Двајца загинати во тешка сообраќајна несреќа на патот Радовиш-Штип - Канал 5

Двајца загинати во тешка сообраќајна несреќа на патот Радовиш-Штип

Во сообраќајната несреќа што се случи на магистралниот пат Радовиш-Штип загинаа двајца возачи, а сопатничка од едното возило е пренесена во штипската Болница.

Двајца загинати во тешка сообраќајна несреќа на патот Радовиш-Штип

Веста за МИА ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, која информираше дека во несреќата учествувале автомобили „пасат“ и „опел“.

- На местото на несреќата починале возачите на двете возила, а сопатничка од патничкото возило „опел" е пренесена во Медицински центар Штип, изјави Трајанова.

Увид на местото на несреќата врши јавен обвинител, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат.

Од полицијата повеќе детали за несреќата најавуваат за утре.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ГРОМ најостро се спротивставува на заложбата на премиерот и гувернерот на Народната банка за укинување на вториот пензиски фонд

ГРОМ најостро се спротивставува на заложбата на премиерот и гувернерот на Народната банка за укинување на вториот пензиски фонд и префрлање на парите од истиот во првиот пензиски фонд.

ГРОМ најостро се спротивставува на заложбата на премиерот и гувернерот на Народната банка за укинување на вториот пензиски фонд

Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ најостро се спротивставува на заложбата на премиерот и гувернерот на Народната банка за укинување на вториот пензиски фонд и префрлање на парите од истиот во првиот пензиски фонд.

Откако премиерот Мицкоски се задолжи една милијарда во Унгарија и непродуктивно ја потроши за правење тротоари и плоштади, полека, но сигурно, се исцрпуваат можностите за фрлање лопати и сечење ленти.

Лопаташтвото е единствената негова политика, па затоа сега му треба нова милијарда, не водејќи сметка за најстратешкиот и еден од најважните системи во државата, покрај безбедносниот и здравствениот, а тоа е пензискиот систем.

Да потсетиме, оваа реформа и формирањето на вториот пензиски фонд се направени како резултат на долгогодишна анализа на ММФ и Светската банка. Истите анализи покажуваа дека ако не се реформираме, за 30 години ќе треба целиот државен буџет да го даваме за пензии или, пак, драстично да се намалат истите.

Првиот пензиски столб е генерациски. Тоа значи дека од вашите придонеси се исплаќа пензијата на вашите родители, а со придонесот уплатен од вашиот син или ќерка ќе се исплаќа вашата пензија. Во случај на смрт на осигуреникот во првиот пензиски фонд, парите се губат, а во вториот тие му припаѓаат на семејството и истите средства се зголемени со капитализирана камата. Во првиот пензиски систем нема камата на средствата.

Славески и Мицкоски овие пари не смеат да ги пипнат, бидејќи тие се приватна сопственост. Тоа е исто како да посегнете по штедните влогови на граѓаните во комерцијалните банки. За да дојдеме до ова дереџе, вината е исклучиво и само исклучиво кај раководствата на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашуваме: откако е воведен вториот пензиски фонд, на 01.01.2006 година, колку пати ВМРО-ДПМНЕ направи законски измени со кои сè повеќе и повеќе се зголемуваше дефицитот во истиот, само и само популистички да им се додвори пред избори на одредени целни групи?

Па така, првиот удар е нанесен кога ставката на придонес за ПИОМ од 23% е намалена на 18,8%. Тоа значи годишно 4,2% помалку приходи во фондот.

Колку пати ВМРО-ДПМНЕ предизборно вметнуваше во фондот пензиски стечајци и технолошки вишоци, а за истите придонеси во фондот не беа уплатени?

Кој дозволи полицајците да одат во пензија со најдобрите 10 години, а на сите останати осигуреници да им се зема просек од 40-годишното работење?

Кој зголемуваше пензии предизборно надвор од законски пропишаната формула?

И што сега?

Одговорот е: олеле мајко, немаме пари.

ГРОМ најостро се спротивставува на каква било интервенција во вториот пензиски столб, затоа што средствата што ќе ги земат ќе ги потрошат за две години, а потоа идните генерации нема да имаат ни третина од денешните пензии. Тоа значи дека ќе бидат социјални случаи.

Ова јасно укажува дека ВМРО-ДПМНЕ цело време зборува за стратешки интерес, а со своето однесување го загрозува истиот. Ние тврдиме дека поголем стратешки интерес од стабилни пензии на долг рок не постои.

Неодговорноста, популизмот и расипништвото се фабричка маана на владејачката партија. Секој нов ден поминат на власт со овие луѓе е ненадоместлива штета за иднината на нашите деца.

Цениме доколку истото биде споделено со јавноста преку вашиот ценет медиум

Центар за комуникации на ГРОМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сомнеж за „местенка“, Марез од Алжир „призна“ дека натпревар од Светското првенство бил наместен?!

Најдобриот фудбалер на Алжир, Ријад Марез, се најде во центарот на скандал откако неговата изјава на крајот од натпреварот против Австрија ги разгоре сомнежите за договорот-,местенка.

Сомнеж за „местенка“, Марез од Алжир „призна“ дека натпревар од Светското првенство бил наместен?!

Мечот Алжир- Австрија по возбудливата завршница финишираше со реми од 3-3, што им гарантираше на Алжир и на Австрија место во осминафиналето на Светското првенство, но начинот на кој тоа беше постигнато предизвика бројни контроверзии.

Натпреварот влезе во напната завршница откако Марез постигна гол во 93-тата минута за водство на Алжир од 3-2. Со тој резултат, Австрија ќе беше елиминирана од натпреварувањето, а Алжир ќе имаше исклучително неповолен ждреб во осминафиналето бидејќи ќе игра против Шпанија.

Сепак, само три минути подоцна, во шестата минута од судиското продолжение, Австријците израмнија, а алжирската одбрана делуваше крајно пасивно.

Сомнежите за регуларноста беа дополнително засилени откако се појавија видеа на кои се гледа како соиграчите на Марез се жалат и го критикуваат веднаш по постигнувањето на голот за 3:2. Наместо да ја смири ситуацијата, изјавата на Марез за медиумите практично ги потврди сомневањата дека постоел премолчен договор за резултат што им одговара на двата тима.

YouTube video

„Ја раширивме играта, а тие се повлекуваа. Но, во последен момент некој ја турна топката низ средината. Морав да трчам, морам да го почитувам фудбалот. Знам дека е малку срамно, но вистина е. Топката дојде пред голманот и морав да шутирам, морав да се обидам да постигнам гол“, рече Марез, продолжувајќи со ист тон: „Знам дека беше срамно, но тоа е фудбалот. Морам да го почитувам. И добро е - добро за нив - што на крајот постигнаа гол и поминаа понатаму. И двата тима поминаа понатаму и тоа е најважното нешто.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Врачени највисоките фестивалски признанија на 65-тите Струшки вечери на поезијата

Со врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“ и „Браќа Миладиновци“, и меѓународното поетско читање „Мостови“ вечерва на Мостот на поезијата во Струга заврши 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата.

Врачени највисоките фестивалски признанија на 65-тите Струшки вечери на поезијата

Наградата „Златен венец“ на холандската поетеса Анеке Брасинга ѝ ја врачи в.д. директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш.

Претседателката на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, Наташа Аврамовска, ѝ ја додели наградата на Николина Андова Шопова за збирката „Во куќата“. Наградата се доделува за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата.

Во рамките на фестивалската програма, на Даниел Хајндс од Обединетото Кралство му беше врачена наградата „Мостови на Струга“, што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата ја доделуваат за најдобар поет-дебитант за стихозбирката „Нови познати фрази“. Наградата „Стојан Христов“ за 2026 година, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и Агенцијата за иселеништво му беше доделена на Ибраим Џемаил – Скарабеус за книгата „Патешествие низ времиња“.

Уметничкиот директор на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски оцени дека овогодишното издание беше успешно реализирано со околу 50 настани, богата програма и учество на значајни домашни и странски автори.

„Веројатно публиката тоа подобро ќе го оцени и сите оние кои присуствуваа на педесеттината настани кои беа дел од овогодишното издание на фестивалот. Несомнено е дека имавме успешен фестивал, ако се погледнат работите кои сме ги направиле во пресрет на изданието и кои беа реализирани. Од исклучителните творци кои ги поканивме оваа година и кои учествуваа, покрај лауреатката Анеке Брасинга, тука беше Даниел Хајнс, Михаел Кригер, Шји Чуан и шкотскиот национален поет Питер Мекеј...“, посочи Стефоски.

Тој ја нагласи и континуираната соработка со 35 фестивали во Европа во рамките на платформата „Версополис“, преку која се промовираат поети кои се сметаат за значајни идни гласови на европската поетска сцена. Оваа година во рамки на програмата учествуваа Ален Бешиќ од Србија и Гаја Џованоли од Италија, со тројазични избори од нивното творештво.

Враќањето на фестивалот во неговиот оригинален термин, според Стефоски, претставува позитивен чекор, кој не само што не го намалил квалитетот, туку придонел за подобра организација и за развој на дополнителни содржини. Тоа, подвлече,овозможува и понатамошно сообразување на фестивалот со современите културни текови и отворање кон нови модели на соработка со образовните институции, како универзитетите, основните и средните училишта, со цел развој на публика за книжевноста и за поезијата.

На 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата, учествуваа околу 70 поети од земјава и странство. Учесниците на фестивалот од Струга уште еднаш ја испратија пораката дека поезијата е универзален јазик без граници, кој ги обединува луѓето и народите од сите страни на светот.

Манифестацијата почна во средата со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на добитничката на „Златен венец“ и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата. Струшките вечери на поезијата се одржуваат под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, а финансирани се од Министерството за култура и туризам.

Според фестивалската програма, во рамките на „Поезијата на пат“, утре „Поетско матине“ ќе се одржи во винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер