Македонски полжави се извезуваат и во услови на пандемија - Канал 5

Македонски полжави се извезуваат и во услови на пандемија

Македонски полжави се извезуваат и во услови на пандемија, како лани, така и оваа година, иако количините на откупени полжави оваа пролет се помали споредено со претходните години.

Македонски полжави се извезуваат и во услови на пандемија

Но, откупните цени се зголемени, за разлика од периоди пред коронавирусот. Оваа информација денеска за МИА ја потврди Васко Стевковски од Скопје, откупувач и извозник на ливадски полжави. Извозот е во Србија, Босна, Грција, кадешто се прават специјалитети од полжавите.

Тој информираше дека некогаш се откупувале и по околу илјада тони во државата за една сезона, од сите откупувачи, а сега околу 350 до 400 тони.

Инаку, во Тиквешко деновиве после дожд, можат да се сретнат лица од најразлична возраст кои собираат полжави, или пржајки, како што овде се нарекуваат. Ако продаваат на мало, цената е 30 денари за килограм. На големо, таа изнесува 40 денари. Може да се сретнат и цели семејства кои трагаат по полжави, дури и во градскиот парк во Кавадарци.

Во изјава за МИА, некои рекоа дека собираат полжави за дополнителен приход во домашниот буџет, а други, за да ги приготват и да уживаат во нивниот вкус.

Наместо да ја проколнуваат сиромаштијата, голем број тиквешани по дождот ги сретнавме како собираат полжави. Пешачеле како што ни кажаа и по неколку километри, за да ги наполнат вреќите и кофите. Мажи, жени и деца беа растрчани наоколу. Вреќата на рамото на едно момче изгледаше како да е потешка од него.

-По секој дожд, задолжително излегувам по пржајки. Има, како нема, само треба да ги бараш. Со парите од продажбата крпиме по некоја дупка, што се вели. Се мачиме, ама без мака ништо не бидува. Со кукање не се полни стомакот. Од лежење нема аир. Мора некако да се снаоѓаме, рече еден од оние кои редовно собираат полжави после дожд.

Има и такви полжавари што ги собираат за да ја збогатат семејната трпеза. Велат дека откриле дека месото од полжавите е вкусно и здраво, па ги собираат за да ги јадат. Ако соберат повеќе, ги чистат, ги замрзнуваат во фрижидер за подоцна на неколку пати да се гостат со нив. Ги приготвувале со ориз или ги консумирале варени па пржени или печени. Но, велат дека највкусно е кога од нив ќе се направат ќофтиња.

-Нема повкусно нешто од ќофтиња од мелено месо од полжави. Тоа ни е специјалитет на куќата и нема гостин што ни дошол, а да не бендисал, се пофали тиквешанец.

Искусните полжавари точно знаат каде се бавните животинки кои може да им донесат некој денар плус во домашниот буџет.

-Собирачите на полжави се пример кој ја потврдува старата мудрост дека природата никогаш не ги остава гладни трудољубивите, можете да слушнете во Тиквешко. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Видео: Дали ова е најбизарниот спорт во светот? Натпреварувачки се удираат по задникот

Натпреварувачки се удираат по задникот, дали е ова најбизарниот спорт?.

Видео: Дали ова е најбизарниот спорт во светот? Натпреварувачки се удираат по задникот

Ако мислевте дека сте ги виделе сите можни боречки спортови, Романците најдоа начин да ги изненадат сите. Промоцијата RXF организира натпревар наречен „Booty Slap“, во кој жените се удираат со дланка по задникот.

Форматот е прилично едноставен. Две натпреварувачки стојат една спроти друга и наизменично упатуваат силни шлаканици со отворена дланка по задникот на противничката.

Според тековните правила на RXF, дуелот се состои од вкупно десет шлаканици, а победничката се одредува врз основа на силината на ударот – односно штетата што ја предизвикуваат ударите.

Натпреварувачките мора да имаат најмалку 18 години, а пред мечот нанесуваат специјална супстанца на рацете за да го максимизираат ефектот на шлаканиците. За разлика од класичниот „Power Slap“, целта овде не е да се нокаутира противничката со удар во главата.

Наместо тоа, натпреварувачките се стремат да зададат што е можно посилна шлаканица, принудувајќи ја ривалката да изгуби рамнотежа или едноставно оневозможувајќи ја да ја издржи болката.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Бред Пит ја „загубил“ девојката на свадбата на Тејлор Свифт

Еден од најголемите заводници во Холивуд, актерската ѕвезда Бред Пит откри дека за време на спектакуларната свадба на Тејлор Свифт и Тревис Келси накратко ја изгубил од вид својата девојка, Инес де Рамон.

Бред Пит ја „загубил“ девојката на свадбата на Тејлор Свифт

Еден од најголемите заводници во Холивуд, актерската ѕвезда Бред Пит откри дека за време на спектакуларната свадба на Тејлор Свифт и Тревис Келси – настан одржан на 3 јули во њујоршкиот „Медисон Сквер Гарден“, кој тој го опиша како „свадба на векот“ – накратко ја изгубил од вид својата девојка, Инес де Рамон, на преполниот подиум за танцување.

„Тоа беше неверојатна ноќ“ .

Говорејќи на премиерата на филмот *Heart of the Beast*, актерот раскажа дека тој и Инес поминале „10, можеби 12 часа“ на свадбата, на која присуствувале околу 1.000 гости, истакнувајќи дека тоа била „неверојатна ноќ“.

Поради правилото што им забранувало на гостите да ги користат своите телефони, Пит рече дека накратко ја изгубил Инес од вид во гужвата на подиумот, но брзо ја пронашол со помош на другите гости, додавајќи дека целата прослава била внимателно испланирана, емотивна и многу забавна.

Двојката, која е заедно од 2022 година, ја официјализираше својата врска на Инстаграм за време на свадбата.

Инаку на свадбата на векот меѓу истакнатите гости беа Џиџи Хадид, Бредли Купер, Ед Ширан, Сабрина Карпентер, Хју Грант, групата „Хаим“ и Том Хенкс.

Во меѓувреме, новиот филм на Пит, *Heart of the Beast*, пристигнува во кината на 23 септември, според „Филм-њуз“ (Film-News).

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ФУЕН едногласно ја усвои Резолуцијата на Македонското друштво „Илинден“-Тирана

Федералната унија на европските националности (ФУЕН), на својот конгрес што се одржува во Хелсинки, Финска, денеска едногласно ја усвои Резолуцијата поднесена од Македонското друштво „Илинден“-Тирана.

ФУЕН едногласно ја усвои Резолуцијата на Македонското друштво „Илинден“-Тирана

Овој чин претставува уште еден голем дипломатски и институционален успех за македонското национално малцинство во Република Албанија.

Со усвоената резолуција, ФУЕН упатува четири клучни барања до албанските и меѓународните институции:

1. Ратификација на Европската повелба: Република Албанија итно да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици.

2. Заштита на идентитетот: Да се преземат ефективни и конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет од зачестените притисоци, негирања и асимилација.

3. Зачувување на Општина Пустец: Општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на претстојната нова административно-територијална реформа во Албанија.

4. Преименување: Општина Пустец официјално да се преименува во Општина Преспа.

Веднаш по гласањето на делегатите, претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, во изјава за весникот „Македониум“ го истакна значењето на овој момент.

„Ова е значаен чекор за зачувување на македонскиот јазик, идентитет, култура и сите права на Македонците во Република Албанија. Веќе 11 години, како рамноправна членка на ФУЕН, активно учествуваме во работата на оваа реномирана европска организација и ги застапуваме интересите на нашиот народ. Ова е можност за нови искуства, зајакнување на соработката со другите национални малцинства во Европа и дополнителна афирмација на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиција. Со голем гордост го претставуваме македонското национално малцинство на европско ниво“, изјави Ѓурѓај.

Резолуцијата во најкраток рок ќе биде официјално доставена до сите релевантни албански државни органи, како и до клучните меѓународни и европски институции за заштита на човековите и малцинските права.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер