Лидерите на земјите членки на ЕУ едногласно го одобрија новиот договор за Брегзит

Лидерите на 27 земји членки на Европската Унија на денешниот состанок едногласно го одобрија новиот ревидиран договор за излез на Британија од Унијата.

,,Европскиот совет го поддржува договорот за повлекување на Велика Британија од Европската унија, како и од Европската заедница за атомска енергија. Врз основа на ова, Европскиот совет ги повикува Комисијата, Европскиот парламент и Советот да ги преземат неопходните чекори за да се обезбеди договорот да стапи во сила на 1 ноември 2019 година за да се обезбеди регулиран излез “, се вели во заклучоците договорени од лидерите на 27 земји-членки.

„Ние се ближиме до крајот на процесот, сега чекаме на гласање во Европскиот и британскиот парламент“, рече Доналд Туск на прес-конференцијата.

Британскиот парламент во сабота ќе одржи вонредна седница околу постигнатиот договор.

„Ние сме подготвени за ратификација, политички и технички, сега топката е на британска страна.“, додаде Туск.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, рече дека она што е договорено е „повеќе од договор, дека тој обезбедува правна сигурност за проблемите создадени од Брегзитот.

Лидерите на ЕУ27, исто така, го поддржаа текстот на политичката декларација за идните односи на ЕУ и Велика Британија.

„Европскиот совет ја повторува решеноста на Унијата да воспостави што е можно поблиско партнерство со Велика Британија во согласност со политичката декларација“, се вели во заклучоците.

Преговарачите на ЕУ и Велика Британија денеска постигнаа нов договор , неколку часа пред почетокот на самитот на ЕУ, заменувајќи го „задниот дел“ за да се избегне тврда граница на ирскиот остров меѓу Република Ирска и британската провинција Северна Ирска.

Новиот договор го смени „најдобриот и единствениот можен договор“, како што европските официјални претставници го нарекоа договорот за разидување постигнат минатиот ноември со тогашната премиерка Тереза ​​Меј. Во врска со тој договор, протоколот во врска со Северна Ирска беше изменет , а сите други одредби останаа исти.

За Велика Британија, најспорниот елемент, заштитниот механизам за избегнување на тврда граница на ирскиот остров, сега е заменет со нов пристап.

Ревидираниот протокол на Северна Ирска ја штити „сеопфатната економија“ на ирскиот остров, мировниот договор од ,,Велики петок” во сите негови димензии и го зачувува интегритетот на единствениот пазар, рече европскиот преговарач Мишел Барние.

Според новиот договор, Северна Ирска ќе остане во согласност со ограничен пакет правила на ЕУ за да се избегне тврда граница на островот: ќе се применуваат европски закони за стоки, санитарни и ветеринарни контроли, правила за земјоделски производи, данок на додадена вредност и акцизи , правила за државна помош.

Двајца загинати во тешка сообраќајна несреќа на патот Радовиш-Штип

Во сообраќајната несреќа што се случи на магистралниот пат Радовиш-Штип загинаа двајца возачи, а сопатничка од едното возило е пренесена во штипската Болница.

Веста за МИА ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, која информираше дека во несреќата учествувале автомобили „пасат“ и „опел“.

- На местото на несреќата починале возачите на двете возила, а сопатничка од патничкото возило „опел" е пренесена во Медицински центар Штип, изјави Трајанова.

Увид на местото на несреќата врши јавен обвинител, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат.

Од полицијата повеќе детали за несреќата најавуваат за утре.

Во ЕУ 7,1 отсто од вработените работат 49 или повеќе часа неделно, најмногу во Грција

Во Европската унија во 2023 година, 7,1 отсто од вработените работеле 49 или повеќе часа неделно, што спаѓа во долго работно време, покажуваат податоците објавени од Евростат.

Од земјите на Европската унија најголем удел на работници со долго работно време има Грција, поточно 11,6 отсто, потоа Кипар со 10,4 отсто и Франција со 10,1 отсто.

Најмал удел на вакви работници е забележан во Бугарија, 0,4 отсто, како и во Литванија и Летонија, по 1,1 отсто.

Речиси една третина од самовработените или поточно 29,3 отсто од оваа категорија работат 49 или повеќе часа неделно, додека кај вработените овој процент е значително помал и изнесува 3,6 отсто.

Долгите работни часови најчесто се застапени кај квалификуваните работници во земјоделството, шумарството и рибарството, како и кај менаџерите.

Како што пренесува порталот Статиста, вработените со полно работно време во Европската унија во првиот квартал од 2023 година работеле во просек по 40,4 часа неделно.

Истражителка на ОЈО Скопје за компјутерски криминал со меѓународно признание од ИЛЕА

Меѓународната академија за спроведување на законот (ИЛЕА) во Будумпешта додели признание за работата и постигнувањата на Марина Пешовска, истражителка за компјутерски криминал од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје.

Пешовска беше избрана како финалист во категоријата “оперативен успех” поради успешна примена на вештините за дигитална форензика во борбата против локалниот и транснационалниот сајбер-криминал.

Успехот на Истражниот центар го истакна и Амбасадата на САД во Скопје. “Американската амбасада е горд партнер на Основното јавно обвинителство Скопје во неговата борба против компјутерскиот криминал и промоцијата на одговорноста”, објави Амбасадата на САД во Скопје за признанието од ИЛЕА.

Пешовска е еден од 17-те истражители во Истражниот центар на ОЈО Скопје.

Истражниот центар е своевидно јадро на обвинителството и бројот на предмети во кои постапувале истражителите за една година е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји.

Најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО Скопје е донација од Амбасадата на САД, соопштија од Обвинителството.

притисни ентер