Левица: Гостивар не се соочува со обичен дефект, туку со сомнение за свесно загрозување на јавното здравје - Канал 5

Левица: Гостивар не се соочува со обичен дефект, туку со сомнение за свесно загрозување на јавното здравје

Информациите дека преку пумпи поставени во коритото на Вардар била црпена вода и директно внесувана во водоснабдителниот систем на Гостивар отвораат сомнение за исклучително тешко и неодговорно постапување. 

Левица: Гостивар не се соочува со обичен дефект, туку со сомнение за свесно загрозување на јавното здравје

Површинска речна вода не смее непосредно да се вбризгува во мрежа наменета за вода за пиење. Пред воопшто да влезе во системот, таа мора да помине низ соодветен технолошки процес на прочистување, дезинфекција и контрола на нејзината хемиска и микробиолошка исправност. Доколку таков третман не постоел или бил заобиколен, тогаш не станува збор за техничка импровизација, туку за свесно внесување непроверена вода во инфраструктура од која директно зависи здравјето на десетици илјади жители.

Последиците не се ограничуваат само на водата што во тој момент истекла од чешмите. Доколку загадена вода навлегла во главниот цевковод, постои сериозен ризик да бидат контаминирани примарната и секундарната мрежа, домашните инсталации, славините, бојлерите, резервоарите и другите делови од системот во кои водата се задржува. Токму затоа не е доволно водоснабдувањето едноставно повторно да се пушти по еден поволен примерок. Потребни се целосно испирање и дезинфекција на мрежата, повеќекратни анализи од различни точки и временски интервали, како и јасни упатства за домаќинствата, училиштата, градинките, угостителските објекти и здравствените установи. Ако загадувањето е од повисок степен, изложеноста не мора да настане само со пиење – ризик може да постои и при миење, капење и друг контакт со водата, особено за кожата и очите.

Во такви околности, тврдењето на директорката дека заболувањето потекнувало од храна е неодговорен обид за прејудицирање на истрагата и растоварување на сопственото претпријатие и одговорност. Изјавата дека меѓу заболените имало лица што пиеле флаширана вода не го исклучува водоводниот систем, бидејќи водата од чешма се користи за подготовка и миење храна, миење садови, лична хигиена и голем број други активности.

Доколку се потврди дека пумпите биле поставени и дека преку нив без претходен третман била внесувана вода во системот, кривичната одговорност мора да се утврдува по целиот управувачки и команден синџир. Не е доволно да се пронајде работникот што ја вклучил пумпата. Мора да се утврди кој ја донел одлуката, кој ја одобрил, кој го определил местото од кое ќе се црпи водата, кој бил должен да ја провери нејзината исправност, кој знаел дека не постои соодветен третман и кој, и покрај тоа, дозволил водата да стигне до домовите на граѓаните. Во најмала рака, директорот на јавното претпријатие задолжено за водоснабдувањето морал да знае за ваква интервенција во главниот систем или бил должен да знае и да ја спречи.

Обвинителството не смее да остане во позиција на пасивно чекање на конечниот лабораториски наод. Резултатите од водата се неопходни за утврдување на причинителот, но доказите за тоа кој поставувал пумпи, кој издавал наредби и под кои услови се внесувала вода можат и мораат веднаш да се обезбедат.

Левица бара итно времено отстранување на одговорните лица од ЈП „Комуналец“ Гостивар и од сите позиции преку кои можат да влијаат врз доказите, целосна независна анализа на водата и мрежата, јавно објавување на сите наоди и детална истрага за улогата на раководството на претпријатието и Општина Гостивар.

Оваа катастрофа уште еднаш покажа дека корупцијата, неспособноста, импровизацијата и институционалниот фушерај немаат етничка припадност. Кога системот ќе потфрли, законите ќе се заобиколуваат и јавните претпријатија ќе се управуваат без одговорност, последиците не ги избираат своите жртви според тоа дали се Македонци, Албанци, Турци или припадници на која било друга заедница. Загадената вода тече низ истите цевки до секој дом, а институционалната негрижа подеднакво го загрозува здравјето на секој граѓанин.

Токму затоа е крајно лицемерно со години да се користи етничката реторика како средство за прикривање на сопствената неспособност и корупција. Додека јавноста се дели по етнички линии, криминалот, неодговорното управување и распадот на институциите несметано ги погодуваат сите. Единствената поделба што денес навистина постои не е меѓу Македонци и Албанци, туку меѓу граѓаните кои ги трпат последиците и политичко-бизнис елитите кои со години управуваат без одговорност.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: Нема трета економија во Европа кога 73% од граѓаните имаат платa под просечната

Каква„трета економија во Европа“ на Мицкоски кога над 73% од граѓаните земаат плата под просечната?

СДСМ: Нема трета економија во Европа кога 73% од граѓаните имаат платa под просечната

Податоците на УЈП ја разобличуваат владината пропаганда. Нема трета економија во Европа. Има 73% од граѓаните со плата под просечната и власт која душмански го ограбува народот.

Половина од вработените, односно 50%, заработуваат меѓу 24.000 и 36.000 денари месечно.

По две години власт на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, животниот стандард е целосно урнисан. Граѓаните осиромашуваат, платите се меѓу најниските во Европа, а народот живее многу полошо отколку пред две години.

Минималната синдикална кошничка веќе изнесува околу 70.000 денари. Тоа значи дека на половина од вработените не им се доволни ниту две плати за да ги покријат основните животни трошоци на едно семејство.

Тоа е реалноста зад приказните на Мицкоски за наводни економски успеси: најголемиот дел од работниците едвај врзуваат крај со крај.

Животот стана прескап. Платите не го следат растот на цените, храната станува луксуз, а сметките се сè повисоки.

Прекинувањето на растот на платите и одбивањето на Владата на Мицкоски да ја зголеми минималната плата на 600 евра директно ги турка работниците и нивните семејства во сиромаштија.

Кризата не стивнува. Поскапувањето на горивата е нов тежок удар врз семејните буџети, кој ќе предизвика дополнително зголемување на цените на храната, транспортот и другите основни производи.

Додека народот осиромашува, финансиски добро живеат само Мицкоски и ВМРО, кои се богатат на грбот на граѓаните преку криминални тендери.

Скопје, 18.07.2026

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Средба на министерот Муцунски со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау

Во рамките на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Кристофер Ландау.

Средба на министерот Муцунски со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау

Во разговорот соговорниците ја потврдија заедничката определба за натамошно зајакнување на стратешкото партнерство и билатералната соработка, во интерес на граѓаните на двете земји.

Фокусот на средбата беше ставен на унапредувањето на соработката во областа на одбраната и сојузништвото во НАТО, економијата, енергетиката и регионалната поврзаност.

Беа разменети мислења и за состојбите во регионот, како и за значењето на континуираниот ангажман на САД за мирот, безбедноста и просперитетот на Западниот Балкан.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Видео- Фото: Дурант го направи најскапиот селфи на Светското првенство: Меси, Ѓоковиќ, Брејди...

Мајкл Рубин, американски бизнисмен чие богатство се проценува на 12 милијарди долари, објави селфи на кое е во друштво на голем број ѕвезди од светот на спортот и шоу-бизнисот.

Видео- Фото: Дурант го направи најскапиот селфи на Светското првенство: Меси, Ѓоковиќ, Брејди...

Фотографијата, која веднаш привлече светско внимание по објавувањето, е направена за време на фестивалот Фанатикс, глобалната дигитална спортска платформа на Рубин.

За селфи да ја опфати оваа поголема група, потребен беше некој со долги раце...

Изборот беше лесен: Кевин Дурант, еден од најголемите кошаркари на НБА во последната деценија, со телефонот во рака (стапчето за селфи беше излишно), го овековечи овој навистина незаборавен момент.

Дурант се „улови“ себеси, најтрофејниот свтески тенисер Новак Ѓоковиќ, капитенот на Шпанија Родри, легендата на американскиот фудбал Том Брејди, аргентинскиот голман Емилијано Мартинез, раперот Тревис Скот, екс фудбалерот на Манчестер Јунајтед и на англиската репрезентација Рио Фердинанд, волшебникот со буба мара Лионел Меси, Рубин и комичарот Кевин Харт.

На втората фотографија, која е направена од друг агол и го прикажува моментот на правење на селфито, во кадарот се и селекторите на Аргентина и Шпанија, Лионел Скалони и Луис де ла Фуенте.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер