На педесетина метри, возила на брзата помош брзаат да му помогнат на друг маж, заробен во автомобил кој го згмечил блиндирано возило.
Ова се само дел од трагите што ги оставија руските воени единици кога влегоа во Киев, град со околу 3 милиони жители каде што денеска започнаа борбите, 24 часа по почетокот на масовната руска инвазија на Украина.
Во текот на утрото пукотници и експлозии ја потресоа станбената област Облом. Најсилната од нив одекнала на седум километри од центарот на градот.
Во голема збунетост, жителите, затворени во своите домови, решаваат да излезат надвор за да ја утврдат штетата и да им помогнат на ранетите.
Некои од нив изјавија за агенцијата Франс прес дека виделе тела кои се чини дека ги убиле руски војници. Агенцијата вели дека не можела да им пријде на тие жртви поради забраната што ја вовела украинската армија.
„Две борбени возила на пешадијата со скриени регистарски таблички се движеа по патот. Не го видов знакот на единицата“, изјави Еуген Налутаи (39) за АФП.
„Едниот се сокри во подземен премин, а другиот продолжи право, а потоа влегов во дворот на една куќа кога го изгубив од вид. Луѓето побегнаа“, додаде тој.
Друг жител на населбата, Виктор Бербах (58), рече дека оклопните возила намерно уништиле еден автомобил. „Тоа не беше несреќа, тоа беше за забава“, тврди тој.
Украинското Министерство за одбрана на Фејсбук објави дека се работи за единици на руските специјални сили кои се во „диверзантска“ извидничка мисија.
Украинските сили рано утрото го потврдија пристигнувањето на руски оклопни возила на две локации, Димер и Иванкив, лоцирани на 45 и 89 километри северозападно од Киев.
Украинската армија вели дека ги потиснала, но руските сили доаѓаат и од североисток, а неколку часа подоцна повеќе руски оклопни возила биле во главниот град.
„Бараме граѓаните да не информираат за движењето на непријателот, да направат молотови коктели, да го неутрализираат окупаторот“, им порачаа на граѓаните од украинското Министерство за одбрана.
Но, кругот на руската армија опасно се стега околу Киев, каде што широките авении и густо населените згради навестуваат крвави битки доколку руските сили решат да нападнат.
Во областа Позниаки, десеткатница останала без прозорци по експлозијата.
Сергиј Розески, жител на населбата, мисли дека се работи за ракета или за пресретнување на ракета. „Да беше авион, објаснува тој, ќе беа пронајдени делови“, објави АФП.