитетот на животот на граѓаните.

„Одлуките што ги носиме денес во енергетскиот сектор ќе влијаат врз економијата на утрешнината, нашата отпорност на глобалните кризи и можностите што ќе им ги оставиме на идните генерации“, посочи министерката.

Таа нагласи дека успешната енергетска транзиција не подразбира само промена на изворите на енергија, туку и модернизација на мрежата, поголема енергетска ефикасност, дигитализација, складирање енергија и воведување паметни системи за управување.

Божиновска посочи дека државата располага со значаен потенцијал за развој на обновливите извори на енергија, особено сончевата, ветерната и хидроенергијата. За целосно искористување на овој потенцијал, неопходни се паралелни инвестиции во инфраструктурата и технологиите што ќе обезбедат стабилно и сигурно функционирање на енергетскиот систем.

Посебен акцент стави на улогата на иновациите, дигиталните технологии, автоматизацијата и вештачката интелигенција во унапредувањето на индустриските процеси, намалувањето на потрошувачката на енергија и поефикасното користење на ресурсите.

„Вистинската вредност на иновациите се гледа тогаш кога знаењето се претвора во конкретни решенија – поефикасни компании, подобри услуги, нови инвестиции и поквалитетен живот за граѓаните“, истакна Божиновска.

Министерката ја нагласи и важноста од посилно поврзување на образованието, науката, индустријата и институциите, со цел младите да добијат повеќе можности за практична примена на знаењето, учество во развојни проекти и професионален напредок во државата.

„Како Министерство, остануваме посветени на создавање стабилна и предвидлива регулаторна рамка, поттикнување инвестиции и развој на енергетски сектор што ќе одговори на потребите на граѓаните и стопанството и ќе придонесе за европската интеграција на државата“, нагласи Божиновска.

Таа додаде дека резултатите од енергетската транзиција треба да се оценуваат не само преку реализираните проекти и инсталираните капацитети, туку и преку сигурноста на снабдувањето, конкурентноста на индустријата, поефикасното користење на ресурсите и новите можности за идните генерации.

Со отворањето на „ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026“ беше истакната важноста на континуираната соработка меѓу институциите, бизнис-секторот, научната заедница и младите во создавањето современ, одржлив и конкурентен енергетски сектор.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Естонија планира да изгради околу 150 бункери на границата со Русија

Естонија планира да изгради околу 150 бункери на границата со Русија, како дел од напорите за зајакнување на одбранбената подготвеност, изјави естонскиот министер за одбрана Мартин Херем пред новинари.

Естонија планира да изгради околу 150 бункери на границата со Русија

Бункерите ќе бидат изградени во регионот Ида-Виру, кој граничи со Русија.

Околу 100 бункери ќе бидат поставени на државно земјиште, а приближно 50 на приватни парцели или на земјиште во сопственост на локалните самоуправи, рече Херем, според естонскиот медиум ERR.

Министерот не даде детални информации за тоа како ќе се користат бункерите. Најновите мерки доаѓаат во време кога продолжуваат руските закани кон источното крило на НАТО.

Како одговор на зголемената руска агресија во регионот, балтичките држави во последните години ставаат силен акцент на стратешката подготвеност, поттикнувајќи ја подготвеноста на цивилното население и зголемувајќи ги трошоците за одбрана.

Претставници на НАТО предупредија на навлегувања на руски беспилотни летала, повреди на воздушниот простор, саботажи и други хибридни закани, додека земјите во регионот истовремено ја зајакнуваат својата противвоздушна одбрана. Откако Русија започна целосна инвазија врз Украина, НАТО го зајакна своето источно крило преку распоредување дополнителни трупи и подготовка на план за брз одговор.

Претходно овој месец, естонската војска објави дека трајно ќе премести една борбено подготвена бригада поблиску до руската граница.

Првата бригада треба да биде преместена во новопроширена воена база, оддалечена помалку од 50 километри од руската граница, со цел армијата подобро да се подготви за евентуален руски напад.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Општина Илинден: Извршена есенска дезинфекција и дератизација

Во согласност со Програмата за спроведување општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2026 година, Општина Илинден спроведе есенска акција за дератизација на јавните површини и дезинфекција на јавните објекти .

Општина Илинден: Извршена есенска дезинфекција и дератизација

Во согласност со Програмата за спроведување општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2026 година, Општина Илинден спроведе есенска акција за дератизација на јавните површини и дезинфекција на јавните објекти на територијата на општината.

Во рамки на акцијата, извршена е дератизација на 1.073 шахти на јавните површини, со цел спречување на појавата и размножувањето на глодари. Дополнително, спроведена е дезинфекција на вкупна површина од 3.300 квадратни метри во јавни објекти, меѓу кои општинската зграда и домовите на култура.

Со континуирано спроведување на превентивните мерки, Општина Илинден ја потврдува својата посветеност на зачувување на јавното здравје, одржување на хигиената и обезбедување здрава и безбедна животна средина за сите граѓани. И во наредниот период ќе продолжат активности насочени кон спречување и сузбивање на заразните болести, со посебен акцент на превенцијата и заштитата на здравјето на населението.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер