Македонија по првото полувреме води против Англија (ВИДЕО)

Македонија во 41. минута влезе во водство против Англија со 1: 0.

Со голот на Енис Барди во 41. минута, македонската фудбалска репрезентација на полувреме има предност против Англија со 1:0.

Барди погоди по изведениот пенал досуден по интервенција на ВАР. При една нафрлена топка, Рико Луис го удри Бојан Миовски, па судијата покажа на белата точка, откако ја прегледа видеоснимката.

Натпреварот се игра во Скопје на Националната арена „Тодор Проески“ и е од последното коло во квалификациите за Европското првенство Ц-група.

Англичаните важат за големи фаворити и во овој квалификациски циклус досега имаат шест победи и само еден нерешен резултат.

Натпреварот го следат околу 27 илјади гледачи, од нив 2-2,5 илјади Англичани.

Шолц повика на солидарност со Евреите во Германија на почетокот на празникот Ханука

 Германскиот канцелар Олаф Шолц повика на солидарност и сочувство за Евреите во Германија додека ја палеше првата свеќа по повод почетокот на Ханука, еврејскиот празник на светлината, јави ДПА.

- Ова е особено важно во овој момент, изјави Шолц синоќа во Берлин. - Значи, секој од нас може да им даде моќ на зборовите „Никогаш повеќе“.

Шолц ја запали првата свеќа пред Бранденбуршката порта на висок, девет гранки свеќник Ханука, познат како менора или чанукија.

Канцеларот рече дека е соодветно овој свеќник да стои во срцето на германската престолнина - „како симбол на надеж и доверба и како симбол на неразделната припадност на еврејската вера и еврејските сограѓани кон нашата земја“.

Шолц потсети на терористичкиот напад на палестинското исламистичко движење „Хамас“ против Израел на 7 октомври и на антисемитските инциденти во Германија.

- Не прифаќаме кога нашите сограѓани Евреи треба да се плашат отворено да ја практикуваат својата религија, својата култура, секојдневие, кога тие го користат своето основно право да бидат видливи, право што го имаат сите луѓе во нашето општество, без разлика на различноста, потенцираше Шолц.

Организаторот на настанот, рабинот Јехуда Теихтал ги пофали Германија и Шолц како светлина на демократијата. Пораката на Ханука е „светлина над темнина, демократија над тиранија“, рече рабинот Теихтал. Тој повика: „Повеќе светлина, повеќе радост, повеќе еврејска свест, тоа е нашиот одговор“.

Во последниве недели во Германија беа пријавени стотици антисемитски инциденти.

За време на церемонијата беа преземени засилени безбедносни мерки, а плоштадот пред Бранденбуршката порта беше опколен.

Со Ханука - Празник на светлината или Празник на осветувањето се одбележува повторното осветување на Вториот храм во Ерусалим по бунтот против Грците во 164 п.н.е. и „чудото на светлината“ на свеќата која горела осум дена.

Фестивалот, исто така трае осум дена, годинава до 15 декември. Секој ден се пали нова свеќа на свеќникот на Ханука. /МИА

Атина: Сериозно повреден полицаец и над 400 приведени по инцидентите

Сериозно повреден полицаец и над 400 приведени по инцидентите за време на одбојкарски натпревар во Атина

Еден полицаец е тешко повреден за време на инцидентите што синоќа се случија во атинска населба пред спортска сала за време на одбојкарскиот натпревар Панатинаикос- Олимпијакос, а приведени се над 400 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Повредениот полицаецот е во критична состојба. Тој за време на инцидентите бил погоден во горниот дел од ногата со пиротехничко средство, кое се запалило, по што бил хоспитализиран со неконтролирано крвавење.

Според болницата 31-годишниот полицаец во текот на ноќта претрпел и срцев удар, лекарите успеале да го вратат во живот и состојбата му се стабилизирала, но сè уште е во животна опасност.

Веднаш по инцидентите, натпреварот бил прекинат, полицијата ја затворила салата и забранила излез за навивачите, со исклучок на жени и деца и биле приведени 424 лица.

Од грчката полиција утрово соопштија дека „за време на натпреварот хулиганите излегоа од салата и се движеа заканувачки кон полицајците, фрлајќи предмети, камења, како и пиротехнички средства директно насочени кон полицајците, при што еден е тешко повреден“.

Хулиганите по инцидентот се вратиле на трибините, од каде што е приведена големата група од над 400 лица, кои и се задржани во Дирекцијата за миграција и се врши целосна проверка на личните податоци, се земаат изјави и слично.

- Горенаведената постапка е под надзор на Обвинителството, ќе биде завршена во следниот период и се следи, бидејќи постојат силни индиции дека меѓу приведените се и сторителите на нападот, соопштија од грчката полиција.

Додадоа дека на стадионот се пронајдени и одземени облека, остатоци од импровизирани запаливи средства, нож на преклоп, остатоци од опожарена облека, петарди и пиротехнички материјали.

Грчките медиуми пишуваат дека инцидентите биле меѓу навивачи на Олимпијакос и полицијата, а навивачите ги нападнале полицајците со молотови коктели и разни предмети, како и со пиротехнички средства.

Министерот за заштита на граѓаните Јанис Иконому во текот на ноќта ја посети болницата каде што е хоспитализиран полицаецот и порача дека нема да остане неказнет убиствениот напад од хулиганите. /МИА

Се празнува Св. Климент Охридски - изворот на нашата духовност и образование

 Со низа настани денеска во земјава ќе биде одбележан 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски, и патронен празник на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија.

Во Собранието на Република Македонија ќе биде доделена државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.

Согласно одлуката на Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2023 година, годинашен добитник за остварување во областа на воспитанието и образованието е проф. д-р Рабије Мурати, универзитетски професор, а за остварување во областа на културата и уметноста е филмскиот режисер Антонио Митриќески.

Владата на Република Македонија, под мотото „Свети Климент Охридски, извор на нашата духовност и образование", со пригоден настан ќе го одбележи државниот празник, 8 Декември - Свети Климент Охридски. Централниот настан за одбележување на празникот ќе се одржи во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Одбележувањето на државниот празник ќе започне во 10:45 часот, со положување цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски на платото пред НУБ „Свети Климент Охридски“. Владината делегација ќе ја предводи претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, а во состав на делегацијата ќе бидат Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик-министерка за правда и Беким Реџепи, заменик-министер за транспорт и врски.

Во 11:00 часот во НУБ „ Свети Климент Охридски“, започнува свечениот настан за одбележување на државниот празник, на кој ќе се обрати премиерот Ковачевски.

МПЦ-ОА со празнични богослужби го одбележува својот патрон. Празнувањата почнаа во изминатите денови, а продолжуваат денеска со божествени литургии во храмовите. Во Скопје ќе има едноцрквие во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ каде ќе биде одржана архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.

Денешниот ден е прогласен за дражвен празник и е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

притисни ентер